ТЕСТ: Hyundai Ioniq 6 77.4 kWh AWD Ultimate – Бескомпромисно различен – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Hyundai Ioniq 6 77.4 kWh AWD Ultimate – Бескомпромисно различен

Hyundai веќе се наметна како глобален ЕВ играч благодарение на одличниот (и одлично-прифатен) Ioniq 5. Но што се случува кога сите тие технологии ќе се понудат во поефикасна (и во нашите очи попривлечна) форма?

Во ред, во ред, трендовите се такви какви што се – сите сакаат SUV. И токму поради тоа, електричниот Ioniq 5 го катапултираше Hyundai кон врвот на сегментот во кој се натпреварува големиот SUV (иако – и ќе го кажеме ова тивко – Ioniq 5 повеќе наликува на спортски хечбек отколку на SUV). Купувачите не само што ги препознаа технологиите, ги препознаа и квалитетите на Hyundai, овој пат спакувани во современо, целосно-електрично возило, па Ioniq 5 е честа глетка ширум Европа, но и низ целиот свет.

Во Шпанија е едно, но во Македонија е друго. Како се снаоѓа Ioniq 6 во Македонија?

И сето тоа нè носи до Ioniq 6. Ова не е наш прв контакт со електричниот седан – го возевме минатата година на интернационалната презентација во Мадрид. Шпанските патишта и беспрекорниот шпански асфалт беа одлична основа за прво запознавање со Ioniq 6, но како се снаоѓа со предизвиците на „тетовираниот“ македонски асфалт?

И најбрзиот одговор на тоа е – прилично добро. Иако Ioniq 6 не доаѓа со адаптивна суспензија или пак некакви активни амортизери, големиот седан суверено и ненаметливо вози по македонскиот асфалт. Секако, тука удел има и прилично големата маса на Ioniq 6 (тој тежи нешто над 2 тони) која (сакале вие или не) ги „пегла“ нерамнините од нашите улици – но вистината е дека инженерите едноставно добро си ја завршиле работата, па дури и на големите 20-инчни тркала во кабината на Ioniq 6 е комфорно и тивко.

Дигитална, но комфорна, практична и комфорна кабина

А кога сме кај кабината, ентериерот на Ioniq 6 е вистински технолошки фестивал, со некое интересно чувство на Арт Деко дизајнерски пристап. Ја отвораме вратата и се спуштаме во возачкото седиште. Пред нас е 12.3-инчна дигитална инструмент табла, а веднаш до неа е уште еден 12.3-инчен дигитален дисплеј наменет за клима-уредот, навигацијата и мултимедијалните содржини.

Инфозабавниот систем функционира брзо и подготвено реагира на сите команди. Безжичното поврзување со мобилен телефон е инцијално само преку Bluetooth, додека Android Auto и Apple CarPlay се достапни само со поврзување преку USB кабел. Веднаш под средишниот дисплеј, кратенките до некои функционалности и полу-физичките контроли за клима-уредот се наоѓа и безжичниот полнач за мобилен телефон.

Рачката за менувачот е поставена зад воланот (и ова повторно го видовме неодамна кај новата Kona), додека прекинувачите за прозорците се поставени на централниот гребен меѓу возачот и совозачот (но на задните врати сепак има конвенционални прекинувачи, не ја разбираме логиката).

Поврзано:  Денови на електромобилност во East Gate Mall

Возачот седи ниско, со управувачот директно пред него. Овој Ioniq 6 ги нема дигиталните ретровизори како автомобилот кој го возевме во Шпанија – и би рекле дека конвенционалната опција е подобра. Да, камерите кај дигиталните ретровизори се помали и сигурно позитивно влијаат на ефикасноста, но обичните ретровизори се едноставно полесни за користење.

Материјалите во кабината се исклучително квалитетни на допир и навистина немаме забелешки ниту на финалната обработка. Единствено во пониските региони (како на пример во долниот дел на вратите и под централниот гребен) се забележуваат поцврсти пластики. Прегледноста е прилично добра иако малку намалена кон задниот дел, но затоа се тука камерите. Интересно, возачкото седиште може да се намести пониско од совозачкото – иако и двете седишта се со електрично нагодување, дури и на најниското подесување, основата на совозачкото седиште е неколку сантиметри повисока.

