ТЕСТ: Ford B-Max 1.0 Ecoboost Titanium – Поинаков пристап кон практичноста! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Ford B-Max 1.0 Ecoboost Titanium – Поинаков пристап кон практичноста!

Секогаш ја поздравуваме храброста кога некој производител ќе понуди нешто несекојдневно на пазарот – и токму тоа го добивме со новиот B-Max на Ford. Дали поинаквиот пристап е успешен?

Автомобилскиот „рецепт“ е генерално неизменет изминативе стотина години. Четири тркала, каросерија, прозорци и врати. Додајте на тоа мотор, тестирајте неколку стотици илјади километри и сервирајте кога ќе бидете задоволни со резултатот.

Кога некој ќе го измени генералниот рецепт, секогаш успешно го задржува вниманието на јавноста. Оној момент кога Ford најави дека новиот B-Max ќе има задни лизгачки врати, многумина реагираа со скептичност, но сепак мора да нагласиме дека зборуваме за фамилијарно возило, во кое практичноста го зема приматот – а токму благодарение на задните лизгачки врати B-Max може да се пофали со практичност над просекот во класата!

ford-bmax-rear

Сепак, да почнеме како и секогаш – од дизајнот. B-Max е изграден врз основата на Ford Fiesta, па забележливи се дизајнерски елементи кои наликуваат на градскиот хечбек – особено во пределот на предните светлосни структури. Големиот отвор за воздух доминира на предниот дел, а големите предни светла визуелно го зголемуваат предниот дел и го прават B-Max да изгледа поголем од очекуваното. Гледан од страна, B-max изгледа како класично повеќенаменско возило, а гледан од позади, забележлива е големата петта врата и интересно извајаните задни светлосни уреди кои се „замотуваат“ околу аглите. Скоро насекаде се забележуваат интересни детали кои го задржуваат окото.

ford-bmax-doors

Сега можеме да зборуваме за ентериерот – и токму тука е изненадувањето кое B-Max толку маестрално го изведува – ако истовремено ги отвориме предните врати и задните лизгачки врати ќе откриеме дека B-Max нема Б-столб, а тоа го прави пристапот во внатрешноста екстремно лесен. Влегувањето и излегувањето е лесно, како на предните седишта, така и на задната клупа. Всушност, Ford го нарекува овој систем Easy Access Door System а ние едноставно мораме да се сложиме со избраното име.

Поврзано:  ТЕСТ: Ford Kuga 2.5 Hybrid CVT Active X - Темелно освежување и ефикасен хибриден погон

ford-bmax-interior

Во внатрешноста чувството е пријатно, највеќе благодарение на големите стаклени површини кои дозволуваат многу светлина да продре во ентериериот, а истовремено обезбедуваат солидна прегледност. Единствено А-столбовите малку пречат, но со малиот прозорец кој е додаден во самите столбови делумно се елиминира овој проблем. Седиштата се комфорни, а нашиот тестен модел беше навистина одлично опремен, како што и очекуваме од Ford со ознаката Titanium. Материјалите користени во ентериерот се воглавно со добар квалитет со крути пластики само на ретки места. Листата на дополнителна опрема е премногу долга за да ги наведеме сите играчки и ситници, но ќе го истакнеме клима уредот, мултимедијалниот уред со можност за репродукција на Mp3 преку USB конекција и гласовни контроли (кои откако ќе научите како работат стануваат практични во секојдневното користење), безбедносните системи и воздушните перници, и уште многу, многу друго.

На задната клупа има повеќе од доволно место за двајца патници, а по потреба може да се смести и трет. Секако, тогаш ќе биде малку тесно, но сепак позитивно изненадува просторот на задната клупа.

Сликата за практичноста ја дополнува багажниот простор со зафатнина од 318 литри кој е во очекуваниот ранг од класата. Со спуштени задни седишта, капацитетот расте на повеќе од задоволителни 1386 литри – а благодарение на правите линии на каросеријата и нискиот раб на багажникот сиот тој багажен простор е навистина корисен – не само на хартија!

ford-bmax-trunk-side

Нашиот тестен B-Max дојде опремен со 1.0-литарскиот Ecoboost турбо-бензински мотор. Веднаш мораме да кажеме дека овој мотор е вистински пријатно изненадување од Ford. Малиот 3-цилиндарец во соработка со турбо полнач испорачува дури 100 коњски сили! Благодарение на овој мотор и одличната основа од Fiesta, B-Max е агилен сопатник. Забрзувањето до 100 километри на час трае 13.2 секунди а максималната брзина е 175 километри на час. Емисијата на штетни гасови е само 114 грама CO2 на изминат километар, а потрошувачката која ние ја измеривме се движеше во околината на 7 литри на 100 изминати километри во градски услови – бројки кои се навистина одлични и сосема е разбирливо зошто овој мотор ја доби наградата за мотор на годината. Бидејќи основата е преземена од Fiesta, B-Max се однесува неутрално, а управувањето е прецизно и директно. Секако, ова не е спортски автомобил но добро е да се знае дека може да изнуди насмевка на лицето на возачот доколку тоа се побара од него.

Но B-Max е вистински херој во градските гужви. Благодарение на лизгачките врати влегувањето и излегувањето во тесни паркинг места е лесно, а благодарение на компактните димензии лесно се наоѓа место кое е доволно големо за B-Max.

Поврзано:  Гранд Ауто станува партнер на Фудбалската Федерација на Македонија

ford-bmax-lights

На крајот, остануваме со мислата дека B-Max е одлично конципиран автомобил кој може да понуди навистина многу. Благодарение на недостатокот на Б-столб пристапот во внатрешноста е навистина лесен. Единствената забелешка која ја имаме е за багажниот простор кој е малку намален за сметка на дарежливиот простор во ентериерот – но тоа е ситница која во ниеден момент не одзема од позитивните импресии кои ги имаме од овој практичен фамилијарен автомобил.

  • 1.0 литарски турбо-бензински агрегат, 3 цилиндри
  • Моќност: 100 коњски сили / 6000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 170 Nm / 1400 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 175 км/час
  • Забрзување 0-100: 13.2 секунди
  • Должина: 4077 mm
  • Ширина: 1857 mm
  • Висина: 1604 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2489 mm
  • Багажен простор: 318 литри
  • Потрошувачка: 6.0 (официјална, градска), 7.1 (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Ford B-Max 1.0 EcoBoost Titanium  – 15.900 Евра
    + Премиум металик боја – 600 евра

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.