Електричниот, брутален Mercedes-Benz G580 EQ стигна во Македонија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Електричниот, брутален Mercedes-Benz G580 EQ стигна во Македонија!

Целосно-електричната изведба на легендарната „Ге-Класа“ пристигна во салонот на Мак Аутостар во Скопје.

Под металната кожа на Mercedes-Benz G580 with EQ Technology (да, тоа е целото име и презиме) се кријат четири електромотори. Секој од нив испорачува по 145 коњски сили, за вкупно 580 коњски сили и – уште поважно, би рекле – неверојатни 1164 Nm вртежен момент.

Сето тоа овозможува катапултирање до 100 километри на час за 4.7 секунди, но и до максимална (електронски ограничена) брзина од 180 километри на час. Вртежниот момент се испорачува инстантно – а тоа ветува импресивни перформанси како на асфалт, така и кога ќе го снема.

Интересно, електричната G-Class добива и дво-брзински менувач кој е наменет да функциони како редуктор, а добива и G-Turn функционалности за вртење во место – како тенк. Електромоторите овозможуваат целосно „виртуелно“ фунцкионирање на заклучување на диференцијалите бидејќи секој мотор може индивидуално да се контролира.

Батеријата која го задвижува овој електричен теренски суперхерој е со капацитет од 116 kWh. Според официјалните информации кои пристигнаа од Mercedes-Benz, очекуваната автономија на електрична енергија е до 473 километри, измерени според WLTP, секако.

Електричната „Ге-Класа“ можете да ја видите во салонот на Мак Аутостар во Скопје.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.