ВОЗЕВМЕ: Opel Grandland Electric и Hybrid – Прв контакт со новиот знаменосец на SUV-гамата на Opel. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: Opel Grandland Electric и Hybrid – Прв контакт со новиот знаменосец на SUV-гамата на Opel.

Opel нè покани во Риселсхајм да го возиме новиот Grandland – моделот со кој германскиот бренд ја заокружува целосно-обновената SUV-гама.

Германскиот бренд доживува ренесанса. Новата приказна на Opel започна со Mokka, продолжи со Astra и освежената Corsa и сега се закружува со новите Frontera и Grandland. А токму кај новиот Grandland, Opel горд ја демонстрира сета своја иновативност, сето свое знаење и сето технолошко искуство. И затоа нè покани во Риселсхајм, каде можевме да ја видиме еволуцијата од глинен модел, преку концептен автомобил па сè до темата на денешниот разговор – новиот Grandland.

Прв модел на Opel поставен на STLA Medium

И сè е ново! Поставен на STLA Medium платформата на Stellantis, големиот Grandland е првенствено замислен и конструиран да биде целосно-електрично возило, но платформата овозможува вградување и на поконвенционални погони па Grandland ќе може да се добие и со лајт-хибриден погон, но и во плаг-ин хибридна варијанта.

На самиот старт достапна е целосно-електрична изведба со батерија со капацитет од 73 kWh која се комбинира со електромотор поставен на предната оска кој испорачува 213 коњски сили и 345 Nm вртежен момент. Покрај оваа изведба, достапна е и лајт-хибридна варијанта која комбинира 1.2-литарски турбо-бензинец со електромотор вграден во менувачот со двојна спојка. Оваа конфигурација испорачува 136 коњски сили.

Монолитски, одмерен и зрел дизајн

Но сепак, прво да зборуваме малку за дизајнот. Дизајнерите на Opel пристапиле внимателно кон дизајнот на Grandland бидејќи свесно и самоуверено сакале да го издвојат од другите модели во портфолиото на Stellantis со кои ја дели платормата. Тоа директно резултира со став на големиот SUV е безмалку монолитски, со остри линии, чисти површини и освежувачко отсуство на непотребни „комплицирања“ на дизајнот, кои обично ги има колку да ги има.

На предниот дел вниманието веднаш оди кон Vizor предната маска и редизајнираниот Opel Blitz. Ова се препознатливи дизајнерски елементи за Opel, но својата најнова интерпретација ја добиваа токму кај Grandland. Intellilux Matrix LED предните светла имаат дури 51.200 индивидуални LED елементи и овозможуваат беспрекорно осветлување на патот (и дури имаат систем за елиминирање несакани рефлексии од сообраќајните знаци), а дневните светла се дискретно интегрирани во светлосните групи.

Дизајнерски детаљ кој ни се допаѓа е остриот „гребен“ на предниот поклопец. Овој елемент дебитираше кај Mokka и стана препознатлив за Opel. Интересно, токму овој елемент дискретно кулминира во третото, вертикално-поставено задно стоп-светло.

Поврзано:  ТЕСТ: Opel Corsa 1.2 Hybrid eDCT6 Edition - Надградена и помодерна Corsa

Профилот е – повторно – едноставен, со внимателно-комбинирани површини и линии а големите тркала убаво ги пополнуваат крилата. Ќе напоменеме дека Grandland е „осетлив“ на изборот на боја и поубаво му прилегаат посветли бои кои ги истакнуваат контрастните црни елементи и црниот кров. Ваквата комбинација визуелно го приближува Grandland до подлогата. Бронзената боја на Grandland Electric дефинитивно ни се допадна повеќе од темно-сината боја на хибридниот Grandland.

На задниот дел вниманието дефинитивно оди директно кон задниот светлосен кластер и големиот светлечки тродимензионален OPEL знак вграден во него. Широко-поставените рефлектори дополнително ги нагласуваат димензиите на Grandland.

Сè на сè, би рекле дека Grandland успешно комбинира супер-модерни дизајнерски елементи со нијанса поконзервативни форми и решенија. Ваквата комбинација овозможува Grandland да изгледа модерно, но истовремено да нуди комфор и практичност кои го сместуваат на самиот врв во сегментот и кои купувачите на овие возила едноставно ги очекуваат.

Хај-тек кабина со практични решенија и многу, многу простор

А како е внатре? Кога ја отворивме возачката врата нè пречека модерна кабина која едноставно изгледаше привлечно. Пред возачот е поставен помал дигитален дисплеј наменет за најважните информации околу возењето, додека на средината на конзолата е поставен огромен, 16-инчен дигитален дисплеј наменет за мултимедијалните функционалности, клима-уредот и навигацијата. Веднаш под него се поставени физичките контроли за клима-уредот и тркалцето за гласност. Ако се прашуваме ние, би рекле дека дизајнерите и инженерите на Opel успеале да постигнат навистина одлична комбинација на високи технологии и конвенционални контроли.

