Јапонските Honda Motor Co. и Nissan Motor Co. се подготвуваат да започнат преговори за спојување, а потенцијален трет учесник е и Mitsubishi.
Јапонскиот Nikkei пренесува дека двата јапонски гиганти се подготвуваат да започнат преговори за евентуално спојување. Со ваков чекор би се создала нова компанија која би била ривал на Toyota, но истовремено целата јапонска автомобилска индустрија би се консолидирала во само две компании. Honda и Nissan веќе започнаа соработка за заеднички развој на батерии и софтвер за електрични возила.
Nikkei пренесува (без да цитира извори) дека двете копании планираат да потпишат меморандум за разговор за заедничко учество во нова холдинг корпорација под која би функционирала заедничката компанија. Дополнително, овој потег би им овозможил на Honda и Nissan глобално да се натпреваруваат со значително поголеми компании. Nikkei пренесува дека главната конкуренција се гледа во Tesla, но и во сè поагресивните кинески производители.
Nissan во моментов се соочува со потешкотии и веќе работи на делумно ослободување од стратешкото партнерство со Renault. Honda пак работи на хибридни бензински возила, но и работи на зголемување на производствените капацитети за целосно-електрични возила.
Гледано низ призма на бројки, во првата половина од 2024 Honda, Nissan и Mitsubishi заеднички продале околу 4 милиони возила.
Следната година ќе биде бурна за автомобилската индустрија!
Извор: Nikkei преку Automotive News