Што да очекуваме од саемот во Париз? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Што да очекуваме од саемот во Париз?

Веќе добро знаеме дека се ближи почетокот на големиот саем за автомобилите во Париз, а секојдневно полека со запознаваме со некои новитети и концепти кои своето деби ќе го имаат баш во градот на светлината!

Од 29 Септември до 14 Октомври, Париз ќе биде преплавен со автомобили, автомобилски ентузијасти и новинари. Токму тука, за прв пат ќе видиме неколку автомобили кои нестрпливо ги чекавме цела година!

CARclub.mk секојдневно ви ги претставува автомобилските вести, а овој период бевме преплавени со новитети и концепти кои ќе се појават токму во Париз. Затоа одлучивме да ги собереме на едно место сите информации за овој настан и накратко да се осврнеме на оние, „поважните“ автомобили.

Како што знаеме, во Париз не очекува премиерата на наследникот на најпродаваниот автомобил во 2011 година – VW Golf VII, потоа Французите ќе ги претстават Peugeot 208 GTI, Citroen DS3 Cabrio а Renault ќе го претстави новото Clio! Тука ќе биде и Ford кој ќе го претстави новото Mondeo, како и фејслифтот на нивниот најпопуларен автомобил – Fiesta. Од Opel го очекуваме најмалиот член во семејството Adam, како и фејслифтираните Astra, Insignia и Meriva.

Од поегзотичните модели, Audi ќе го претстави освежувањето на R8, Aston Martin ќе ги донесе Vanquish и V12 Vantage Roadster.

Но, да започнеме со ред – најпрв0 накратко да ги претставиме „поважните“ автомобили и оние неколку концепти кои не очекуваат во Париз.

Ќе започнеме со Aston Martin. Како што знаеме Vanquish е наследникот на легендарниот DBS кој го носи 5.9 литарскиот V12 мотор со 556 КС и 620 Nm вртежен момент. Aston Martin оваа година освен Vanquish ќе го претстави и Vantage V12 Roadster, верзијата без покрив на популарниот Vantage Coupe. Големииот 5.9-литарски V12 мотор во Vantage Roadster нуди 510 КС и 570 Nm вртежен момент со кои ветува одлична забава и импресивни перформанси.

Audi во Париз ќе го претстави фејслифтот на R8. Ние веќе пишувавме за него, но да се потсетиме дека сега R8 има и нов мотор со 542 КС! Од Audi ги очекуваме и A3 Sportback, RS5 Cabriolet, SQ5 и S3.

Да не го заборавиме Chevrolet, кој како што знеме за прв пат ќе го претстави Chevrolet Trax, компактниот кросовер кој всушност претставува Opel Mokka, но во изведба на Chevrolet.

Ford оваа година е прилично активен – од нив го очекуваме новото Mondeo за кое веќе неколку пати пишувавме, потоа следи премиерата на Ford EcoSport и Ford Edge – двата компактни кросовери. Ford ќе ја претстави и новата Kuga како и фејслифтот на Fiesta!

Корејците – Hyundai и Kia исто така ќе донесат нешто ново – Hyundai ќе го претстави i30 во верзија со три врати, како и фејслифтот на Santa Fe, додека од KIA го очекуваме Pro_Cee`d и фејслифтот на Sorento.

Домашните производители ќе претстават нешто интересно. Peugeot ќе ја претстави малата 208-ка во GTI изведба, како и тркачката верзија – 208 Type R5. Oд Францускиот лав ќе го видиме и фејслифтот на RCZ, 2008 Concept како и концептот Onyx! Од Citroen го очекуваме DS3 Cabrio, а од Renault ќе го видиме новото Clio, како и неговата RS изведба но и освежениот Fluence!

Да се потсетиме дека од VW групацијата ќе ги видиме новиот Leon, новиот седан на Skoda и Seat – Rapid односно Toledo. Volkswagen ќе ја претстави седмата генерација на Golf, како и R-Line изведбата на популарната “Буба”.

Покрај овие автомобили, во Париз ќе видиме неколку новитети од Porsche, како Cayenne S Diesel, 911 GTR и 911 Carrera 4 и 4S. За Cayenne S Diesel веќе пишувавме и знаеме дека во него е сместен големиот 4.2 литарски V8 дизел агрегат со 382 КС и 850 Nm вртежен момент! Porsche Carrera 4 и 4S, како што знаеме се моделите со погон на сите тркала, а веќе направивме една панорама за нив каде се собрани сите информации!

Покрај овие автомобили, во Париз ќе видиме и уште многу, многу други новитети, премиери и фејслифтирани модели. Се надеваме дека успеавме да ви пренесеме дел од она што не очекува во Париз, а за повеќе информации следете не и во иднина!



Во своите најлуди соништа Димитар вози Ford Fiesta ST, а во реалноста ја обожава својата "нормална" Fiesta. Среќен што е дел од CARclub.