Веќе добро го познаваме Sporage, но тоа не значи дека не можеме повторно да поминеме неколку дена со него и да се потсетиме на сите квалитети кои го прават толку успешен модел.
Конкуренцијата во категоријата на средни SUV возила станува сè поголема – скоро секој ден се појавува нов модел кој сака да приграби дел од овој успешен сегмент и секој нов модел нуди нешто ново и интересно кое ги привлекува купувачите. Моделите во овој сегмент треба да извршуваат повеќе задолженија – да бидат комфорно возило, да можат да ги напуштат асфалтираните улици кога тоа ќе биде побарано од нив и истовремено да бидат во тренд и да го привлекуваат вниманието на минувачите, но и на купувачите.
KIA го постигна токму тоа со Sportagе – иако моделот е веќе неколку години на пазарот, сеуште изгледа свежо и модерно – највеќе благодарение на елегантниот и чист дизајн потпишан од Peter Schreyer. Јасните линии го прават Sportage да изгледа голем и робустен, а интересниот однос помеѓу горниот раб на вратите и стаклените површини дополнително го зголемува чувството на масивност. За разлика од некои од конкурентите, страничните прозорци не се превисоки, што би го направило автомобилот да изгледа непропорционално. Однапред доминира големата маска на ладилникот која гордо го носи знакот на KIA, а на задната страна највеќе внимание привлекуваат големите светлосни структури кои како да се замотуваат околу задниот дел.
Во внатрешноста нè пречекува ентериер кој нè поканува да седнеме. Првите импресии од ентериерот се позитивни – седиштата се комфорни, инструментите се јасни и прегледни а прекинувачите лесни за препознавање и користење. Единствено забележуваме на неможноста управувачот да се нагодува по длабочина. Иако во внатрешноста недостасува малку од шармот што екстериерот го има во огромни количини и некои од пластиките се тврди, сепак атмосферата е пријатна и се јавува чувство дека ентериерот ќе ги преживее сите предизвици кои може да му бидат претставени. Погледот кон надворешноста е авторитативен и истовремено влева самодоверба но и доверба кон можностите на Sportage.
Ентериерот е подготвен да собере пет патници како и нивниот багаж. На задната клупа има доволно простор за тројца, а во багажникот ќе собере 564 литри. Доколку е потребно, може да се спуштат задните седишта и да се пренесе поголем товар – во тој случај капацитетот се зголемува на импресивни 1353 литри.
Прегледноста е воглавно добра, освен малку намалената видливост кон задниот дел поради широките Ц-столбови. Тоа го надоместуваат прилично големите странични ретровизори кои го олеснуваат маневрирањето во градските гужви.
Иако на хартија 1.7-литарскиот турбодизел можеби не изгледа како да е доволен, во реалниот свет приказната е сосем различна. Благодарение на тие 115 коњски сили и 255 Nm вртежен момент на 1800 вртежи во минута, кога турбината ќе проработи Sportage оддава чувство на живост и еластичност. Забрзувањето до 100 километри на час трае 12.3 секунди, а максималната брзина е 173 километри на час. Измеривме потрошувачка од околу 7.5 литри дизел на 100 изминати километри во градски услови. Суспензијата е цврста, но не е некомфорна, а благодарение на малку поцврстата суспензија Sportage се однесува агилно низ свиоците и нуди задоволство во возењето кое може да биде неочекувано во оваа класа на возила. Нема пренагласено навалување во свиоците, но да бидеме јасни – ова не е спортски автомобил наменет за трки. Претерајте со агресивноста и ќе се соочите со подуправување кое е карактеристично за возило од овој вид и големина.
Од друга страна, покрај погонот кој е само на предните тркала, нашиот Sportage успешно се справи со малите предизвици кои му ги поставивме. Без воопшто напор Sportage ги напушта асфалтираните улици и е одличен партнер за авантури и истражување.
Доколку се решите да тргнете во авантура, можете да бидете сигурни дека тоа ќе го правите во одличен комфор – за тоа ќе се погрижат клима уредот, мултимедијалниот уред со USB конекција и поддршка за репродукција на MP3, можноста за Bluetooth поврзување со вашиот мобилен телефон, а за вашата безбедност ќе се погрижат цела абецеда на безбедносни системи и мноштвото воздушни перници и завеси. Кога ќе пристигнете таму каде сте тргнале, пијалокот ќе ви биде соодветно оладен благодарение на предната фиока која е разладувана од клима уредот.
Дарежливо опремен, привлечно дизајниран и со одлична долгогодишна гаранција, Sportage преставува одличен конкурент во класата на урбани теренци. Иако е веќе редовна појава на нашите улици, Sportage сеуште ги привлекува погледите на минувачите. Ова е возило кое со задоволство ќе ве однесе таму каде што сте наумиле да отидете, а „излетите“ надвор од урбаните средини нема да бидат никаква препрека. Комфорен, тивок и економичен, Sportage е исклучителен сопатник за подолги патувања. Ако размислувате за купување на вакво возило, долго и внимателно размислете за Sportage – иако има некои ситни недостатоци, целосниот пакет е на самиот врв во класата!
- 1.7 литарски турбо-дизелски агрегат, 4 цилиндри
- Моќност: 115 коњски сили / 4000 вртежи во минута
- Вртежен момент: 250 Nm / 1800 вртежи во минута
- Максимална брзина: 173 км/час
- Забрзување 0-100: 12.3 секунди
- Должина: 4440 mm
- Ширина: 1855 mm
- Висина: 1635 mm
- Меѓуоскино растојание: 2640 mm
- Багажен простор: 564 литри
- Потрошувачка: 6.3 (официјална, градска), 7.5 (измерена, градска)
- Цена на тестираниот модел: KIA Sportage 1.7 CRDi LX Plus 2WD – 19.950 Евра
Фотографија: Дејан Маликовски