Официјално: 2014 Chevrolet Corvette Stingray! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално: 2014 Chevrolet Corvette Stingray!

Најважните работи кои треба да ги знаеме за најновата генерација Corvette, која ја носи ознаката C7 се следните – 450 коњски сили и помалку од 4 секунди до 100 километри на час!

Луѓето од Chevrolet се горди на фактот дека ова е најмоќната „стандардна“ изведба на Corvette досега. Покрај 450 коњски сили добиени од големиот 6.2 литарски LT1 V8 агрегат, Corvette Stingray ќе може да се пофали и со 610 Nm вртежен момент. Според Mark Reuss – претседателот на GM North America – новиот Corvette оди подалеку од било кога, благодарение на напредокот во дизајнот, технологијата и инженерингот.

Овие технологии дозволуваат новиот Corvette да е 45 килограми полесен од својот претходник, а тоа во превод значи подобри перформанси.

Кај новиот Corvette се приметува драстичен чекор напред во поглед на дизајнот. Веќе ги нема карактеристичните двојни кружни задни светлосни структури. Тие се сега заменети со светла кои наликуваат на оние кај Camaro, но одлично го комплетираат новиот визуелен идентитет. Уште на прв поглед се препознава дека е Corvette, но сите линии се нови, затегнати и сосем различни од она што досега сме го виделе. Може да се каже дека наликува на европските чистокрвни супер-спортски автомобили!

Но покрај вниманието посветено на екстериерот и перформансите, многу внимание е посветено и на ентериерот – и конечно Corvette доби ентериер каков што и заслужува. Според Chevrolet, во внатрешноста се користени само најквалитетните материјали, и многу внимание е посветено на ергономијата и завршната обработка.  Покрај одличните материјали, во внатрешноста возачот ќе пронајде и 7-степен мануелен менувач.

Да, токму така, 7-степен мануелен менувач, Corvette е втор автомобил кој го добива ова – по Porsche 911. Секако, достапен ќе биде и автоматски менувач со 6 степени на преносот. Возачите ќе можат да изберат и меѓу пет опции за режимот на возење, и тоа Weather, Eco, Tour, Sport и Track. Сите овие режими се прилагодуваат на различните услови на патот и овозможуваат безбедно и забавно возење.

Секако, ќе следат и поекстремни верзии, како и кабриолет верзија која најверојатно ќе биде со платнен кров. Нам ни останува да чекаме, а во меѓувреме погледнете ја галеријата со фотографии од новата Corvette Stingray!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.