ТЕСТ: Ford Focus Sedan 1.6 TDCi Trend – Спортски карактер и фамилијарна практичност! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Ford Focus Sedan 1.6 TDCi Trend – Спортски карактер и фамилијарна практичност!

Најновата, трета генерација на Ford Focus веќе и не е толку нов автомобил – повеќе од една година е редовна појава на нашите улици, но ние сепак решивме да се подружиме со него и повторно да се потсетиме на неговите одлични атрибути.

Компактните седани кои неретко се базирани на хечбекови стануваат се попопуларни, а тоа може да се примети по зголемената конкуренција во оваа класа. Покрај одличната понуда од Европските производители, конкуренцијата е силна и од далечниот исток – односно од моделите кои ги нудат Јапонските и Корејските производители. Сепак, ни Европјаните не смеат да бидат занемарени, а токму затоа ние го возевме Ford Focus во седан изведба, опремен со 1.6-литарски TDCi турбодизел агрегат.

Она што уште на прв поглед е забележливо, е привлечниот дизајн на овој седан. Дури и во мирување, автомобилот изгледа спортски со доза на агресивност, но сепак заради Trend нивото на опрема недостасуваат алуминумски фелни, кои целосно би го комплетирале спортскиот карактер.

На предната страна веднаш се забележливи големите отвори за воздух и развлечените светлосни структури кои се идентични како и кај хечбек-изведбата, додека задниот дел е целосно променет и веќе ја нема петтата врата која е заменета со класичен поклопец на багажниот простор. Веднаш можеме да забележиме на носачите на овој поклопец кои значително навлегуваат во внатрешноста на багажниот простор, па доколку не планирате како ќе го спакувате целиот багаж, може да треба да го прередувате. Но сепак, ова е секојдневна појава кај овие седани, и претставува проблем само при поголемо патување кога е потребно да се натовари повеќе багаж.

Внатрешноста е слична како и надворешноста – интересно и модерно дизајнирана со интересни детали кои се привлечни за помладата популација. Нам ни се допаднаа и светло-сините детали во внатрешноста кои се убава алтернатива од веќе секојдневните црвени и бели кај конкурентите. Ергономијата во ентериерот е на завидно ниво, а сите команди се веднаш достапни. Имавме мала забелешка на квалитетот на пластиките кои се користени во внатрешноста, но со оглед на тоа дека се работи за модел со пониско ниво на опрема, може да кажеме дека се токму онакви какви што би очекувале.

Поврзано:  Новиот Ford Mustang GT пристигна во Македонија!

Прегледноста е задоволителна, а паркирањето лесно, особено ако се земе во предвид должината на овој автомобил. Она што е навистина одлично е системот за автоматско паркирање со кој беше опремен нашиот автомобил, кој благодарение на сензорите за паркирање ќе ви помогне автоматски да го паркирате автомобилот без многу напор.

Се извинуваме за квалитетот на видеото, снимавме со мобилен телефон. :)

Она што е најдобра особина на секој Ford се возните својства, а токму таму е посветено навистина многу внимание. Управувањето е директно и прецизно, иако без доволно повратни информации од подлогата. Сепак, слободно можеме да кажеме дека Focus има еден од најдиректните управувачи во класата и дека е вистинско задоволство да се управува овој автомобил. Задната мултилинк суспензија си го прави своето, па Focus едноставно гладува за свиоци и возење со зголемено ниво за ентузијазам. Турбо-дизелскиот Duratorq агрегат кој е со зафатнина од 1.6 литри и моќност од 95 коњски сили не е наменет за спортско возење, но е исклучително еластичен благодарение на 230 Nm вртежен момент. 100 километри на час пристигнуваат за 12.6 секунди а максималната брзина изнесува 182 километри на час. Според нашите мерења потрошувачката во градски услови не надмина 7 литри на 100 изминати километри.

Сепак, мора да позборуваме и за безбедноста и практичноста. Безбедноста е на завидно ниво, благодарение на мноштвото системи за активна и пасивна безбедност, како што се контролата на тракција и стабилност, воздушните перници, итн. Практичноста исто така е одлична, иако во внатрешноста недостасуваат места за одлагање ситници. Ова го надокнадуваат широката задна клупа и багажниот простор кој изнесува 421 литар и е со одлична форма. Секако, мора да го споменеме и одличниот мануелен клима-уред, електриката на сите прозорци како и системот за автоматско паркирање. Мора да напоменеме дека системот за автоматско паркирање оди во комплет со електриката на сите прозорци и предните магленки, и овој пакет посебно се доплаќа.

Секогаш сме биле обожуватели на Ford Focus. Директното и прецизно управување и спортскиот дизајн се одлични атрибути кои ги привлекуваат вљубениците во автомобилите, а со седанската изведба само е зголемена практичноста за оние на кои им е потребен малку повеќе багажен простор. Штедливиот дизелски агрегат е наменет за оние кои сакаат да возат економичен автомобил кој одлично ќе се снајде во градски услови, а за оние кои се љубители на поспортско возење тука се турбо-бензинските или помоќните турбо-дизелски агрегати. Покрај ситните забелешки, нам ни останува само да го препорачаме Ford Focus како одличен автомобил за вљубениците во возењето!

  • 1.6-литарски турбо-дизелски агрегат, 4 цилиндри
  • Моќност: 95 коњски сили / 3600 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 230 Nm / 2000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 182 км/час
  • Забрзување 0-100: 12.6 секунди
  • Должина: 4534 mm
  • Ширина: 1823 mm
  • Висина: 1484 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2648 mm
  • Багажен простор: 421 литар
  • Потрошувачка: 5.1 (официјална, градска), 6.5 (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Ford Focus Sedan 1.6 TDCI Trend – 17.300 Евра
    + Пакет со автоматско паркирање, магленки и електрични задни прозорци – 1.800 Евра
Поврзано:  Новиот Ford Mustang GT пристигна во Македонија!

Фотографија: Кристијан Ивановски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.