Поранешниот двократен светски шампион, Фернандо Алонсо е третиот победник на третата трка одржана оваа сезона во Кина, на патеката во Шангај. На подуимот до него, се искачија Кими Раиконен од Lotus и Луис Хамилтон од Mercedes.
Возачот на Ferrari, Фернандо Алонсо стигна до својата 31-ва победа во својата кариера, изедначувајќи се на 4-та позиција на вечната листа на победници со британецот Најџел Менсел. Алонсо и неговиот тимски колега Фелипе Маса, го искористија слабиот старт на Кими Раиконен и уште по првата кривина се најдоа зад носителот на пол-позицијата Луис Хамилтон кој не успеа да го задржи налетот на болидите од Маранело и по само неколку круга, речиси во ист момент успеаа атрактивно да го претекнат.
По краток престој на патеката возачите кои стартуваа на меката компонената на гуми, влегоа во пит стоп за нивна промена и од тогаш, па се до крајот на трката, Фернандо Алонсо успеа да наметне едно силно темпо кое што беше недстижно за останатите. Со оваа победа, шпанецот покажа дека болидот на Ferrari има одлични перформанси и најавува дека е најсериозен претендент за освојување на титулата. За жал, неговиот тимски колега, Фелипе Маса не успеа да го издржи силното темпо и на крајот заврши на 6-та позиција.
Добра трка имаа актуелниот шампион, Себастијан Ветел од Red Bull и Џенсон Батон од Mclaren кои по старот од 9-та и 8-та позиција, со добро менаџирање на пневматиците успеаа на крајот да стигнат до 4-та, односно 5-та позиција. Во последниот круг, во интересна завршница, Себастијан Ветел имаше можност да дојде и до подиум но, Луис Хамилтон успеа да ја зачува својата позиција.
Не изостанаа ни инцидентите на патеката. Вториот возач на Red Bull, Марк Вебер прерано ја заврши трката поради контак со еден од болидите на Toro Rosso, а неколку круга подоцна на истиот свиок, возачот на Mclaren, Серхио Перез го истурка Кими Раиконен надвор од патеката при што видно беше оштетен предниот дел на болидот на Lotus. Сепак, Раиконен успеа да стигне до втората позиција возејќи речиси половина трка со оштетен преден дел. Посериозен инцидент се случи на почетокот на трката, кога возачот на Sauber, Естебан Гутиерез на крајот од најдолгиот правец не можејќи да закочи навреме силно удри во задниот дел од болидот на Адријан Сутил. Сето ова се случуваше во т.н. DRS зона и најавена е истрага на скоро десетина болиди кои се под сомнение дека користеле DRS непосредно по инцидентот, односно во моментот кога биле истакнати жолти знамиња.
Возачите и тимовите немаат многу време за одмор, бидејќи веднаш ќе отпатуваат за Бахреин, каде што наредниот викенд ќе се вози следната трка, на патеката Шакир.
Генерален пласман – возачи: Генерален пласман – конструктори: 1. S. Vettel - 52 1. Red Bull Racing - 78 2. K. Raikkonen - 49 2. Ferrari - 73 3. F. Alonso - 43 3. Lotus - 60 1 F. Alonso Ferrari 2 K. Räikkönen Lotus +10.1 secs 3 L. Hamilton Mercedes +12.3 secs 4 S. Vettel RBR-Renault +12.5 secs 5 J. Button McLaren +35.2 secs 6 F. Massa Ferrari +40.8 secs 7 D. Ricciardo STR +42.6 secs 8 P. Resta Force India +51.0 secs 9 R. Grosjean Lotus +53.4 secs 10 N. Hulkenberg Sauber +56.5 secs 11 S. Perez McLaren +63.8 secs 12 J. Vergne Toro Rosso +72.6 secs 13 V. Bottas Williams +93.8 secs 14 P. Maldonado Williams +95.4 secs 15 J. Bianchi Marussia +1 Lap 16 C. Pic Caterham +1 Lap 17 М. Chilton Marussia +1 Lap 18 G. Garde Caterham +1 Lap Отк. N. Rosberg Mercedes Отк. M. Webber RBR-Renault Отк. A. Sutil Force India Отк. E. Gutierrez Sauber
Текст: Игор Андоноски