ТЕСТ: Peugeot 3008 1.2 MHEV 136 GT – Поинаков SUV. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Peugeot 3008 1.2 MHEV 136 GT – Поинаков SUV.

Со новиот 3008, Peugeot ја потврдува својата позиција на пазарот. Но зошто кажуваме дека новиот Peugeot 3008 е поинаков SUV?

Првиот контакт со новиот француски SUV го имавме пред неколку месеци кога на покана на Peugeot отидовме да го возиме Е-3008 на „негов“ терен, близу Кан. Филмскиот, драматичен Кан беше одлична позадина за новиот 3008 токму затоа што го потврди новото место на Peugeot. Ако францускиот бренд пред околу една декада самоуверено ги најави своите премиум амбиции, со лансирањето на новиот 3008 покажа дека тоа веќе не се само амбиции, туку дека новото позиционирање на Peugeot е веќе реалност.

 

Веќе знаеме, но да повториме – новиот 3008 е првиот модел во понудата на Stellantis кој ја користи STLA Medium платформата. Новата платформа на автомобилскиот гигант е развиена со најголем фокус насочен кон електричното возење, но истовремено дозволува мулти-енергетски пристап и вградување и на поконвенционални мотори и погони. А самиот факт дека Stellantis одлучи да ја претстави новата платформа токму кај 3008, зборува многу за довербата која ја има во новиот француски SUV.

И сето тоа станува навистина очигледно уште при првиот контакт со новиот 3008. Не е нова само платформата – ново е сè! Нов е дизајнот, нова е и кабината, нов е и софтверот, па нови се и моторите и менувачите. Всушност, ако подобро размислиме – вакво темелно обновување е вистинска реткост во автомобилската индустрија.

Храбра, наметлива форма и комплексни детаљи

А новиот 3008 изгледа посебно. Со сè понагласената хомогенизација во автомобилската индустрија, ваквите храбри дизајни стануваат сè поретки и поретки, а со тоа и позабележливи. Кога го возевме E-3008 во Кан, рековме дека Peugeot воведува сосем нова итерација на својот дизајнерски јазик, но тоа ни стана уште поочигледно кога го видовме 3008 на наш, домашен терен.

Формата е храбра, остра и наметлива. Комбинацијата од предните дневни светла во облик на лавја канџа кои ги пресекуваат светлосните групи и широката предна решетка на новиот 3008 му овозможува горд, самоуверен лик.

Профилот е чист, со нагласена вертикалност на површините. Кровната линија нагло опаѓа по Ц-столбот и се приближува кон задниот дел, големите тркала дополнително ги потенцираат димензиите на 3008 а црните панели во долниот дел од каросеријата успешно го прават големиот SUV да изгледа понизок.

На задниот дел вниманието веднаш оди кон нагласено-вертикалниот поклопец на багажникот и широкиот едноделен светлосен елемент. Во долниот дел се истакнува робустниот заден браник кој истовремено ја игра и улогата на дифузер за насочување на воздухот.

Peugeot се гордее со новиот 3008. Французите гордо напоменуваат дека 3008 е fastback и вистината е дека токму со 3008, Peugeot наметнува еден сосем поинаков пристап кон сегментот. Нема веќе место за здодевни или „безбедни“ дизајни. Ако некој сака да го привлече вниманието, мора да понуди нешто поинакво, нешто повеќе.

Радикална редефиниција на кабината

Всушност, истата не-смееме-да-бидеме-здодевени радикална редефиниција на сегментот се случува и во кабината. Французите повторно го надградија i-Cockpit, но со новиот, панорамски дисплеј и начинот на интеракција со системите можеме да кажеме дека ова дефинитивно е најуспешната интерпретација на филозофијата на Peugeot.

Поврзано:  Peugeot ја комплетира електричната понуда со новиот Е-408

На конзолата пред возачот е поставен огромен, 21-инчен едноделен лебдечки дисплеј. Дисплејот е поделен во две засебни целини – едната поставена пред возачот наменета за инструментите и информациите околу возењето, додека втората е поставена централно и е наменета за инфозабавниот уред, мултимедијалните функционалност, клима уредеот, навигацијата, итн. Плус, тука е и третиот дисплеј на кој се поставени i-Toggles кратенките кои се прилагодливи и можете да ги искористите за брзо и лесно да пристапите до најпотребните функционалности.

Се сместуваме во возачкото седиште и веднаш се навраќаме на Кан. Во кабината преовладува атмосфера на квалитет и опулентност. Седиштата се супер-комфорни (и имаат систем за греење и масажа, пробајте го Cat Paw, нема подобро), лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција, а сите материјали околу нас се квалитетни и на изглед и на допир.

Ни се допаѓа храброста на дизајнерите на Peugeot – во кабината има интересен микс од супер-современи материјали, но и материјали кои не би ги очекувале – на пример, текстилната обвивка на централната конзола истовремено делува супер-модерно, но и делува скапоцено.

Секако, тука е и малиот управувач кој е карактеристичен за Peugeot i-Cockpit. Французите упорно не се откажуваат од овој пристап и од генерација во генерација, i-Cockpit е сè подобар, а со размислени и паметни одлуки, станува и сè пологичен. Сакате пример? Селекторот за пренос сега е пренесен на конзолата позади управувачот, а со тоа е супер-лесно достапен.