Инаку, Ioniq 6 има навистина одлични седишта, а нашиот модел дојде со системи за греење и вентилација на седиштата – втората работа се покажа како навистина корисна за време на летните скопски горештини.

На задната клупа има навистина многу простор – како кај автомобил кој е можеби цела класа поголем. И токму тука се гледаат придобивките од слободата која ја овозможуваат електричните автомобили – со вградување на батериите ниско во подот, се ослободува простор во кабината – и тоа се препознава токму во Ioniq 6. Дополнително, високата профилна линија наметнува чувство на седење ниско (и безбедно), дури и на задните седишта – а тоа навистина ни се допаѓа.

Но немојте да помислите дека во кабината е темно или клаустрофобично. Напротив, благодарение на сончевиот кров, во кабината влегува онолку светлина колку што ќе посакате и сончевиот кров е опција која ние не би ја одбегнале.

Cyberpunk 2077 во автомобилскиот дизајн

Дизајнот на Ioniq 6 и понатаму ни се допаѓа. Нискиот, флуиден седан на Hyundai едноставно Изгледа Добро. Секако, дизајнот е бескомпромисно воден од ефикасноста, но сето тоа резултира со еден кохезивен, дури би рекле и наменски изглед. Ioniq 6 е низок, блиску до подлогата и – дури и кога не се движи – изненадувачки динамичен.

На предниот дел вниманието оди највеќе кон предните светла и широките отвори за активната аеродинамика наменета за насочување на воздухот. Профилот е низок, со карактеристична заоблена профилна линија и се спушта ниско кон задниот дел каде многумина препознаваат дизајнерски елементи од овој или оној модел. Некој би рекол Porsche 911, ние би додале и Saab 900. Да, во ред, можеби наликува на ова или она – но вистината е дека Ioniq 6 нема да го измешате со ништо друго.

Плус, има неколку deliciously 80s детали – како најзабележителен пример ќе ја издвоиме дискретно-двобојната каросерија, но несомнено најзабележливи се пикселизираните задни светла.

Поврзано:  ПРВО ВОЗЕЊЕ: Hyundai Santa Fe 1.6T Hybrid AWD Calligraphy - Нова димензија.

Кога зборувавме за Kona, рековме дека изгледа футуристички, но како што некој би замислувал футуристички возила во 80-тите години од минатиот век.

И тоа повторно важи за Ioniq 6 – дизајнот е интересна комбинација од футуристички и ретро форми и детаљи, а ако некој автомобил припаѓа во Cyberpunk 2077, тоа е сигурно електричниот седан на Hyundai.

325 коњски сили, „стотка“ за 5.1 секунда, достижни 500 километри

И конечно, да зборуваме малку и за погонот. Нашиот тестен Ioniq 6 дојде со најголемата батерија и најмоќниот погон – батеријата е со капацитет од 77.4 kWh, додека погонот на сите четири тркала испорачува вкупно 325 коњски сили и моќни 605 Nm вртежен момент. Преведено во перформанси, тоа значи спринт до 100 километри на час за само 5.1 секунда и максимална брзина од 185 километри на час. Наглото лансирање резултира со удар во грбот кој (не баш нежно) нè потсетува дека електричните автомобили имаат вистински Party Piece.

Но уште поважна е автономијата. Ова не е најефиксната изведба на Ioniq – тоа би била верзијата со големата батерија и погон само на задните тркала која според WLTP мерењата може да помине повеќе од 600 километри со полни батерии. Ни ниту оваа верзија не е за потценување – според WLTP, можете да очекувате автономија од околу 519 километри со полни батерии. Одберете верзија со погон само на задните тркала, и таа бројка расте на 545 километри. Одберете ги помалите тркала и очекувајте повеќе од 600 километри. Тоа е во идеални услови, секако, но и според нашите мерења можете да поминете повеќе од 450 километри во градски услови, па дури и повеќе од 500 километри доколку не го користите клима-уредот и сте повнимателни со десната педала.

