Новиот SUV на Alfa Romeo од денес е достапен во салонот на италијанскиот бренд во Скопје!
И на нашиот пазар Junior е достапен како целосно-електричен кросовер, или пак како хибриден модел. Соодветно на тоа и имињата – Junior Elletrica или Junior Ibrida.
Хибридниот Junior добива 1.2-литарски турбо-бензинец со хибридна компонента кој испорачува вкупно 136 коњски сили, додека електричниот Junior е достапен со 156 или дури 280 коњски сили.
На предниот дел вниманието оди веднаш кон централно-поставеното Scudetto лого на Alfa Romeo, но и широките, повеќеслојни предни светла и длабокиот преден браник. Профилот е динамичен благодарение на мускулестите форми, но и издвоениот кров. Задниот дел влече инспирација од Giulia Zagato и најзабележливиот дел е токми големиот лак кој се протега од едниот до другиот крај и во кој се кријат светлосните елементи.
Кабината на Junior е типична за Alfa Romeo – спортска, динамична и привлечна. Веднаш ги забележуваме новите дигитални инструменти, но и централно-поставениот мултимедијален уред и спортските седишта кои изгледаат одлично.
Дизајнерите на Junior се особено горди на деталите – како на пример отворите за вентилација кои се во форма на детелинка со четири листа.
Junior отвора едно сосем ново поглавје за Alfa Romeo – ова е првиот компактен кросовер во историјата на брендот, па затоа и добива толку многу внимание. На прв поглед, ветува многу, останува и самите да се увериме во неговите таленти. Цените за Junior Ibrida во Македонија започнуваат од 29.500 Евра.