ТЕСТ: Toyota Camry 2.5 Hybrid CVT Luxury – Заборавивме што значи добар седан! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota Camry 2.5 Hybrid CVT Luxury – Заборавивме што значи добар седан!

Трендовите се непобедливи и SUV-лудилото завладеа со светот. Вистината е дека ги заборавивме седаните, а кога седан е толку добар како Camry, тогаш го заслужува сето внимание кое може да го добие.

Последен пат седнавме зад управувачот на Camry пред нешто повеќе од три години. Тогаш го возевме фејслифтираниот Camry од минатата генерација и останавме на ставот дека токму Camry е најдоброто од Toyota. Да, RAV4, CH-R и Yaris Cross можеби се меѓу најпродаваните модели, но вистината е дека сета умешност и сета експертиза на дизајнерите и инженерите на Toyota најдобро се гледа токму кај „најконвенционалниот“ модел – а тоа е секако Camry.

Денес сме тука да зборуваме за најновата генерација на седанот кој се продава ширум светот и кој најверојатно (покрај Corolla, секако) е најзаслужен за глобалниот успех на јапонскиот бренд. Новата генерација ја носи интерната ознака XV80 и всушност користи надградена верзија од платформата која ја користеше и минатиот Camry. Интересно, дури презема и неколку каросериски делови – како на пример кровот и предните врати. Но затоа добива темелно ревидирана суспензија, унапреден хибриден погон и уште посовремени технологии за безбедност. Плус, ги има сите оние квалитети кои еден Camry треба да ги има.

Camry е широк и низок седан – а тоа како да станува реткост.

И што значи сето тоа? Па првиот контакт е секако визуелен – и новиот Camry изгледа навистина нов. На предниот дел се истакнуваат светлата кои со нивниот дизајн влечат инспирација од новиот Prius и се визуелно споени во еден каросериски елемент. Предниот дел е остар, со широк и длабок отвор за воздух во долниот дел од предниот браник, додека на поклопецот на моторот се забележуваат длабоко-изрезбаните детали кои истакнуваат неочекувано-динамичен карактер.

Профилот е прилично низок, со длабока и самоуверена каракерна линија и дискретен заден спојлер во поклопецот од багажникот.  Ни се допаѓа и дискретната дијагонална линија која се издигнува од вертикалната средина на предните тркала кон врвот на задните. Кога сме кај тркалата – 18-инчните тркала добро ги пополнуваат крилата и ова е еден од ретките случаи кога сметаме дека поголеми тркала најверојатно и не се потребни.

Поврзано:  RAV-X е робусна верзија на Toyota Rav4

На задниот дел вниманието оди кон затегнатите линии кои прават каросеријата да изгледа како да е навлечена над конструкцијата под неа. Светлата се супер-модерни и во истиот дизајнерски стил како и предните. Ни се допаѓа и дека дизајнерите одлучиле да ја задржат регистерската табличка меѓу задните светла наместо да ја истуркаат во браникот како што е сега тренд кај повеќето нови автомобили.

Сè на сè – Camry изгледа модерно без да изгледа како да ќе застари за само неколку години. Изгледа современо без непотребни додатоци и „финти“ – едноставно, Camry е Camry.

Луксузен ентериер, многу простор, многу опрема

Кога ја отворивме возачката врата нè пречека навистина луксузен, опулентен ентериер. Во кабината преовладуваат квалитетни материјали и навистина завидно ниво на завршна обработка. Се спуштаме во возачкото седиште и седиштето самото се прилагодува кон претходно-нагодената позиција а управувачот електронски ни се доближува. Секако, сето ова е направено за влегувањето и излегувањето да биде полесно – но вистината е дека оваа мала „драма“ дополнително го издвојува искуството од директните конкуренти.

Директно пред возачот е поставен нов 12.3-инчен дигитален дисплеј на кој се прикажуваат сите информации околу возењето. Неговите функционалности се контролираат преку контролите поставени на управувачот и иако интерфејсот не е најинтуитивниот, сепак откако ќе го нагодите да изгледа и функционира онака како посакувате, вистината е дека функционира навистина добро. На ветробранското стакло се проектира head-up дисплеј во боја.

На средината на предната конзола е поставен уште еден екран со дијагонала од 12.3-инчи, наменет за мултимедијалните функционалности и навигацијата. Самиот систем е базиран врз Toyota Touch 2.0 платформата и функционира прилично брзо и подготвено реагира на секоја команда, но секако има и безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување.

Под централниот дисплеј се поставени физичките контроли за клима-уредот, додека под нив е безжичниот полнач за мобилен телефон. На гребенот меѓу возачот и совозачот се селекторот за режим на работа и рачката од менувачот.

