Игор Стефановски во потера по победа во Бузет – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Игор Стефановски во потера по победа во Бузет

Најдобриот македонски автомобилист, Игор Стефановски Иџе, наредниов викенд ќе настапи на последната трка од Европското првенство на ридски патеки во Бузет, Хрватска.

Со настапот на претстојната трка, Стефановски ќе ја заокружи сезоната онака како и што ја почна – во друштво со најдобрите европски возачи на ридско-брзински патеки. Целта е да се докаже дека набавката на новото возило – Mitsubishi Lancer EVO IX и освојувањето на шампионската титула во групата N во рамките на Централно-европската зона на ФИА (ФИА ЦЕЗ шампионатот) го приближија чекор поблиску до главната цел и приоритет за наредната година – континуиран настап на Европското првенство и јуриш кон европските трофеи!

„Бузет е една од најлегендарните патеки од овој спорт како во регионот, така и во европски рамки. Има феноменална атмосфера од тамошната публика, перфектна организација и најсилна можна конкуренција. Ќе учествува целата европска елита од овој спорт бидејќи е последна трка од ЕП и ќе биде решавачка за шампионските титули. Одиме во Хрватска да видиме колку сме напредувале“ – вели Стефановски.

1

Остварувањето на сонот за настап во Европскиот шампионат на ридски патеки како најреномирано и најсилно натпреварување почна со набавката на новото возило. Моќното возило, набавено од поранешниот европски шампион, Петер Јурена од Словачка, му овозможи да биде конкурентен со најдобрите европски возачи на ридски патеки и со апсолутните победи на трките на Водно, Малачка (Хрватска) и Цазин (БиХ) лесно ја обезбеди титулата во групата N во рамките на ФИА ЦЕЗ шампионатот.

Премиерниот настап во сезоната со новото Mitsubishi, Стефановски го имаше во април, во австрискиот Рехберг на втората трка од Европскиот шампионат и му послужи како тестирање на возилото во рамките на конкуренцијата. За жал, во првото возење имаше мал пех и мало излетување, но затоа во второто го постигна најдоброто време во групата N што беше доволно за петто место во конкуренција на 18 возила. Тоа беше историски момент за македонскиот автомобилизам бидејќи беа освоени први бодови на некоја трка од ЕП. Сепак, екипата не беше целосно подготвена за континуиран настап во рамките на ЕП и затоа во продолжението од сезоната Стефановски се фокусираше на учење на новото возило, неговите спецификации и различни прилагодувања.

„Најголем сон и врвен приоритет во кариерата ми е целосен настап на Европскиот шампионат на ридски патеки како највисоко ниво во овој спорт во Европа. Конечно, напорите вродија со плод со набавката на новото возило, кое е најдобро во својата група и е главен предуслов да се биде конкурентен на ЕП. Оваа година повеќе се подготвувавме, но затоа, догодина планот е да настапуваме на што поголем број трки од ЕП со што би можеле да се вмешаме во битката за врвот во генералниот пласман. Веќе забрзано работиме на тој план и се надеваме дека преку спонзорите ќе успееме да ја затвориме финансиската конструкција и достојно да ја преставуваме Македонија на европскиот асфалт“ – дополнува популарниот Иџе.

3

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО НА РИДСКИ ПАТЕКИ

Европското првенство е едно од трите натпреварувања на ридски патеки кои се во организација на ФИА покрај Европскиот Куп и ФИА Челенџ купот. Се работи за најквалитетното и најврвното натпреварување во оваа дисциплина во Европа. Се состои од 13 трки кои се возат во 11 земји.

Натпреварувачите се поделени во две категории и за секоја се прогласува европски шампион. Категоријата 1 се туристичките автомобили, а Категорија 2 се болидите и прототиповите. Бодувањето се врши според пласманот од групите од ФИА класификацијата. Категоријата 1 е поделена во 4 групи: N, A, S20 и GT. Победникот од секоја група добива 25 бода, вториот 18, третиот 15 итн. Најжестоката битка се води во групите N и А каде што има и најголем број пријавени возачи.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.