Mercedes-Benz и официјално го претстави новиот CLA – купе-седан кој е изграден врз основата на одличната и успешна А-Класа. Погледнете ги сите информации и мега-галерија од овој интересен нов модел!
Ова е навистина интересен модел од Mercedes-Benz. Позициониран помеѓу А и Ц-класите на Германскиот производител, овој интересен седан има импресивен коефициент на аеродинамичност – само 0.23 Cd – бројка која е рекордна кај возило во сериско производство.
Покрај стандардниот модел, ќе се нуди и CLA180 blueEFFICIENCY кој има уште понизок коефициент на аеродинамичност – 0.22 – благодарение на уште некои ситни модификации. Овој модел сигурно ќе нуди импресивно ниска потрошувачка.
Во Европа CLA ќе започне со продажба во Април, а основниот CLA 180 ќе се продава за 28.977 евра. Секако, купувачите ќе можат да изберат помеѓу навистина многу мотори – како бензински, така и дизели – и ќе можат да го нарачаат и со 4Matic погон на сите четири тркала. На врвот на понудата сигурно ќе се најде AMG верзија, кој би требало да има околу 350 коњски сили. Но и „најефтиниот“ CLA не е за потценување – благодарение на 1.6-литарскиот турбо-бензински агрегат со 122 коњски сили и 200 Nm вртежен момент ќе може да забрза до 100 километри на час за 9.3 секунди, да продолжи да забрзува се до 210 километри на час, и при сето тоа ќе има просечна потрошувачка од само 5.4 до 5.6 литри на 100 изминати километри.
BlueEFFICIENCY верзијата на овој модел ќе има идентична цена, нешто полоши перформанси (0.6 секунди повеќе до 100 километри и максимална брзина од 190 километри на час), но ќе троши само 5 литри на 100 изминати километри.
Ние веќе ја возевме новата A-Class, и се надеваме дека наскоро ќе имаме шанса да седнеме зад воланот на CLA.