Stellantis пред само неколку моменти објави дека Carlos Tavares веќе не е Главен Извршен Директор (CEO) на глобалниот автомобилски гигант.
Повлекувањето на Tavares беше на некој начин очекувано – Stellantis има не-баш-фантастични резултати во САД, но и на некои други пазари ширум светот. Се шпекулираше дека Tavares ќе остане на позицијата до истекот на неговиот договор (на почетокот на 2026), но пред само половина час Stellantis објави дека одборот на директори на компанијата ја прифатил оставката која веднаш стапува на сила.
Процесот за назначување нов CEO е веќе во тек, а за тоа е формиран специјален комитет и се очекува новиот директор да биде одбран во првата половина од следната година. Во меѓувреме е поставен нов извршен комитет на чело со John Elkann.
John Elkann изјави: „Му благодариме на Carlos за годините посветена работа и улогата која ја имаше во креирањето на Stellantis, како и неговата работа за трансформирањето на PSA и Opel. Неговата работа нè постави на патот да бидеме глобален лидер во автомобилската индустрија. Се радувам на работата со Извршниот Комитет кој ја има поддршката од сите колеги во Stellantis. Заедно ќе го завршиме процесот за избор и назначување на нов CEO. Заедно ќе ги осигураме стратегиите на компанијата и долгорочните интереси на Stellantis и неговите акционери.“
Токму Tavares беше човекот кој беше на чело на темелната трансформација (и многумина би рекле и спасот) на Peugeot и Citroen, односно PSA. Под негово водство PSA го купи Opel и успеа истата стратегија да ја примени и кај германскиот бренд. Tavares беше на чело на спојувањето на двата гиганти PSA и FCA во Stellantis и токму Tavares го презема водството кон електрификација на Stellantis. Како и да е, ова е навистина важна одлука за автомобилската индустрија. Следат интересни неколку месеци!