ТЕСТ: Geely Coolray 1.5 TD GF 7DCT – Храбро, храбро… – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Geely Coolray 1.5 TD GF 7DCT – Храбро, храбро…

Со неодамнешниот старт на продажбата на македонскиот пазар, Geely веќе ги размрда нештата. Но со Coolray, Geely како да се подготвува за уште посериозна игра.

Пред само неколку седмици зборувавме за Geely и за Atlas Pro и во нашиот тест на (по)големиот SUV на кинескиот производител зборувавме малку за историјата на брендот, за тоа каде сè се појавува Geely и од каде сè влече искуство и експертиза.

Денес ќе зборуваме за Coolray и за тоа како Geely сето извлечено знаење го има имплементирано токму во овој кросовер-SUV и како всушност кинескиот бренд успеа да го изненади пазарот, но и конкуренцијата.

Coolray изгледа модерно, привлечно и забележливо.

Да започнеме со дизајнот. Ни се допаѓа дизајнот на Coolray. Да, толку е едноставно – ни се допаѓа дизајнот. Coolray изгледа модерно, привлечно и забележливо – особено во оваа светло-сина боја со контрастен црн кров. И ако Atlas Pro беше ненаметлив и дискретен, Coolray е екстровертен, гласен и едноставно бара внимание.

Предниот дел е самоуверен, па дури и агресивен – широката предна маска на ладилникот нагласено се проширува кон предните светла и кон страничните отвори за воздух, додека агресивните „сечила“ кои стартуваат под предните свела и одат надоле додаваат уште една доза на динамичност. Предната решетка е комплексна, со повеќе прекршени површини и еден куп ситни детали кои го привлекуваат вниманието. Сакате пример? Ситните декоративни елементи во сјајна портокалова боја се несекојдневни и дефинитивно го истакнуваат карактерот на Coolray.

Продолжуваме со профилот кој навидум е прилично конвенционален, но кога ќе загледаме подобро повторно забележуваме прекршени линии и површини. Црните пластики во долниот дел од каросеријата даваат поробустен лик, но и визуелно ја подигнуваат. Детаљ кој не ни се допаѓа е хромираната декоративна лента под стаклените површини – сметаме дека хромираните детали едноставно не припаѓаат кај автомобил кој директно цели кон младите купувачи.

Задниот дел е повторно комплексен, со цела листа на интересни детали. Сакате спојлер? Нема проблем, Coolray има прилично агресивен заден спојлер кој изгледа како да е направен од карбон.

Сакате тренди едноделен светлосен елемент? Ете го, а самите светлосни групи имаат прилично интересна, комплексна графика.

Во долниот дел од задниот дел забележуваме и голем, робустен браник во кој се интегриран заден дифузер (со портокалови вертикални детали) и – верувале или не – вистински завршетоци на издувниот систем!

Сè на сè – Coolray изгледа привлечно. Можеби сите оние спортски детали и „џиџи-миџи“ додатоци нема да бидат по сечиј ќеф, но нам ни изгледаат интересно, несекојдневно и различно, а бидејќи Geely цели кон помладите купувачи – сметаме дека се полн погодок.

Комфорна и изненадуваки просторна кабина, многу технологии и додатоци.

Ја отвараме возачката врата и нè пречекува кабина која изненадува со првите впечатоци. Веќе при првиот контакт, се забележува повисокото ниво на квалитет во кабината – нема крцкање, нема груби материјали.

Се сместуваме во возачкото седиште и лесно наоѓаме комфорна и прегледна позиција за возење. Седиштата се супер-комфорни и нудат доволно странична поддршка, а управувачот се нагодува по висина и длабочина. Пред возачот се поставени дигиталните инструменти, кои пак се интегрирани во едноделен елемент заедно со дисплејот за инфозабавните функционалности и нагодувањата околу автомобилот.

Дигиталните инструменти се прилично јасни, но имаме забелешка на инфозабавниот систем – иако функционира брзо и респонзивно, сепак е прилично комплексен и некои од функционалностите се „скриени“ во неколку нивоа на менија и подменија. Сепак, по неколку часа ги „научивме“ работите кои ни беа потребни и прилично лесно се снаоѓавме. Сепак, екраните и камерите се со висока резолуција, а сите системи за асистенција (како на пример системот за асистенција во паркирањето, или пак камерите кои се активираат во свиоци) се лесни за користење.

Она кое ќе го забележиме е дека иако мултимедијалниот уред лесно се поврзува со мобилен телефон преку Bluetooth и иако има поддршка за Apple CarPlay поврзување, нема директна поддршка за Android Auto. Поточно, поврзувањето е индиректно преку засебна апликација која го пресликува телефонот врз екранот од мултимедијалниот уред. Не е идеалното решение, но сепак функционира.