Но важи и обратното – бидете поагресивни со педалата за гас и автономијата брзо паѓа. Секако, тоа важи и за автомобилите со конвенционални мотори – бидете внимателни и ќе поминете повеќе километри со еден резервоар. Возете поагресивно и ќе поминете помалку. Исто како кај електричните автомобили. Плус – и тука повторно ќе ги напоменеме придобивките од возење седан наместо SUV – ако го споредиме Ioniq 6 со Ioniq 5 опремени со истиот батериски модул и еквивалентен електромотор, седанот е меѓу 12 и 18% поефикасен. И тоа е веќе вредно за размислување.

А што кога ќе се испразнат батериите? Па, веќе знаеме дека Ioniq 6 е поставен на E-GMP платформата на Hyundai и Kiа, на која веќе вози Ioniq 5. Платформата е вистински исклучок во индустријата благодарение на 800-волтната архитектура која овозможува супер-брзо полнење со моќност до 350 kW. Што значи тоа? Најдете доволно брз полнач и полнењето од 10 до 80 проценти трае само 15 минути. Океј, во Македонија немаме такви, но веќе се работи на случајот, па очекуваме условите наскоро да бидат значителни подобри.

Поврзано:  ПРВО ВОЗЕЊЕ: Hyundai Santa Fe 1.6T Hybrid AWD Calligraphy - Нова димензија.

А да – можете да го користите Ioniq 6 да напојувате други уреди благодарение на V2L (Vehicle to Load) системот – па ако ви притреба да напојувате друг електричен автомобил, или пак електрична скара или нешто слично – можете.

Стабилен и динамичен седан

И конечно, малку за искуството зад управувачот. Веќе напоменавме дека Ioniq 6 одлично се снаоѓа на нашиот асфалт. Да, големите тркала одвреме-навреме пренесуваат остри нерамнини во кабината и со помали тркала електричниот седан сигурно би бил уште покомфорен, но ние не би го направиле компромисот во однос на дизајнот.

Од друга страна, управувањето е изненадувачки директно (иако нема многу фидбек низ воланот). Големиот (и тежок) седан лесно ја менува насоката на движење, дури и кога ќе биде предизвикан со посериозни свиоци. Во Sport режим, управувањето добива повеќе отпор и станува нијанса подиректно, а системот ја распоредува силата каде е најпотребна, па Ioniq 6 успешно ја крие неговата маса. Дали е ова спортски седан? Најверојатно не, но дефинитивно ги има гените, а неочекуваното, инстантно забрзување кое е карактеристично за електричните автомобили никогаш не станува здодевно.

Ioniq 6 не е SUV – и тоа е Добра Работа.

И какви ни се впечатоците откако го возевме Ioniq 6 на наш, домашен терен? Па, воглавно ни се повторија минатогодинешните импресии од Шпанија – Ioniq 6 изгледа одлично, влече реакции и коментари од минувачите по улица (да цитираме едно 12-годишно момче – „Whatthefuuu*k“) и не остава никого рамнодушен.

Ioniq 6 е бескомпромисно различен. Изгледа храбро, и тоа е добра работа. Не е SUV – и тоа е добра работа. Комфорот, ефикасноста и високите технологии се на прво место, и погодете што – и тоа е добра работа. Дали е ова најдобриот електричен седан во класата? Па би рекле дека е навистина, навистина блиску.

Спецификации

Модел: Hyundai Ioniq 6 77.4 kWh AWD Ultimate
Погон: Два електромотори, батерија 77.4 kWh, пренос кон сите четири тркала
Моќност: 325 коњски сили
Вртежен Момент: 605 Nm
Менувач: Автоматски, директен
Забрзување 0-100 км/ч: 5.1 секунда
Максимална Брзина: 185 километри на час
Должина: 4855 mm
Ширина: 1880 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1495 mm
Тежина: 2096 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2950 mm
Багажен Простор: 401 литри
Автономија: 519 километри според WLTP
450 километри (измерени)
Цена на основниот модел: Hyundai Ioniq 6 53 kWh RWD Premium  – 48.000 Евра
Цена на тестираниот модел: Hyundai Ioniq 6 77.4 kWh AWD Ultimate – 64.000 Евра
Повеќе Информации: Hyundai Македонија

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.