ПРЕМИЕРА: Audi го освежи e-tron GT, врвниот Performance има 925 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Audi го освежи e-tron GT, врвниот Performance има 925 коњски сили!

Audi подготви освежување за својот електричен знаменосец, кој сега во врвната RS e-Tron GT Performance има безмалку неверојатни 920 коњски сили!

На самиот почеток, да позборуваме за технолошките надградби. сите верзии на e-tron GT добиваат нова, поголема батерија која иако е со поголем капацитет, сепак е 9 килограми полесна од минатата. До сега, e-tron GT се нудеше со батерија со капацитет од 84 kWh, додека сега добива батерија со капацитет од 97 kWh.

Истовремено, системот овозможува понапредно и помоќно регенеративно сопирање (со максимална моќност до 400 kW), како и можност за помоќно полнење – односно до максимални 320 kW (на доволно моќен полнач, секако). Во зависност од избраниот модел, автономијата е до 609 километри.

Сите верзии добиваат нови, уште помоќни електромотори. „Основниот“ (и намерно го ставаме тој збор во наводници) S e-tron GT има системски 679 коњски сили, додека RS e-tron GT има максимална системска моќност од 856 коњски сили. Одберете го RS e-tron GT Performance и ќе добиете безмалку неверојатни 925 коњски сили – и со тоа, ова е најмоќниот автомобил на Audi во историјата.

А ниту перформансите не се за занемарување – основниот модел забрзува до 100 километри на час за 3.4 секунди. RS e-tron GT го достигнува истиот бенчмарк за 2.8 секунди, додека врвниот модел лансира до 100 километри на час за само 2.5 секунди. Максималната брзина? 245 километри на час за S e-tron GT, 250 километри на час за RS и RS Performance.

Дополнително, од Audi гордо напоменуваат дека сите верзии добиваат нови, унапредени сопирачки. S e-tron GT добива челични дискови, додека помоќните верзии добиваат дискови со специјален премаз од тугнстен (волфрам) карбид, а достапни се и карбон-керамички сопирачки со 10-клипни предни клешти. Надградени се и достапните системи за суспензијата, без разлика дали ќе ја одберете воздушната суспензија или пак активната суспензија.

Кабината добива нови седишта, изменет управувач и стаклен панорамски кров (по нарачка, секако). Од Audi напоменуваат дека е надграден и Virtual Cockpit системот, а во кабината се достапни и нови материјали и детали. Надворешниот изглед е генерално неизменет, но на купувачите им се достапни нови дизајни за тркалата, а RS e-tron GT и RS e-tron GT Performance добиваат понагласени предни браници со поголеми отвори за воздух и уште неколку спортски детали.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Новиот Audi RS 3 има 400 коњски сили и достигнува скоро 300 километри на час!


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.