Новиот, поголем и уште понапреден Škoda Kodiaq пристигна во Македонија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Новиот, поголем и уште понапреден Škoda Kodiaq пристигна во Македонија!

Новиот Kodiaq е тука – и пристигнува со подобрена просторна понуда, нови и ефикасни погонски единици и еволуиран, порафиниран дизајн.

Новиот Kodiaq е веднаш препознатлив како големиот SUV на Škoda бидејќи пристапот кон дизајнот е еволуција наместо револуција, но сепак е темелно модернизиран од секој аспект. На предниот дел вниманието веднаш оди кон новите предни светла и почистите, порафинирани линии, додека на задниот дел внманието го задржува трендовскиот едноделен светлосен елемент. Но она кое навистина нè изненади е профилот – Kodiaq изгледа поголем (бидејќи и е поголем), порафиниран, полуксузен и попривлечен.

Kodiaq е 61 милиметар подолг од досегашниот модел (за вкупно 4758 милиметри), но истовремено е 18 милиметри потесен без тоа негативно да влијае на просторот во кабината. Kodiaq е и 17 милиметри понизок, што пак се одразува позитивно на аеродинамиката и ефикасноста.

Во однос на погонските единици – Škoda ќе се обиде да ги задоволи сите вкусови преку широката гама на разни бензински, дизелски и плаг-ин хибридни погони. Основниот бензинец е 1.5-литарски TSI кој испорачува 150 коњски сили и доаѓа со систем за деактивација на цилиндри. Доколку сакате повеќе моќ, тука е 2-литарскиот TSI со 204 коњски сили и погон на сите четири тркала.

Љубителите на незаменливиот 2-литарски TDI нема да бидат разочарани – популарниот турбодизел ќе биде достапен во конфигурација со 150 или 193 коњски сили. Без разлика на моторот кој ќе го одберете, Kodiaq ќе може да се добие само со DSG автоматски менувач со двојна спојка.

За прв пат Kodiaq може да се добие и со плаг-ин хибриден погон. Плаг-ин хибридниот Kodiaq комбинира 1.5-литарски TSI со 150 коњски сили и електромотор за вкупно 204 коњски сили. Силата се пренесува кон предните тркала преку 6-степен DSG менувач, а благодарение на батеријата со капацитет од 25.7 kWh, Škoda ветува автономија на струја од повеќе од 100 километри пред да биде потребно да се активира бензинскиот мотор.

Секако – бидејќи сепак зборуваме за Kodiaq – кабината ќе биде просторна, комфорна и практична. Škoda веќе ни ја претстави кабината на Kodiaq и потври дека физичките контроли и понатаму ќе бидат дел од решението во ентериерот. Сепак, на централната конзола доминира огромниот 13-инчен дисплеј а под него се интересните Smart Dials.

Поврзано:  Skoda покажа блиндирана верзија на оригиналниот Kodiaq

Како што и очекуваме од еден практичен семеен SUV – тука се и практичните додатоци. Купувачите можат да добијат четири USB-C приклучоци, вграден USB-C приклучок во централниот ретровизор, Canton премиум аудио уред со 14 звучници, безжично полнење за мобилен телефон, панорамски кров, ергономски седишта и многу, многу, многу повеќе.

Истовремено, кабината ветува навистина многу простор – како за возачот и совозачот и патниците на задната клупа, така и во багажникот. Верзијата со пет седишта ќе нуди багажен простор од скоро неверојатни 910 литри! Доколку користите седум седишта ќе имате на располагање 340 литри ако третиот ред е исправен, односно 845 литри ако треиот ред седишта е преклопен. Плаг-ин хибридниот Kodiaq има нијанса помал багажник поради батеријата, но и тој има багажник со капацитет од импресивни 745 литри!

Цените на Kodiaq започнуваат од 41.200 Евра за модел опремен со 1.5-литарскиот TSI и автоматски менувач. Скалило над него е 2.0 TDI со 150 коњски сили кој чини 45.070 Евра, додека верзијата со 190 коњски сили, автоматски менувач и погон на сите четири тркала чини 49.560 Евра. На самиот врв на понудата е плаг-ин хибридниот Kodiaq кој чини 52.310 Евра.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.