Новиот Duster е врвната форма на Dacia – робустен и докажан, но сепак достапен. Но сега, тврдиме дека преку третата генерација на супер-популарниот теренец (верувале или не) Dacia стана кул!
Да да, во ред, сите сме ги слушнале и стие ги знаеме разно-разните шеги на сметка на романскиот производител. Некои од нив вклучуваат солзи, некои од нив и многу поекстремни опции. Но вистината е дека Renault го направи вистинскиот потег со Dacia. Како што низ годините, многу од директните (па и индиректните) конкуренти се натпреваруваа кој ќе направи автомобил со повеќе (би рекле и во многу случаи, непотребни) играчки, Dacia остана приземјена, рационална.
А тоа вроди со плод – неретко, токму автомобилите на Dacia беа на самиот врв на најпродавани автомобили во Европа. И да, секако – цената игра улога, но уште повеќе игра улога искреноста на брендот. Нема тука непотребни џиџи-миџи и мижи-асан-да-ти-баам технологии кои никој никогаш нема да ги искористи. Освен можеби да му ги покаже на соседот, колку да се пофали. Не, Dacia одлучи да направи нешто похрабро. Dacia одлучи да нуди искрени, чесни автомобили кои не се обидуваат да бидат нешто што не се.
Единствено, можеби им недостасуваше малку кул фактор. И да, може да се каже дека токму едноставноста на моделите на Dacia е кул (и ние најверојатно и би се согласиле со тоа), но вистината е дека ние луѓето сме визуелни суштества и дека дизајнот игра огромна улога. А со новиот Duster… Да, Dacia стана кул.
Погледнете го Duster!
Зошто? Па, едноставно – погледнете го. Деновите на здодевен дизајн и дизајнирани-за-да-бидат-евтини панели се зад нас. Duster изгледа многу робустно и издржливо, но на футуристички начин. Како да ќе оди да истражува други планети.
И дизајнот на Dacia ги истакнува токму овие елементи. На предниот дел вниманието оди кон хоризонталноста на дизајнот, односно хоризонтално-поставените предни светлосни елементи и широката решетка меѓу нив. Тука забележуваме и интересна и креативна фитна – во предните светла се имплементирани дневните LED светла со Y-потпис, а на решетката во средина продолжуваат хоризонталните елементи и се спојуваат во централно-поставеното лого на Dacia. Но тие не се осветлени, нема потреба од таков непотребен трошок. Тие се едноставно – бели. А бидејќи се бели, изгледа како да светат и како целиот преден дел да е осветлен во една целина. Паметна финта, нели?
Во долниот дел од браникот се забележува огромен пластичен заштитен панел во бронзена боја. Од него „излегуваат“ заштитните пластики во црна боја кои се проткајуваат околу целиот Duster и ја нагласуваат неговата робустност.
Профилот ни е можеби најинтересен, бидејќи токму тука се гледа вистинскиот напредок во дизајнот на Duster. Веќе ги нема здодевните површини, сега препознаваме покомплексни линии и форми и похрабри дизајнерски решенија. На пример, декоративните, хоризонтално-поставени декоративни пластики во предните врати – навистина ни се допаѓаат. Ни се допаѓа и долната линија на стаклените површини која дискретно се издигнува кон крајот на каросеријата и се спојува со долната линија од задниот спојлер.
И тоа нè носи до задниот дел. Повторно – нема здодевни форми. Светлата се исфрлени широко на страниците, просторот за табличката е вовлечен навнатре во петтата врата и повторно, црните заштитни пластики ја нагласуваат издржливоста на Duster.
Сè на сè – Duster веќе не изгледа здодевно. Напротив, Duster изгледа интересно, привлечно и самоуверено. И луѓето веднаш го препознаваат. „Новиот Duster a? Машала, до каде дојдоа..“ беше неизбежен и редовен коментар од случајните минувачи за време на тест-возењето.
Привлечна, комфорна и значително поинтересна кабина.
Oкеј, но како е внатре? Повторно, сериозен исчекор нанапред. Ако кај досегашниот Duster ентереирот беше функционален но релативно здодевен, сега ентериерот на Duster е значително поинтересен и посовремен. Забележуваме интересна комбинација од материјали и текстури. Да, повторно преовладуваат пластики, но сега се поквалитетни, нијанса помеки и значително поинтересно текстурирани. Управувачот и рачката од менувачот се обложени со кожа и се пријатни на допир, а и повеќето површини со кои ќе имате редовен контакт не се чувствуваат евтини. Седиштата се обвиени во комбинација од текстил и MicroCloud супер-издржлив материјал, а контрастните шевови дополнително додаваат уште малку карактер.
Инаку, пред возачот е поставен 7-инчен дисплеј наменет за прикажување на сите информации за возењето. Достапни се неколку различни режими на приказ и генерално, сите информации се прегледни и лесни за разбирање. На централната конзола е поставен нов, 10-инчен мултимедијален дисплеј со Android Auto и Apple CarPlay поврзување. Преку овој дисплеј се контролира и навигацијата и повеќето други функционалности, но дефинитивно ќе ја поздравиме одлуката на Dacia да задржи физички (и тоа прилично chunky) контроли за клима-уредот.
