По претставувањето на освежената Е-Класа, денес ги имаме сите детали за освежените купе и кабриолет изведби на овој модел на Mercedes Benz!
Како и кај седанот, и кај купето и кабриолетот главните промени се во предниот дел на автомобилот. Веќе ги нема дводелните предни светла кои се сега заменети со едноделни светлосни структури. Приметливи се и големите отвори за воздух кои сугерираат на спортски перформанси и спортски карактер на автомобилот.
И ентериерот е освежен и затегнат, и сега купувачите можат да изберат многу нови играчки со кои ќе го опремат својот автомобил, а од Mercedes-Benz најавуваат неограничени можности за индивидуализација на секој автомобил според желбите и карактерот на купувачите.
Како и секогаш, овие автомобили ќе може да се нарачаат со цела лепеза на бензински и дизелски агрегати. Новитет е E400, кој доаѓа со битурбо V6 мотор, како и новиот BlueDIRECT 4-цилиндерски агрегат, кој веќе е во согласност со Euro6 стандардот кој стапува на сила од 2015.