ПРЕМИЕРА: Новиот BMW M5 е најмоќниот (и најтешкиот) M5 во историјата! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Новиот BMW M5 е најмоќниот (и најтешкиот) M5 во историјата!

BMW го претстави новиот М5 – и супер-седанот на М-дивизијата станува плаг-ин хибриден, а со тоа и најмоќниот M5 во историјата!

727 коњски сили и 1000 Nm вртежен момент. Доволно? Сепак не? Ајде да дообјасниме. Новиот М5 доаѓа со плаг-ин хибриден погон кој е барем роднински поврзан со погонот во големиот BMW XM. Основа за погонот е 4.4-литарски твин-турбо V8 кој самиот по себе испорачува 585 коњски сили и 780 Nm вртежен момент.

Но (како што би рекле на Топ Шоп) – тоа не е сè! Големиот V8 соработува со батерија со капацитет од 18.6 kWh и електромотор кој испорачува дополнителни 197 коњски сили и 280 Nm вртежен момент, кои благодарение на специјален пренос растат на импресивни 450 Nm – и тоа само од електромоторот.

Како што кажавме, новиот M5 располага со вкупно 727 коњски сили и 1000 Nm вртежен момент, а преведено во перформанси тоа значи спринт до 100 километри на час за 3.5 секунди, до 200 километри на час за 10.9 секунди и максимални 250 километри на час, односно дури 305 километри на час со M Driver’s Package пакетот.

Вреди да се напомене и дека поради сите компоненти од хибридниот систем, новиот M5 тежи 2435 килограми, поради кои му требаат 0.2 секунди повеќе до 100 километри на час од минатата генерација. Од друга, страна M5 може да помине 60-тина километри на електрична енергија, а самиот хибриден систем ветува инстантни и уверливи перформанси.

Секако, M5 добива и визуелни измени – предниот дел добива поголеми и понагласени отвори за воздух, крилата се исфрлени за да можат да соберат пошироки и поголеми тркала (20-инчни на предната оска, 21-инчни на задната), а задниот дел го краси огромен заден дифузер со 4 завршетоци на издувниот систем. Кабината добива M спортски седишта и грст спортски детали, како и специјални М-инструменти.

Новиот М5 се очекува да пристигне во салоните до крајот на оваа година.

Поврзано:  За прв пат, BMW во Европа продаде повеќе електрични возила од Tesla


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.