Веќе добро ја познаваме новата Astra, но каква е таа во нејзиното основно издание? Верувале или не, Astra успеа да нè изненади!
Ова не е прв пат Astra се појави на нашите дигитални страници. Првиот контакт со новата Astra го имавме пред неколку години на лансирањето на Astra Sports Tourer во Риселсхајм, за потоа да ја возиме Astra со турбодизел на наш, домашен терен и конечно имавме можност во Шпанија да ја возиме врвната, плаг-ин хибридна Astra GSe. Сега ќе зборуваме за другиот крај на спектарот, односно за основната Astra Edition.
Истите чисти и достоинствени линии
Интересен ефект има Astra Edition уште на првиот контакт. Зошто? Затоа што дури и визуелно, воопшто не изгледа како основен модел. Формата е онаа која веќе ја познаваме – да, ги нема подлабоките браници кои се резервирани за повисоките нивоа на опрема и спортските изведби (а и тркалата се број-два помали), но во суштина – тоа е тоа.
Истите оние чисти, достоинствени линии, истите оние внимателно-одбрани детали. Тука е карактеристичниот Opel Vizor, тука се алуминиумските фелни, тука е и самоуверениот лик на новата Astra. Плус, добиваме LED предни и задни светла, сјајно-црни странични ретровизори…
Всушност – од сите страни, Astra изгледа како да е внимателно извајана од едно единствено парче метал. Ни се допаѓа ваквиот германски пристап кон дизајнот – нема никаква потреба од сувишни детали и „финти“ – Astra изгледа безвременски и привлечно.
Вистинското изненадување е во кабината – врвни седишта, многу опрема, многу технологии
Вистинското изненадување се случува кога ќе ја отвориме вратата и ќе го разгледаме ентериерот. На прв впечаток – ваков автомобил се сметал за врвно-опремен пред само неколку години. Нè пречекуваат визуелно-привлечни и супер-комфорни седишта кои се нагодуваат во повеќе насоки и нудат одлична странична поддршка.
Пред нас е управувач обвиен во кожа (конечно, не сме сигурни, но мислиме дека најверојатно веќе и законски се забранија гумените управувачи), а позади него и на централната конзола се двата 10-инчни екрани наменети за дигиталните инструменти и централниот инфозабавен систем.
Плус, кабината има уште многу повеќе. Дел од стандардната опрема е и мултифункционалниот управувач, електричната паркинг-сопирачка, сите системи за активна безбедност и асистенција во возењето, загревање на надворешните ретровизори и многу, многу повеќе.
А кога сме кај „плусот“, нашиот тестен модел дојде со уште два пакети дополнителна опрема – едниот е Комфорт пакет кој ги носи спортските седишта со загревање но вклучува и затемнети странични прозорци, преден наслон со USB-приклучок и уште неколку ситници, а другиот е Tech Pro пакетот кој вклучува одлична панорамска паркинг камера и безжичен полнач за мобилен телефон. Со оглед на тоа дека во моментот на објавување на овој тест чинат 670, односно 340 евра – ние би ги вклучиле и двата.
Некакви забелешки на кабината? Да бидеме искрени, освен малку цврстите пластики на дел од вратите и пониските делови од кокпитот – немаме. Astra е комфорна и тивка како низ град, така и на отворено. Вратите се затвораат со задоволителен тап звук, а на задната клупа има рекордна просторна понуда во класата.
1.2-литарски турбо-бензинец, 110 коњски сили, 6-степен мануеленен менувач
Под поклопецот на тестниот модел го најдовме 1.2-литарскиот турбо-бензинец со директно вбризгување кој во оваа конфигурација испорачува 110 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 205 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон предните тркала преку мануелен менувач со шест брзини, а резултат на оваа комбинација е спринт до 100 километри на час за 10.5 секунди и максимални 199 километри на час.
Во вистинскиот свет, убаво одмерените односи на менувачот значат лесно и линеарно забрзување и во ниту еден момент не се чувствува недостаток на сила. Од друга страна, 1.2-литарскиот турбо-бензинец работи со оној препознатлив 3-цилиндерски звук и подготвено реагира на секое притискање на педелата за гас. Секако, перформансите не се врескачки, но се сосем адекватни за еден ваков автомобил. Менувачот е прецизен и лесен за користење, а педалата за спојката е доволно мека за секојдневното континуирано користење да не претставува никаква пречка. На отворен пат, Astra лесно „круза“ со автопатски брзини а во кабината е тивко и рафинирано.
Потрошувачка? WLTP мерењата ветуваат комбинирана потрошувачка од 5.5 до 5.6 литри на 100 изминати километри. Ние измеривме комбинирана потрошувачка од нешто над 7 литри на 100 километри, односно градска потрошувачка на бензин од нешто над 8 литри на 100 изминати километри.
Astra одлично оди по онаа тенка линија меѓу агилноста и комфорот
Инаку, Astra е комфорна и компетентна. Ја менува насоката на движење без посебен приговор, а голем удел во тоа има малата маса на возилото, но и суспензијата која е нагодена да може да испорача доверба во германскиот хечбек, без притоа да биде некомфорно во кабината. Управувањето е директно и остро и пневматиците одлично ја „држат“ подлогата. Навалувањето во свиоци е одлично контролирано, а нема ниту нагласено подуправување. Всушност, Astra успева навистина одлично да оди по онаа тенка линија меѓу агилноста и комфорот.
Astra покажува дека дури и основната изведба во овој сегмент, може да има сè што еден возач би можел да посака и да очекува.
На крајот, заклучокот сам се наметнува. Поминаа времињата кога основните модели беа „голи“. Помина времето кога основна опрема значеше автомобил без клима уред и со задни прозорци „на рачки“. Astra директно покажува дека дури и основната изведба во овој сегмент има сè што еден возач би можел да посака и да очекува, па дури и нешто повеќе. А тоа? Тоа е за поздрав. Работите навистина се движат во одлична насока.
Спецификации
Модел: | Opel Astra 1.2 Turbo 110 MT6 Edition |
Мотор: | 1.3-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри |
Моќност: | 110 коњски сили / 5500 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 205 Nm / 1750 вртежи во минута |
Менувач: | Рачен, 6 брзини |
0-100 км/ч: | 10.5 секунди |
Максимална Брзина: | 199 километри на час |
Должина: | 4374 mm |
Ширина: | 2062 mm (со странични ретровизори) |
Висина: | 1441 mm |
Тежина: | 1257 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2675 mm |
Багажен Простор: | 422 – 1339 литри |
Потрошувачка: | 8.1 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Opel Astra 1.2 Turbo 110 MT6 Edition – 21.900 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Opel Astra 1.2 Turbo 110 MT6 Edition – 23.300 Евра |
Повеќе Информации: | Opel.mk |