Jaguar официјално го претстави нивниот Project 7 концепт, кој треба да дебитира на Фестивалот на Брзината Goodwood.
Project 7 е роудстер со алуминиумска каросерија, направен за само четири месеци за да ги прослави седумте победи на Jaguar во Ле Ман помеѓу 1951 и 1990. Автомобилот е базиран на F-Type , но презема неколку дизајнерски елементи од D-Type. Моделот е исто така опремен со нов преден браник, зголемена предна решетка и повеќе делови од јаглеродни влакна. Тука е исто така и заден спојлер, како и 20-инчни алуминиумски фелни.
Ентериерот е елегантно уреден со кожен тапацир со дијамантски опшивки, карбонски детали и тркачко седиште со појас на врзување во четири точки. Совозачкото седиште е заменето со држач за специјалната Project 7 кацига.
Силата извира од 5.0-литарски V8 агрегат со компресор, кој е засилен за 55 кс и 55 Nm, па сега произведува 550 кс и 680 Nm максимален вртежен момент. Во комбинација со осум-степена автоматска трансмисија му овозможува на моделот забрзување од 0-100 км/ч за 4.2 секунди и максимална брзина од 300 км/ч. Project 7 е опремен и со спортски дотерана суспензија, електронски заден диференцијал и издувен систем со слободен проток кој звучи застрашувачки.