Околу возачот и совозачот има доволно места за складирање ситници. На задната клупа има нешто помалку, но патниците добиваат сопствени USB-C приклучоци. Истовремено, немаме никакви забелешки ниту на просторната понуда на задната клупа – Duster е сосем комфорно во рамките на класата, но на задната клупа комфорно ќе се сместат двајца патници и ќе имаат повеќе од доволно простор како за нозете, така и за главите. Всушност, доколку е навистина потребно, на задната клупа (релативно) комфорно ќе сместите и тројца патници.
Багажникот кај верзијата со погон на сите четири тркала е со капацитет од 456 литри – и тоа е веќе сосем импресивно. Но доколку изберете верзија со погон само на предните тркала, багажникот расте на 517 литри – а тоа е веќе навистина импресивно. Плус, добро е да се знае ако планирате Duster да го користите како семеен автомобил и капацитетот на багажникот ви е поважен од погонот на сите четири тркала.
Нова платформа, лајт-хибриден погон, 4х4
А кога сме кај погонот, вреди да се напомене дека Duster е сега на сосем нова платформа која ја дели со Renault Captur и Clio, Nissan Juke, па дури и новиот Renault Symbioz. Таа платформа не само што овозможува пристап до понапредни и помодерни компоненти за суспензијата, оовозможува и пристпа до нови, современи погонски единици.
Нашиот Duster дојде со 1.2-литарски, трицилиндерски TCE турбо-бензинец со лајт-хибридна компонента. Овој мотор испорачува 130 коњкси сили од 4500 до 5500 вртежи во минута и респектабилни 230 Nm вртежен момент од 2100 до 3500 вртежи во минута. Користи мала батерија со капацитет од 0.84 kW за да напојува мал стартер-генератор кој пак му асистира на бензинецот.
Силата ја пренесува преку 6-степен мануелен менувач примарно кон предните тркала, но во ситуации кога системот ќе забележи пролизгување подготвен е дел од вртежниот момент да го насочи кон задната оска. Секако, постои и опција за одбирање режим на возење и мануелно заклучување на диференцијалот кога условите тоа ќе го побараат.
И што значи сето тоа? Па, ајде прво за перформансите на моторот. 100 километри на час пристигнуваат за 10.1 секунда, додека максималната брзина е 180 километри на час. Педалата од спојката е мека, а манулениот менувач е прецизен. Малиот мотор со нескриен ентузијазам ги зголемува вртежите, но на повисоки вртежи се забележува нијанса поголема бучавост.
Но затоа Duster е навистина посозреан зад управувачот. Веќе го нема она лебдење и она мало чувство на неповрзаност меѓу автомобилот и подлогата кое беше карактеристично за минатиот Duster. Сега Duster се чувствува прилепен за подлогата и значително порафиниран кога возиме по асфалт. Дури и на подолги патувања во кабината е комфорно и прилично тивко. Дали би сакале уште малку звучна изолација? Да, најверојатно, но тоа е веќе „фаќање за ситници“.
А Duster е подеднакво импресивен и кога „ќе се потроши асфалтот“. Системот за блокада на диференцијалот овозможува лесно совладување и на посериозени теренски предизвици, а сигурни сме дека со вистински теренски пневматици, Duster ќе биде незапирлив. Технологиите се едноставни, но докажани.
И зошто тврдиме дека Dacia стана кул? Затоа што Duster е кул!
И зошто тврдиме дека Dacia стана кул? Затоа што Duster е кул. Да, и минатите генерации беа кул на свој начин, на начин кој повеќето сопственици го разбираа, но ако досега Dacia се купуваше воглавно со разум, сега веќе разбираме зошто некој би купил Duster и со срце.
Duster изгледа одлично, вози значително подобро од досега и доаѓа со сите потребни (и без сите непотребни) играчки. Плус, одлично ги задоволува потребите како на флотните, така и на семејните купувачи. И изгледа одлично, спомнавме?
Спецификации
Модел: | Dacia Duster 1.2 TCE 130 4×4 Extreme |
Мотор: | 1.2-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри, MHEV |
Системска Моќност: | 130 коњски сили / 4500 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 230 Nm / 2100 – 3500 вртежи во минута |
Менувач: | Мануелен, 6 брзини |
0-100 км/ч: | 10.1 секунди |
Максимална Брзина: | 180 километри на час |
Должина: | 4343 mm |
Ширина: | 2069 mm (со странични ретровизори) |
Висина: | 1661 mm (со кровни носачи) |
Тежина: | 1436 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2657 mm |
Багажен Простор: | 456 – 1548 литри |
Потрошувачка: | 8.8 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Dacia Duster 1.0 ECO-G Essential – 21.450 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Dacia Duster 1.2 TCE 130 4×4 Extreme – 30.330 Евра |
Повеќе Информации: | Dacia.mk |