Седишата се супер-комфорни, особено во врвната GS-изведба. Се нагодуваат во сите можни насоки, а доаѓаат и со загревање и систем за масажа. Возачот лесно наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција, а насекаде низ кабината има места за складирање ситници.

Поврзано:  Opel ја освежи Mokka - добива нов знак, нови светла, нови бои и освежен ентериер

Целата кабина е обвиена во интересни, современи материјали, а се забележува и отсуството на озлогласениот пијано-црн финиш кој е вистински магнет за прашина и отпечатоци од прсти. Материјалите даваат чувство на топлина кое е вистински добредојдено кај семеен SUV.

На просторната понуда нема да се пожалат ниту патниците на задната клупа. Секако, тука се и неизбежните ISOFIX фиксатори за детско седиште, а и патниците на задната клупа добиваат USB-C приклучоци и загревање на седиштата. Кон багажниот простор се пристапува преку голема петта врата, која пак овозможува лесен пристап кон багажникот со капацитет од 550 литри, односно  1645 литри со преклопена задна клупа.

Електричен, хибриден, одберете самите…

Прво седнавме зад управувачот на електричниот Grandland Electric. Како што рековме, доаѓа со батерија со капацитет од 73 kWh, како и електромотор кој кон предните тркала испорачува 213 коњски сили 345 Nm вртежен момент. Сето ова резултира со забрзување до 100 километри на час за рамно 9 секунди, како и максимални 170 километри на час. Уште поимпресивно, оваа конфигурација овозможува автономија до 523 километри според WLTP.

За жал, не успеавме да ја потврдиме оваа бројка, но ќе пријавиме дека досегот се намалуваше во сооднос со километрите кои ги поминувавме, па не очекуваме преголема отстапка. Достапна е верзија со батерија со капацитет од 82 kWh која овозможува автономија од безмалку 600 километри, додека следната година се очекува и верзијата со 97 kWh која најавува автономија до 700 километри. Полнењето е со максимална моќност до 160 kW и полнење од 10 до 80% трае околу 25 минути. Доколку полните дома и имате полнач со моќност од 11 kW, очекувајте да ја наполните батеријата за околу шест часа, односно преку ноќ.

Поврзано:  Opel Mokka беше дел од Skopje Coffee Festival

Инаку, погонот иако не е најмоќниот на планетата, навистина лесно го задвижува два тони тешкиот електричен SUV. Grandland доаѓа со напредните амортизери кои дебитираа кај Astra GSe и тоа придонесува кон изненадувачки неутралното управување – и покрај сета таа маса, Grandland самоуверено и послушно ја менува насоката на движење. Во кабината скоро и да не се пренесуваат непосакувани вибрации, а движењето на каросеријата е успешно контролирано.

По електричниот, седнавме во хибридниот Grandland кој е придвижуван од 1.2-литарски турбо-бензинец кој испорачува 136 коњски сили во комбинација со електромотор интегриран во автоматскиот менувач со двојна спојка кој испорачува 28 коњски сили и 55 Nm вртежен момент, а се напојува од мала батерија со капацитет кој не достигнува ниту 1 kWh. Но поентата на погонот е да овозможи ефикасно возење на ниски брзини – нешто кое со задоволство можеме да го потврдиме. Инаку, хибридниот погон овозможува забрзување до 100 километри на час за 10.2 секунди и максимални 202 километри на час.

Но ќе признаеме дека навистина нè изненади агилноста на хибридниот Grandland – сите оние работи кои важат за Grandland Electric, важат и тука, но се уште понагласени. Зошто? Па – верувале или не – Grandland Hybrid е полесен точно 500 килограми од Grandland Electric, а тоа резултира со значително понагласена динамичност. Едноставно, хибридниот Grandland далеку полесно ја менува насоката.

Opel се гордее со Grandland!

Нема поинаков начин да се каже ова – Opel се гордее со Grandland. И заслужено, би додале. Големиот SUV од Риселсхајм е фокусна точка на одлична комбинација на семејна практичност и просторност, високи технологии и зрели решенија. Кога ќе пристигнат и плаг-ин хибридните опции кои ветуваат автономија на струја од околу 90-тина километри во комбинација со турбо-бензинец, очекуваме дека Grandland лесно ќе ги надмине очекувањата на многумина. Секако ги надмина нашите.

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.