Кога Ferrari ќе ја прикачи придавката Evoluzione (или скратено, само Evo), тогаш целиот автомобилски свет обрнува внимание!
Но кога ќе ја додаде придавката Evo на модел кој веќе е посебен (и не е ни легален за возење по улиците), тогаш резултатот е навистина сериозен. Всушност, 599XX ЕVO е тест-возило за следната генерација автомобили на Ferrari – ја има најновата технологија која купувачите имаат шанса да ја пробаат на затворена стаза – и да платат (и тоа дебело!) за тоа задоволство.
А разликите до „обичниот“ 599XX не се мали. Започнуваат со специјалниот издувен систем кој му дозволува на автомобилот полесно да „дише“, а завршетоците се на страните на возилото, наместо на задната страна. Моќноста е зголемена на 740 коњски сили на 9000 вртежи и импресивни 700 Nm вртежен момент!
Но интересна е и активната аеродинамика поставена во задниот спојлер, која е поврзана со управувањето и уште некои системи. Во зависност од управувањето, брзината и движењето, активните елементи соодветно се адаптираат и помагаат при влегување во свиоци. Заедно со новиот преден браник и изолацијата под автомобилот, Ferrari тврди дека со ова значително се зголемува аеродинамиката и стабилноста.
А да, заборавивме да ви кажеме дека овој пакет е исклучиво за постоечки сопственици на Ferrari 599XX, и дека чини „само“ 185.000 евра!