Новиот Volkswagen Tiguan пристигна во Македонија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Новиот Volkswagen Tiguan пристигна во Македонија!

Новата, трета генерација на бест-селерот на Volkswagen денес ја имаше својата македонска премиера.

Новиот Tiguan пристигна и во Македонија, а Volkswagen се особено горди на новиот SUV. Всушност, Tiguan е еден од најпродаваните модели на Volkswagen ширум светот – досега, во неговите две генерации, повеќе од 7.6 милиони купувачи го одбраа Tiguan.

Новиот Tiguan е поставен на најновата MQB Evo архитектура на Volkswagen групацијата која ја дели со новиот Golf, Passat, Audi A3, итн. Благодарение на новата платформа, Tiguan има пристап до најновите технологии, но и најновите погонски конфигурации кои Volkswagen групацијата ги има во своето портфолио.

Мускулестиот облик на новиот Tiguan му дава подинамичен лик – особено кога ќе ги погледнеме исфрлените крила и затегнатат карактерина линија. На предниот дел вниманието оди кон светлата и огромните отвори за воздух, додека на задниот дел вниманието го привлекува светлосната конфигурација и големиот заден браник.

Кабината влече инспирација од новиот Passat, но оди во уште посовремена насока. На централната конзола едноставно доминира големиот екран на кој се поставени прилагодливи кратенки до главните функционалности. Пред возачот се поставени дигиталните инструменти и исто како кај Passat, и кај Tiguan рачката за менувачот е поставена на управувачкиот столб со цел да се ослободи простор во конзолата меѓу возачот и совозачот, на која е поставен и ротирачкиот контролер со вграден дисплеј наменет за контролирање на мултимедијалниот уред. Управувачот добива конвенционални копчиња „на стискање“.

Еволуцијата на Tiguan продолжува и кај погонските единици. Бидејќи новиот Tiguan (сега за сега) се нуди само во Европа – и погоните се прилагодени кон европските вкусови и потреби. Главното внимание оди кај новите плаг-ин хибридни верзии кои користат батерија со капацитет од 19.7 kWh, која пак може да се полни со максимална моќност од 11 kW на AC полнач, односно 50 kW на DC полнач.

Понатаму, батеријата полни електромотор со моќност од 115 коњски сили, кој пак работи во соработка со 1.5-литарски TSI турбо-бензинец кој се нуди во две различни конфигурации – а со тоа се достапни две различни плаг-ин хибридни изведби – едната со 204 коњски сили, другата со 272 коњски сили. Силата оди кон предните тркала преку DSG автоматски менувач. Благодарение на сето ова, двете верзии ќе можат да поминат до 100 километри „на струја“ пред да треба воопшто да се активира моторот со внатрешно согорување.

Поврзано:  Во салонот на Volkswagen пристигна новиот Taigo

За оние кои сакаат поедноставни погони, тука се eTSI турбо-бензинците со турбополначи со варијабилна геометрија, систем за деактивација на цилиндрите и 20-коњска асистенција. Исто како кај плаг-ин хибридните модели, силата се испорачува кон предните тркала преку DSG менувач. Секако, тука е и незаменливиот 2-литарски TDI турбодизел кој испорачува 150 или 190 коњски сили.

Од Volkswagen гордо кажуваат дека 4Motion системот за погон на четири тркала е усовршен и порафиниран со цел да се намалат вибрациите, а кај Tiguan за прв пат е достапна DCC Pro адаптивната суспензија (која неодамна дебитираше и кај Passat). Овој систем ветува уште повеќе комфор и динамичност.

Новиот Tiguan веќе може да се погледне во салонот на Volkswagen во Скопје.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.