ТЕСТ: Škoda Octavia 2.0 TDI 150 DSG Selection – Octavia и понатаму е… Octavia! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Škoda Octavia 2.0 TDI 150 DSG Selection – Octavia и понатаму е… Octavia!

Škoda неодамна подготви освежување за Octavia, а ние сме зад управувачот на врвно-опремена верзија, комбинирана со автоматски менувач и докажан турбодизел.

Škoda упорно и тврдоглаво продолжува да наметнува стандарди. Стандарди кога станува збор за просторност, стандарди кога станува збор за практичност, па дури и стандарди кога станува збор за посакуваност. Да, Skoda веќе одамна не е бренд кој се купува само поради тоа што е рационален, туку бренд кој се купува бидејќи едноставно… Луѓето сакаат да возат Škoda!

И можеби најдобар пример токму за тоа е Octavia. Да, Škoda има помали модели, има и поголеми модели (сте ги виделе новите Superb и Kodiaq??), но Octavia e онаа „златна средина“ за која другите брендови можат само да сонуваат. Еден автомобил кој успева да биде.. Сè за секого!

Дискретни естетски корекции – она кое не е расипано, нема потреба да се поправа!

Естетските корекции кај освежената Octavia се прилично дискретни. Препознаваме дискретно редизајнирани предни светла, нови, подлабоки и помускулести браници и нова графика на задните светла. А да, добиваме и нови дизајни на тркалата како и грст нови бои и… И тоа е тоа! Octavia и понатаму има нененаметлива со дискретно-купеовски профил и ѝ прилегаат едноставните, чисти линии.

Сепак, ќе ги истакнеме новите, унапредени Matrix LED предни светла кои се уште поефективни – овозможуваат импресивно осветлување во секакви услови. Не сме сигурни дека ни се допаѓа малиот „заб“ кој навлегува во браникот, но од друга страна и овозможува на Octavia уникатен светлосен потпис кој лесно се препознава.

Всушност, Octavia е директен пример за „ако не е расипано, не го поправај“ пристапот. И навистина – нема потреба од радикални измени – Octavia изгледа доволно резервирано за да изгледа безвременски, но и доволно модерно за да не изгледа здодевно.

Нови дигитални технологии, унапредена безбедност, ненадмината просторност

Порадикален исчекор забележуваме во кабината – покрај новите дигитални инструменти, Octavia добива и нов, надграден инфозабавен систем вграден во огромен 13-инчен дигитален дисплеј на допир кој доаѓа со ChatGPT интеграција. Плус, добива и ревидирани материјали за некои од површините и грст нови технологии – на пример, тука е новиот безжичен полнач за мобилен телефон со моќност од 15 вати (со вградено ладење!) како и нови безбедносни системи.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Škoda го претстави целосно-електричниот Elroq

Ќе го истакнеме Suite Cognac амбиенталниот пакет на нашиот тестен модел кој вклучува обложување на многу од површините во кафена кожа. ErgoComfort седиштата не само што се комфорни и нудат одлична поддршка (и имаат и AGR сертификат), туку се и обвиени во фина, мека кожа во истата кафена боја и се одличен контраст на црниот екстериер. Плус, имаат загревање и вентилација!

Инаку – ова е и понатаму Octavia, и тоа е можеби најдоброто кое може да се каже за Octavia. Просторната понуда е рекордна во класата (а можеби и класа поголеми возила ќе можат да ѝ позавидат), на задните седишта има многу, многу простор а багажникот и понатаму е приказна за себе.

Преку огромната петта врата се пристапува до пештерски багажник со капацитет од (безмалку неверојатни) 600 литри, кои пак растат на 1550 литри со преклопена задна клупа.

Во багажникот ги добивате оние практичните прегради за фиксирање на багажот, милион различни кукички и прегради, па и засебниот дел за чување мокар чадор. А да, добивате и чадор во возачката врата. Simply clever!

Ах, 2.0 TDI… Ни недостасуваш!

Нашиот тестен модел беше опремен со 2-литарски TDI турбодизел (ах, за жал, ваквите мотори стануваат реткост) кој испорачува одлични 150 коњски сили од 3000 до 4200 вртежи во минута и 360 Nm вртежен момент од 1600 до 2750 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон предните тркала преку 7-степен DSG менувач со двојна спојка, а сето тоа резултира со забрзување до 100 километри на час кое трае само 8.5 секунди, како и максимална брзина од 228 километри на час.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Škoda Kodiaq RS е огромен спортски семеен SUV со 265 коњски сили!

И вистината е дека 2-литарскиот TDI одлично ѝ прилега на Octavia. Без разлика на степенот на пренос, моќниот турбодизел подготвено и линеарно испорачува моќ и ја забрзува 1.5 тони тешката лимузина без никакво напрегање. Ниту на бензинските станици не се плаќа превисок пенал – очекувајте просечна потрошувачка од околу 7.5 литри на 100 изминати километри, односно меѓу 5 и 6 литри на отворено.

Octavia е комфорна, наменета за опуштено уживање

Octavia е подготвена да понуди подинамично однесување бидејќи управувањето е доволно прецизно (и на наше задоволство, самото серво-управување не е пре-асистирано туку нуди спортски нивоа на отпор), но истовремено се гледа дека барем во нејзината стандардна конфигурација, таа е повеќе наклонета кон комфор.

А што значи тоа? Па значи дека и покрај големите 18-инчни тркала, Octavia е прилично мека. Суспензијата е нагодена да ги впива нерамнините од нашите улици и во кабината да понуди дури изненадувачко ниво на комфор. Да, на некои нема да им се допаѓа лебдестото чувство зад управувачот, но повеќето возачи ќе ги ценат комфорот и рафинираноста во кабината. За оние кои сакаат нешто поспортско – тука се Octavia Sportline и спортската Octavia RS.

Дали Octavia станува бренд самата по себе?

И да, остануваме на ставот дека навистина, Octavia најдобро ќе ја опишеме со тоа што ќе кажеме дека и понатаму е Octavia. Škoda стана аспиративен бренд – бренд кој луѓето сакаат да го купат и со задоволство го купуваат. Но дали сме веќе во една нова реалност, во која Octavia е бренд самата по себе? Па… Можеби.

Спецификации

Модел: Škoda Octavia 2.0 TDI 150 DSG Selection
Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 150 коњски сили / 3000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 360 Nm / 1600 вртежи во минута
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 7 брзини
0-100 км/ч: 8.5 секунди
Максимална Брзина: 228 километри на час
Должина: 4698 mm
Ширина: 1994 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1491 mm
Тежина: 1469 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2686 mm
Багажен Простор: 600 – 1550 литри
Потрошувачка: 7.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Škoda Octavia 1.5 TSI 150 МТ6 Essence – 24.980 Евра
Цена на моделот без дополнителна опрема: Škoda Octavia 2.0 TDI 150 DSG Selection – 31.380 Евра
Цена на тестираниот модел: Škoda Octavia 2.0 TDI 150 DSG Selection – 45.480 Евра
Повеќе Информации: Škoda.com.mk
Поврзано:  Skoda се поздравува со минатиот Superb со специјален примерок со скоро 500 коњски сили!

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.