Новото Volvo V40 R-Design ја доживеа неговата премиера на автомобилскиот саем во Париз.
Покрај погрубата Cross Country изведба, Volvo претстави поспортска R-Design верзија од компактниот премиум модел V40. R-Design верзијата е пакет на опрема кој содржи минимални подобрувања на надворешноста и внатрешноста на овој премиум компакт, нешто како “R-Line” пакетот на опрема кај моделите на Volkswagen.
Volvo V40 R-Design располага со малку поагресивен екстериер благодарение на изменетиот преден браник, новиот заден дифузер и надворешните ретровизори, хромираните издувни цевки и 17-инчните или 18-инчни тркала. Купувачите на R-Design моделот имаат избор помеѓу седум бои за каросеријата вклучувајќи ја “Rebel Blue” со во која е офарбан автомобилот прикажан на сликите.
Во внатрешноста, дизајнерите на Volvo додале спортски седишта обвиени во црна перфорирана кожа, специјално дизајниран спортски волан, рачка на менувачот, рачна кочница и спортски педали и нови алуминиумски облоги. Покрај споменатото, инструмент таблата на R-Design е осветлена во амбиентална сина боја.
Гамата на мотори нема измени и останува иста како кај стандардниот модел, од најекономчниот D2 дизел со 115 кс и просечна потрошувачка од 3.6-литри на 100 км па се до најсилниот турбо бензинец со 254 кс.