Fiat ги објави првите фотографии од новата Grande Panda како и првите детали за новиот глобален модел.
Ова е новата, четврта генерација на супер-популарната и безвременска Fiat Panda. Новата Grande Panda е ретро-инспириран, но супер-футуристички робустен урбан семеен автомобил кај кој дебитира целосно нов визуелен идентитет како за моделот, така и за Fiat. Секако, новата Panda ќе биде достапна со електричен погон и со бензински мотори. Grande Panda ќе биде поставена врз STLA Smart платформата која веќе се користи кај некои од сестринските брендови, а ние неодамна можевме да ја искусиме самите кај новиот Citroen C3.
Ќе бидеме искрени – дизајнот нè остави без зборови. Fiat едноставно знае што прави, а дизајнерите напоменуваат дека деталите оддаваат почит на корените на Panda, но истовремено ги истакнуваат вредностите на Fiat – поточно силата и уникатност. На предниот дел доминира исправениот лик, но и „пикселизираните“ предни светла кои се инспирирани од старата Lignotto фабрика Fiat во Торино.
Профилот е робустен, со нагласени линии и самоуверени детали, додека задниот дел навистина ни наликува на првата генерација на легендарната Panda.
Е сега, зошто Grande Panda? Па, новата Panda е 30 сантиметри подолга од тековната, но сепак е долга само 3.99 метри. Сега за сега, Fiat не ја открива кабината, но кажуваат дека ќе може да собере петмина и дека ќе биде „идеална за комфорно семејно живеење и современата урбана мобилност.“ Можеме да очекуваме комфорен и практичен ентериер, како и лесно поврзување со мобилен телефон.