Американскиот бренд претстави четири специјално дотерани примероци од најсилната изведба на Fiesta, на овогодинешниот автомобилски саем за тјунинг во Лас Вегас.
Првиот примерок е COBB Tunig and Tanner Foust Racing Fiesta ST, обоен во црна и сива дигитална камуфлажа, многу слична на онаа која ја користи војската. COBB го опремиле автомобилот со нов издувен систем и довод за ладен воздух, како и карбонски поклопец на моторот и Kicker аудио систем.
Вториот модел е дело на MRT, a e инспириран од видео играта Forza Motorsport 5. Тој се одликува со двобојна зелено-портокалова комбинација на бои и повеќе надградби на перформансите. Тука се вклучени нов издувен систем, систем за довод на воздух, прилагодлива H&R суспензија и посилни сопирачки.
Најшарениот примерок е дело на компанијата Ice Nine и е обвиен во уникатна фолија. Седумнаесет инчните Braid фелни ја дополнуваат сликата за рели автомобил, додека карбонската хауба и спојлерот ги заокружуваат естетските промени.
Четвртиот модел изгледа како плод на љубовта помеѓу Mustang Boss 302 и Fiesta ST. Двобојната шема од светло црвена боја на каросеријата и деталите на 19-инчните Pinzette-M Forgiato фелни, во комбинација со црни линии, е во стилот на Boss 302, а истата продолжува и во кабината. Моделот се разликува од стандардниот и со новиот бодикит од 3dCarbon и AirDesign, кој содржи поиспакнат преден сплитер, нови странични прагови и поинаков заден дифузер, како и поголем кровен спојлер.