Панорама: Технолошките тајни на новиот Range Rover! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Панорама: Технолошките тајни на новиот Range Rover!

Новиот луксузен теренец нуди многу технички иновации и многу нови технологии – да погледнеме малку подлабоко што се крие под „кожата“ на новиот Range Rover!

Подобрувањата се значителни, особено за еден ваков луксузен автомобил кој судејќи по реакциите, веќе ги освои купувачите. Значителните технолошки унапредувања кои ги нуди новиот Range Rover се..

1. Каросеријата

Лесната каросерија тежи само 12 килограми повеќе од онаа на повеќекратно помалиот Mini Countryman – толку е лесна што дури е полесна од каросеријата на BMW Серија 3! Благодарение на новата егзотична легура наречена AC800 T61 која за првпат се користи во структуралните елементи на автомобилот, постигнати се навистина импресивни бројки, а страничните панели се најголемите панели во светот добиени со едно пресување. Благодарение на овој процес, се заштедуваат и до 2.8 килограми во однос на користењето повеќе пресувани панели. Новиот Range Rover е и до 420 килограми полесен од својот претходник!

2. Моторите

Новиот 3-литарски TDV6 турбодизел агрегат нуди 254 коњски сили и 600 Nm вртежен момент, и за прв пат се вградува во Range Rover. Овој мотор е со нов дизајн на многу од подвижните делови со цел да се намали триењето, а со тоа да се зголеми ефикасноста. Стандардниот Старт-Стоп систем кој се вградува ја намалува потрошувачката за 5-7%.  Покрај овој мотор, ќе се нуди и 4.4-литарски SDV8 мотор со 8 цилиндри, кој нуди 335 коњски сили и масивни 700 Nm вртежен момент, но покрај овие бројки е 10% почист од претходникот.

3. Хибридната Верзија

Кон средината на 2013 Land Rover ќе понуди и хибридна верзија на луксузниот теренец. Таа верзија ќе биде опремена со TDV6 моторот кој во овој случај ќе испорачува 286 коњски сили, но и специјален ZF менувач во кој конвертерот на вртежниот момент ќе биде замемент со електричен мотор кој ќе нуди дополнителни 47 коњски сили и 170 Nm вртежен момент. Литиум-јонската батерија ќе биде поставена во подот.

4. Трансмисијата

Новиот Range Rover продолжува да го користи автоматскиот менувач на ZF, кој сега се користи во скоро сите модели на Jaguar и Land Rover. Менувањето на брзините трае 200 милисекунди, но има и специјална контрола на работа во место која го намалува испорачувањето на гориво за 70% во одредени ситуации.

5. Еко-Вредностите

Не може да зборуваме за нов автомобил, а да не ги спомнеме еколошките вредности кои тој ги брани. Дури 85% од новиот Range Rover може да бидат рециклирани, а во него ќе бидат вградени 35 килограми рециклирана пластика. Интересно е дека е работено и на производниот процес – па така делот од фабриката каде што се склопува каросеријата троши 75% помалку енергија од класичните фабрики кои работат со челик. Аеродинамиката на новиот Range Rover е подобрена за 10% благодарение на активни канали за воздух, специјални панели под каросеријата и севкупно подобрениот проток на воздух.

6. Кочниците

Brembo шепите, 380-милиметарски дискови напред и 365-милиметарски дискови позади ќе обезбедат најдобро можно кочење. Кочниците работат во соработка со најновата генерација контролни системи на Bosch, и нудат опции како активен темпомат, помош при движење во гужва, асистенција при одржување стабилност на приколка, интелигентно итно кочење, итн.

7. Теренските способности

Range Rover не би бил Range Rover доколку не нуди импресивни перформанси надвор од асфалтираниот пат. Аглите за качување и симнување се зголемени, а автоматскиот режим на работа ќе ја зголеми оддалеченоста од подлогата за 35 милиметри ако контролната единица примети дека автомобилот е „насукан“. Растојанието од оската до подлогата е поголемо од она на Land Rover Defender, а длабочината на вода низ која Range Rover може да помине е зголемена за цели 200 милиметри, и сега изнесува 900 милиметри!

8. Суспензијата

На задната страна, мултилинк суспензијата е прикачена за рам изработен од алуминиум кој е 15 килограми полесен. Точките на поврзување се 30% поцврсти бидејќи се направени на специфични локации на автомобилот, а воздушната суспензија од петтата генерација има поголеми резервоари, тежи помалку и нуди поголема контрола врз тркалата.

Навистина многу технологија, нели?



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.