Škoda го претстави неизбежниот Kodiaq RS. Врвната изведба на големиот чешки SUV добива 280 коњски сили кои овомозжуваат спринт до „стотка“ за само 6.3 секунди!
Сакате голем, супер-практичен и брз SUV? Како и обично – Škoda го има она кое ви треба. Новиот Kodiaq RS добива 2-литарски TSI Evo турбо-бензинец кој испорачува одлични 265 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. Силата ја испорачува кон сите четири тркала преку 7-брзински DSG менувач со двојна спојка, а сето тоа резултира со спринт до 100 километри на час за 6.3 секунди и максимални 231 километар на час!
Секако, Kodiaq RS добива и грст визуелни и технички надградби. Предниот дел добива редизајниран преден браник, црна предна маска и RS значка. Профилот го дополнуваат огромните 20-инчни тркала, додека на задниот дел забележуваме завршетоци на издувниот систем изработени од нерѓосувачки челик. Дополнително, црни детали добиваат браниците, маската, поклопците на ретровизорите, како и Д-столбот.
Kodiaq RS доаѓа со прогресивно управување и неколку различни режими на работа – Eco, Comfort, Normal, Sport, Individual, Snow и Off-Road. Дел од пакетот е и DCC Plus суспензијата со дури 15 различни нагодувања за адаптивните амортизери.
Кабината добива спортски седишта, RS значки на управувачот, педали од инокс и црни материјали со контрастни црвени шевови. Како и обичниот Kodiaq, и Kodiaq RS добива два 10-инчни екрани или пак комбинација од 10-инчен и 13-инчен екран. Во однос на опремата, ќе кажеме дека едноставно „нема што нема“.
Со оглед на популарноста на минатиот Kodiaq RS и воопшто популарноста на Kodiaq, очекуваме дека трендот ќе продолжи и дека и новиот голем спортски SUV лесно ќе ги најде своите фанови.