Се појавија првите официјални фотографии од Mercedes-Benz CLA, пред неговото официјално деби во Јануари во Детроит.
Автомобилот претставува мешавина помеѓу седан верзија на А-класата и помала верзија на CLS. Во неговиот дизајн се имплементирани повеќе дизајнерски елементи од Concept Style Coupe, вклучувајќи ја предната решетка со лебдечки точки.
Базиран на новата А-класа, CLA се протега во должина од 4.60 метри и најпрво ќе биде во понуда со три бензински агрегати и еден дизел мотор.
Најосновниот модел ќе биде CLA 180 кој ќе биде опремен со 1.6-литарски четири-цилиндарски турбо агрегат со 122 кс и 200 Nm, a потоа следи CLA 200 кој располага со посилна верзија на истиот агрегат со 156 кс и 250 Nm вртежен момент.
Привремено најсилен агрегат во понудата ќе биде CLA 250 кој ќе биде погонуван од 2.0-литарски турбо безинец со четири цилиндри и 211 кс и 350 Nm максимален вртежен момент. Единствениот избор на дизел мотор ќе биде штедливиот CLA 220 CDI со 170 кс.
Во Март наредната година, Mercedes-Benz ќе го претстави најсилниот А45 AMG со 350 кс, додека CLA45 AMG ќе пристигне една година подоцна.