Возачот на Ferrari, Фернандо Алонсо, на големо задоволство на домашната публика, со одлично возење стигна до својата втора победа оваа сезона!
Шпанецот Фернандо Алонсо е победник на петтата трка оваа сезона, која што се возеше во Шпанија, на патеката во Барселона. Тој до својата втора победа оваа сезона стигна пред Кими Раиконен од Lotus и својот тимски колега од Ferrari, Фелипе Маса. Огромна причина за радост имаат во тимот на Ferrari, бидејки по долго време тие се враќаат на подиумот со двата болида, нешто што се навикнавме да го гледаме во минатото, но не беше случај во последните неколку години, пред се поради доминацијата на тимот на Red Bull.
Ferrari уште на стартот покажаа агресивност и желба за победа. Фернандо Алонсо по самиот старт го искористи лошиот излез од втората кривина на Луис Хамилтон кој што го забави и Кими Раиконен, и со одличен маневар успеа да ги претекне двајцата и да се најде зад Себастијан Фетел. Фелипе Маса кој поради казната од 3 места, стартуваше од 9-та позиција, со одличниот старт ги надомести тие 3 места и по само еден круг успеа да дојде до 6-та позиција.
Разочарувачка трка повторно имаше тимот на Mercedes. Иако, Нико Розберг и Луис Хамилтон стартуваа од првиот ред, тие трката ја завршија на 6-та, односно 12-та позиција, со што уште еднаш покажаа дека им недостасува добро темпо во трката. Розберг успеа да ја задржи челната позиција по стартот, па се до првото менување на пневматиците, кога беше претекнат од Фернандо Алонсо. Тоа можеби беше и клучниот момент на трката, бидејки од тогаш па се до крајот на трката, позицијата на Алонсо не беше загорзена во ниту еден момент.
Возачот на Lotus, Кими Раиконен, со одличното возење и менаџирање на пневматиците не дозволи 1-2 победа за Ferrari, а трката успеа да ја заврши со една посета на механиџарите помалку од конкурентите, но на крајот тоа не беше доволно за да ја загрози позцијата на Алонсо. Ова е трето последователно второ место за финецот оваа сезона, со што уште еднаш ја покажа својата константност во постигнување добри резултати.
Три-кратниот и актуелен светски шампион, Себастијан Фетел не успеа да држи чекор со водечката тројка и трката ја заврши на 4-та позиција, овозможувајки им на своите конкуренти, Алонсо и Раиконен да ја намалата бодовната разлика во генералниот пласман.
Во тимот на Mclaren иако се најавуваа сериозни позитивни промени, сепак ништо ново. Пласман на 8-та и 9-та позиција за Џенсон Батон и Серхио Перез и огромно разочарување за тимот, кој што почетокот на оваа сезона ќе гледа што побрзо да го заборави, бидејки во генералниот пласман се наоѓаат на 6-та позиција зад тимот на Force India, за кој мора да се признае дека има сериозен напредок, а тоа го покажуваат добрите резултати.
По денешната трка се доби една јасна слика околу тоа кои се главни конкуренти за титулата. Слабото темпо за време на трката на тимот на Mercedes го исфрли Луис Хамилтон од борбата, додека лошата сезона на тимот на Mclaren и неконсантноста на условно кажано, вторите возачи во водечките тимови, ги издвои Себастијан Фетел, Кими Раиконен и Фернандо Алонсо како главни кандидати за титулата. Дежа ву од ланската сезона, но овој пат Алонсо и Раиконен, и нивните тимови, се далеку посилни и порешителни да го симнат Себастијан Фетел од тронот.
За две недели не очекува вистинска забава, гламур и престиж. Formula 1 караванот се сели на азурниот брег каде што низ улиците на Монте Карло ќе се вози 6-та трка од календарот.
Резултати од трката за ГН на Шпанија:
1. F.Alonso Ferrari 2. K.Räikkönen Lotus +9.3 secs 3. F.Massa Ferrari +26.0 secs 4. S.Vettel RBR-Renault +38.2 secs 5. M.Webber RBR-Renault +47.9 secs 6. N.Rosberg Mercedes +68.0 secs 7. P.Resta Force India +68.9 secs 8. J.Button McLaren +79.5 secs 9. S.Perez McLaren +81.7 secs 10. D.Ricciardo STR-Ferrari +1 Lap 11. E.Gutierrez Sauber-Ferrari +1 Lap 12. L.Hamilton Mercedes +1 Lap 13. A.Sutil Force India +1 Lap 14. P.Maldonado Williams +1 Lap 15. N.Hulkenberg Sauber +1 Lap 16. V.Bottas Williams +1 Lap 17. C.Pic Caterham +1 Lap 18. J.Bianchi Marussia +2 Laps 19. M.Chilton Marussia +2 Laps Отк. J.Vergne STR-Ferrari Отк. G.Garde Caterham Отк. R.Grosjean Lotus
Генерален пласман – возачи:
1. Sebastian Vettel – 89
2. Kimi Raikkonen – 84
3. Fernando Alonso – 72
Генерален пласман – конструктори:
1. RBR-Renault – 131
2. Ferrari – 117
3. Lotus-Renault – 111
Подготвил: Игор Андоноски