Инаку, во Camry се седи ниско, а седиштата се комфорни и се нагодуваат во еден куп различни насоки, а во врвно опремената Luxury изведба доаѓаат со систем за греење и вентилација. Навистина немаме забелешка на кабината – ако нешто не ни се допаѓа, тоа најверојатно би било големото парче пијано-црна пластика поставено пред совозачот.

Поврзано:  А90 Final Edition е последната Toyota Supra

Слична е приказната и на задната клупа. И задните седишта имаат загревање, а нивниот агол се нагодува електронски преку контролерот поставен во централниот наслон. Таму можат да се контролираат и уште неколку работи – климатизацијата во задниот дел, задната завеса, музиката и слично.

На задната клупа има многу, ама навистина многу простор – двајца патници ќе имаат доволно простор како за нозете, така и за главите и комфорно ќе патуваат и кон подалечни дестинации. Има место и за тројца, секако, но се гледа дека Camry е замислен и дизајниран за двајца патници на задната клупа.

Кон багажникот се пристапува преку конвенционален поклопец како кај секој седан. Багажникот е со капацитет од 493 литри. Некои од конкурентите имаат поголем багажен простор, но да бидеме искрени – безмалку 500 литри не се за потценување.

2.5-литарски хибрид, 231 коњска сила и врвна ефикасност

И кога сме кај патувањето – тука Camry е во својот вистински елемент. Под предниот поклопец се крие најновата итерација на добро-познатиот 2.5-литарски хибриден погон кој комбинира четири-цилиндерски атмосферски бензинец кој работи на аткинсоновиот циклус со електромотор и батерија. Вкупната, системска моќност е 231 коњска сила додека вртежниот момент е комбинација од 221 Nm од бензинецот и 208 Nm од електромоторот. Сета сила се испорачува кон предните тркала преку CVT менувач, а таа комбинација пак овозможува забрзување до 100 километри на час за 7.2 секунди и максимални 180 километри на час.

И зошто е Camry во својот вистински елемент на отворен пат? Затоа што е долг, голем, комфорен седан. SUV-доминацијата направи да заборавиме што значи тоа. Се патува комфорно и тивко, без никакво непотребно навалување или лулање кое е толку карактеристично за безмалку било кој SUV. Во кабината е тивко а CVT менувачот е калибриран токму кон оваа цел и освен при „гас до даска“ ситуации воопшто го нема она препознатливо „завивање“ кое е карактеристично за CVT системите.

Поврзано:  RAV-X е робусна верзија на Toyota Rav4

Од друга страна, системот е исклучително ефикасен. Низ град можете да очекувате потрошувачка од околу 6 литри на 100 изминати километри, а тука некаде се движи и кога ќе излезете на автопат.

Со оглед на димензиите, Camry изненадува со својата агилност. Во ред, во ред, ова не е седан кој се наметнува со својот спортски карактер (и не ни треба тоа да се очекува од него), но директното и прецизно управување и моќниот погон успеваат да понудат изненадувачки динамична комбинација. Ќе додадеме и дека инженерите поработеле на звучната изолација, нешто што станува очигледно при автопатски брзини.

За оние кои нема да подлегнат на SUV-притисокот, Camry е еден од најдобрите седани на пазарот.

И каде нè носи сето ова? Дали заклучокот е повторното толку лесен и дали Camry и понатаму е најдоброто од Toyota? Одговорот е истовремено и лесен, но и не толку лесен. Зошто? Затоа што сме уверени дека за оние кои ќе успеат да се изборат со трендовите и притисоците и нема да подлегнат на SUV-лудилото, Camry има навистина многу да понуди и дека да, Camry е најдоброто од Toyota. За оние кои сепак се понаклонети кон SUV, би рекле – сепак дадете му шанса на седанот. Заборавивме што значи добар седан.

Спецификации

Модел: Toyota Camry 2.5 Hybrid CVT Luxury
Мотор: 2.5-литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри + електромотор
Моќност: 231 коњска сили / 3500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 221 Nm / 3600 – 5200 вртежи во минута
Менувач: Автоматски безстепен CVT
Забрзување 0-100 км/ч: 7.2 секунди
Максимална Брзина: 180 километри на час
Должина: 4915 mm
Ширина: 1840 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1445 mm
Тежина: 1660 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2825 mm
Багажен Простор: 493 литри
Потрошувачка: 6 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Toyota Camry 2.5 Hybrid 231 CVT Comfort – 44.490 Евра
Цена на тестираниот модел: Toyota Camry 2.5 Hybrid 231 CVT Luxury – 52.990 Евра
Повеќе Информации: Toyota.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.