Се наближува почетокот на новата сезона на Formula 1, а ние ќе направиме една интересна ретроспектива на некои интересни детали кои можеби не сте ги знаеле за F1 возилата!
Сакавме да направиме една ретроспектива на интересни детали за возилата во F1. Иако налетавме на многу чудни и несекојдневни експерименти, овие десет примери највеќе ни го задржаа вниманието.
Tyrell P34 – Автомобилот со шест тркала!
Tyrell P34 се појави во далечната 1976-та година. Она што беше интересно беше изборот овој автомобил да има не четири, туку шест тркала – четири мали напред и две нормални на задната страна на возилото. Овие возила ги освоија првото и второто место на Шведското Гран При во 1976!
Ligier JS5 – Автомобилот со најчуден отвор за воздух
Големиот отвор за воздух нам ни наликува на капите кои ги носат добро-познатите Штрумфови, а комбинацијата од сина и бела боја само го надополнува ова чувство. Сигурни сме дека тоа не била замислата на дизајнерите, но мора да признаете дека ова возило изгледа како да потекнува од цртан филм.
Brabham BT46b – Автомобилот со вентилатор на задниот дел!
Еден од првите вистински експерименти во F1, Brabham BT46b имаше гумени додатоци околу целото возило и голем вентилатор поставен на задниот дел кој го всмукуваше воздухот од под автомобилот и буквално го прилепуваше за подлогата. За естетските квалитети нема да зборуваме, но FIA го забрани ова возило после само една трка.
Lotus 56B – Автомобилот кој го придвижуваше турбина!
Lotus сакаше да проба нешто различно, па го направи 56B, автомобилот кој беше придвижуван од голема турбина. За жал, немаше некакви импресивни резултати, па го повлекоа по само една трка.
Subaru имаше F1 аспирации!
И јапонскиот Subaru се обиде во F1, и тоа со нивниот flat-12 мотор. Дванаесетте цилиндри кои произведуваа околу 500 коњски сили не беа доволни, и Subaru F1 тимот го имаше убедливо најспорото возило. Подобро нека се вратат во WRC!
Уште експерименти со тркалата?
Ако мислите дека само Tyrell биле доволно храбри да експериментираат со тркалата на нивните возила, би згрешиле. Докажани тимови, како Ferrari, Williams и March имаа свои експерименти во доцните 70-ти и рани 80-ти, но тие никогаш не учествуваа во трките.
Екстремните мотори на BMW!
На почетокот на 80-тите години, BMW го користеше серискиот блок од BMW 316 и 318 од генерацијата Е30 за да ги развие своите турбо мотори за F1. Моторите развиваа и до 1500 коњски сили од само 1.5 литри зафантнина за време на квалификациите, а се зборува дека инженерите на BMW барале блокови од мотори кои веќе имале поминато над 100.000 километри, ги оставале на отворено и наутро „се олеснувале“ врз нив за да бидат сигурни дека ако нешто би можело да тргне наопаку, тоа веќе би се случило.
Производителот со „интересно“ име правеше мотори за Lotus!
Иако името повеќе асоцира на британски филм за возрасни, Coventry Climax правеше мотори за Lotus со кои тие имаа одлични резултати. Уште поинтересно е ако земеме во предвид дека главната дејност на компанијата била производство на вилушкари!
BRM направи V16 мотор за Formula 1!
Во 60-тите години, BRM разви 16-цилиндарски мотор за F1. Моторот во основа беше два V8 мотори поставени еден врз друг и користеа заедничко коленасто вратило. Комплицирано, но работеше!
Последниот компресорски мотор во Formula 1.
16-цилиндарецот од 60-тите не е прв таков мотор на BRM. BRM имаше 16-цилиндерски мотор и пред тоа, и тоа опремен со компресор. Моторот имал зафатнина од 1.5 литри, а благодарение на компресорот со притисок од скоро 5 бари, испорачувал скоро 600 коњски сили на 12.000 вртежи во минута. Сепак, можете да претпоставите дека благодарение на ваквиот мотор и притисокот на компресорот од 5 бари, ова возило не било најдоверливото на патеката.