Audi S3 – 300 коњски сили и 100 километри на час за 5.1 секунди! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Audi S3 – 300 коњски сили и 100 километри на час за 5.1 секунди!

Само еден ден откако го претстави новиот A3 Sportback, Audi ни го претстави и нивниот нов натпреварувач кај популарните спортски хечбекови – брзиот Audi S3!

Бидејќи веќе знаеме скоро се за Audi A3, да се задржиме на најважните работи – под поклопецот на моторот се крие 2-литарски TFSI турбо-бензински агрегат кој испорачува цели 300 коњски сили и здрави 380 Nm вртежен момент! Сите тие коњи му даваат доволно сила на S3 за да може да забрза до 100 километри на час за само 5.1 секунда ако е опремен со S-Tronic менувачот со двојна спојка, односно 5.4 секунди ако е опремен со мануелен менувач.

Audi најавува дека ова е целосно нов мотор, и дека единствената сличност со претходниот е само капацитетот од 1984 кубни сантиметри. Новиот мотор нуди 380 Nm вртежен момент веќе од 1800 вртежи, и ги испорачува се до 5500 вртежи. Моторот постигнува 300 коњски сили на 5500 вртежи, а црвената линија е поставена на 6800 вртежи.

Она што навистина изненадува е најавената потрошувачка од само 6.9 литри на 100 изминати километри и ниската (за овој вид на возила) емисија на штетни гасови од 159 грама CO2 на изминат километар.

Секако, S3 од обичниот А3 се издвојува и со спортските браници, 25 милиметри пониското подвозје и големите 18-инчни тркала кои ќе бидат ексклузивни за S3. Зад предните тркала се кријат големи 340 милиметарски дискови, а не смееме да го заборавиме ниту перманентниот погон на сите четири тркала кој ќе ви овозможи сите овие перформанси да ги пренесете на улицата. На крајот, ќе истакнеме дека новиот S3 тежи 1395 килограми, односно околу 60 килограми помалку од минатата генерација.

Поврзано:  Пристигна новиот Audi A5!

Би можеле уште многу да зборуваме за новиот S3, но веќе ги знаете најважните податоци. Уживајте во фотографиите!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.