Само еден ден по претставувањето на првите фотографии од концептот за наследникот на Серија 3 купе, сега ви ги претставуваме официјалните информации за Серија 4 купе.
Како што веќе знаеме, Германскиот бренд ја промени назнаката на Серија 3 купе во Серија 4, бидејќи сака да го оддели од нејзината компактна седан верзија, а во исто време да ја нагласи разликата со тоа што ќе користи парни бројки за купе моделите со две и четири врати.
Новата Серија 4 мери 4,641 mm должина, 1,826 mm широчина и 1,362 mm височина, што значи дека е за 29 mm подолга, 44 mm поширока и 16 mm пониска од сегашната генерација на купе верзијата од Серија 3. Споредено со моделот кој го заменува, исто така има 50 mm подолго меѓуоскино растојание, додека трагот на тркалата е за 45 мм поширок напред и 80 мм поширок назад.
Новото купе останува лојално на познатите BMW елементи, како долгиот поклопец на моторот, кабината поместена наназад и долгото меѓуоскино растојание. Однапред е воочливо сличен на F30 Серија 3 со претпознатливите “бубрези” и двојните овални светла, додека најголемата разлика се огромните отвори за воздух на предниот браник.
Во профил, Серија 4 ја задржува препознатливата хоризонтална линија, додека позади предните тркала е додаден аеродинамички отвор, кој го намалува воздушниот отпор, а изгледот го комплетираат големите 20-инчни бандажи.
Во задниот дел доминираат задните светлосни групи во форма на латинската буква “L”, слични на оние од Серија 3, како и задните лакови на тркалата кои претставуваат најширока точка на моделот. Задниот браник претставува имитација на предниот, со исто така големи отвори за проток на воздух и вметнати издувни цевки.
Во ентериерот доминира кафеавата боја и елементите од дрво. Кабината е опремена со ново дизајнирани седишта и централна конзола директно преземена од Серија 3 седан, но со имплементирање на нови материјали. Вратите се подолги од оние на седан верзијата и се поубаво уредени.
Сепак, треба да почекаме до претставувањето на официјалната верзија од Серија 4 за да го знаеме нејзиниот конечен изглед. BMW не ја откри палетата на погонски единици, но ќе го направи тоа со претставувањето на серискиот модел, најверојатно на автомобилскиот саем во Франкфурт 2013.