Понатаму, на централниот гребен меѓу возачот и совозачот се поставени селекторот за режим на возење и „тркалцето“ за аудио системот. Дали неколку пати ни се случи да смениме режим на возење наместо да „смениме брзина“? Признаваме, да, и можеби ова решение можело да биде изведено подобро, но сепак брзо се навикнавме и престанавме да ја правиме оваа грешка.

Поврзано:  Peugeot ја комплетира електричната понуда со новиот Е-408

Инаку, новиот инфозабавен систем на Peugeot е навистина за пофалба. Настрана високата резолуција на екраните – самиот систем реагира брзо на сите команди а распоредот на функционалностите е прилично логичен. Плус, доаѓа со безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување, а има и сопствена вградена навигација.

На задната клупа е комфорно дури и за повисоки патници – а ова се должи на продолженото меѓуоскино растојание во однос на минатата генерација, но и на носачите за петтата врата кои се скриени во задниот спојлер во форма на мачкини уши. Не е проблем ниту опаѓачката кровна линија.

И пред да ја заокружиме дискусијата за ентериерот, да го споменеме и багажникот. Преку гореспоменатата петта врата се пристапува кон багажниот простор кој е со капацитет од замашни 520 литри. Ако тие 520 литри не Ви се доволни, тогаш со преклопување на задната клупа ќе добиете скоро 1500 литри. Децата испратете ги со автобус.

MHEV турбо-бензинец, автоматски менувач, погон на предните тркала

Сега веќе можеме да зборуваме за моторот. Кај новиот 3008 дебитира и новиот MHEV лајт-хибриден погон кој комбинира 1.2-литарски турбо-бензинец со мал електромотор интегриран во 6-степениот автоматски менувач со двојна спојка и мала батерија со капацитет од 0.89 kWh, поставена под совозачкото седиште. Силата се пренесува кон предните тркала.

Турбо-бензинецот испорачува 136 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 230 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута, но вкупната слика ја надополнува електромоторот кој испорачува дополнителни 21 коњска сила и 51 Nm вртежен момент. Ова не е многу-многу, но сосем го менува карактерот на 3008.

Прво, ајде малку за „сувите“ бројки – забрзувањето до 100 километри на час трае 10.2 секунди, додека максималната брзина е 201 километар на час. Но ако завршиме таму, не би кажале доволно. На хартија, 1.2-литарскиот турбо-бензинец можеби би звучел како да не е доволен, а скептиците најверојатно би реагирале. Сепак, вистината е малку поинаква. Електромоторот лесно го задвижува 3008 во „тргни-застани“ ситуации и овозможува огромна заштеда на гориво во градски услови на возење. Од друга страна, самиот факт дека зборуваме за хибрид наметнува еден поинаков пристап кон возењето.

Поврзано:  Peugeot станува официјален едукативен партнер на Under the Pole програмата за подводно истражување

Како тоа? Па има автомобили кои „се возат“ агресивно, со нагло забрзување и врескачки перформанси. Од друга страна, има автомобили кои се возат со одржување темпо, со посмирени, подостоинствени команди и поопуштен пристап кон нештата – и токму таков автомобил е новиот 3008.

Рафинираноста како суштински дел од карактерот на 3008

И всушност, тоа нè носи кон уште еден важен дел од карактерот на новиот 3008. А тоа е рафинираноста. Во продолжение на дискусијата околу начинот на возење, се приклучува и фактот дека 3008 е меѓу најрафинираните возила во сегментот – од начинот на кој суспензијата ги филтрира нерамнините, преку звучната изолација, па сè до фидбекот низ управувачот.

Да, 3008 има нескриени динамични гени и може да изнуди и насмевка, но неговиот вистински талент е во мирното, самоуверено однесување на патот. Интересно е што дури ни при полн гас, во кабината не се чувствува „мачење“ на погонот – бучавоста и вибрациите од моторот се успешно пригушени и кабината е тивка, па освен растечките бројки на индикаторот за брзина, скоро ништо друго не „издава“ дека брзината се зголемува. А тоа веќе е вистински скриен талент.

И зошто е поинаков SUV?

Да, новиот 3008 е поинаков SUV. Од дизајнот, преку технологиите, па сè до искуството зад управувачот, 3008 малку поинаку пристапува кон сето тоа. 3008 ги отфрла сите оние „тинејџерски филмови“ и гордо се позиционира како зрел, рафиниран, елегантен SUV кој многу добро знае што не сака да биде и уште подобро знае што навистина е. И токму затоа е поинаков.

Спецификации

Модел: Peugeot 3008 1.2 MHEV 136 GT
Мотор: 1.2-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри, MHEV
Моќност: 136 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 230 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 6 брзини
0-100 км/ч: 10.2 секунди
Максимална Брзина: 201 километри на час
Должина: 4542 mm
Ширина: 2108 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1641 mm
Тежина: 1648 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2739 mm
Багажен Простор: 520 литри
Потрошувачка: 8.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Peugeot 3008 1.2 MHEV 136 Allure – 35.780 Евра
Цена на тестираниот модел: Peugeot 3008 1.2 MHEV 136 GT – 44.000 Евра
Повеќе Информации: Peugeot.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.