Италијанскиот бренд со коњче на своите автомобили тукушто ја претстави специјалната изведба на 458 која (едноставно) ќе го носи името Speciale.
Додека се подготвуваше овој модел, се шпекулираше на неколку имиња – Monte Carlo, Scuderia или Challenge Stradale, но на крајот сепак беше избрано името Speciale. Она што е „специјално“ е доработениот 4.5 литарски V8 кој сега испорачува 605 коњски сили на 9000 вртежи во минута и 540 Nm вртежен момент на 6000 вртежи во минута. Моторот е најмоќниот атмосферски V8 кој компанијата некогаш го направила, и со 135 коњски сили по еден литар зафатнина, истовремено го држи овој рекорд за легални атмосферски мотори.
Благодарение на ниската тежина од само 1290 килограми, забрзувањето до 100 километри на час трае точно 3 секунди, додека 200 километри на час пристигаат за 9.1 секунда, а во соработка со Pininfarina се изработени нови аеродинамички подобрувања. Севкупно, 458 специале е за 35 коњски сили помоќен од својот „нормален“ брат, а истовремено е 90 килограми полесен.
Резултат на сите овие подобрувања е и подобреното време околу Fiorano патеката. Ferrari 458 Speciale ја минува оваа патека за 1 минута и 23.5 секунди, односно 1.5 секунди побрзо од „обичната“ 458 Italia.