Инаку, немаме други забелешки во однос на останатите технологии во кабината. Под мултимедијалниот уред се поставени два USB приклучоци, како и безжичен полнач за мобилен телефон. Интересен додаток е и Remote Start опцијата која овозможува од далеку да го стартувате автомобилот преку далечинското за заклучување. Ваквите работи се реткост кај нас, а се практични. И одлични ако сакате да извадите од памет некој кој се вртка околу вашиот автомобил. 😉

Покрај технологиите, ни се допаѓа и амбиентот во кабината. Комбинацијата од материјали, текстури и бои е навистина интересна и одлично му прилега на и онака младешкиот Coolray. На пример, ќе ги истакнеме црвените детали на конзолата пред возачот и совозачот – ситници, но едноставно изгледаат убаво. Привлечни се и седиштата, спортскиот управувач…

Комфорно е и на задната клупа. Всушност, со оглед на димензиите и класата во која припаѓа Coolray, би рекле дека кинескиот SUV има меѓу најкомфорните задни седишта, дури и на подолго патување. Секако, тука се и практичните детаљи како на пример централниот наслон за раце на задната клупа и USB-приклучокот пред задната клупа. Многумина би рекле дека ваквите работи се неважни и непотребни, но нашето искуство кажува дека го прават патувањето значително полесно и покомфорно.

И конечно, да позборуваме и за багажниот простор. Преку голема, петта врата се пристапува до багажник со капацитет од 330 литри. Багажникот е доволно голем, но ќе забележиме дека внатрешните страни на крилата навлегуваат во просторот повеќе од очекуваното.

Турбо-бензинец, 172 коњски сили, 7.6 секунди „до стотка“

Инаку, под поклопецот се крие нов 1.5-литарски турбо-бензински мотор со четири цилиндри кој испорачува 172 коњски сили при 5500 вртежи во минута и одлични 290 Nm вртежен момент од 2000 до 3500 вртежи во минута.

Силата ја испорачува кон предните тркала (кај Coolray нема опција за погон на сите четири тркала) преку 7-степен автоматски менувач со двојна спојка, а резултат на сето тоа е забрзување до 100 километри на час за 7.6 секунди и максимална брзина од 195 километри на час.

Турбо-бензинецот реагира подготвено на секое притискање на педалата за гас, особено во Sport режим на работа. Вртежите се качуваат лесно, а Coolray забрзува лесно и подготвено. Во Eco режим на работа, реакциите се соодветно „затапени“ за да се добие пониска потрошувачка, но дури ни во спортски режим, Coolray не е некој особен трошаџија. Со малку повнимателно возење, градската потрошувачка се движи некаде под 10 литри на 100 изминати километри, додека на отворено потрошувачката ќе биде некаде околу 6 до 7 литри бензин на 100 изминати километри.

И кога сме кај возењето – Coolray успева да влее многу доверба во неговите таленти. Управувањето е доволно директно и прецизно (но за жал, како што е веќе вообичаено кај новите електрични серво системи, без многу-многу повратни информации од подлогата) за верно да ги следи насоките, а суспензијата ги впива нерамнините од улиците, без притоа да биде непријатно во кабината. Навалувањето во свиоци е одлично контролирано и суспензијата повеќе од коректно ја контролира вкупната маса од нешто над 1400 килограми.

Заклучок: Храбро, навистина храбро…

На самиот крај, да дојдеме до некаков заклучок. Coolray е интересен новитет, дизајниран, конструиран и позициониран да се бори со навистина докажана конкуренција. Секако, за да го прави тоа, има силни адути – од дизајнот, преку технологиите, па сè до моќниот мотор. Во време кога многу од европските конкуренти како да се срамат од помоќните погонски единици, Coolray настапува самоуверено, па дури и малку дрско. Coolray не се крие, ниту пак е наменет за интровертните. Coolray е наменет за оние посамоуверените, оние кои сакаат да бидат забележани. А тоа е храбро, навистина храбро…

Спецификации

Модел: Geely Coolray 1.5 TD GF 7DCT
Мотор: 1.5-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 172 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 290 Nm / 2000 вртежи во минута
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 7 брзини
0-100 км/ч: 7.6 секунди
Максимална Брзина: 195 километри на час
Должина: 4380 mm
Ширина: 1810 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1615 mm
Тежина: 1415 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2600 mm
Багажен Простор: 330 литри
Потрошувачка: 9 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Geely Coolray 1.5 TD GF 7DCT – 29.490 Евра
Цена на тестираниот модел: Geely Coolray 1.5 TD GF 7DCT – 29.490 Евра
Забелешка: Во моментот на објавување на овој тест, акциската цена за Geely Coolray во оваа изведба е 28.490 Евра.
Повеќе Информации: Geely Македонија

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.