Погонот на EV3 комбинира батерија со капацитет од 58.3 kWh или 81.4 KWh со електромотор кој испорачува 204 коњски сили за да има максимална автономија до 600 километри.
Ова е EV3 – моделот со кој Kia ќе се обиде да привлече купувачи кои сакаат компактен електричен кросовер. Новиот EV3 користи погон кој е базиран на E-GMP платформата, но ги задвижува предните тркала. Истовременео, EV3 користи батерии од четвртата генерација на KIA и ќе се нуди со батерија со капацитет од 58.3 kWh или 81.4 kWh кај Long Range варијантата.
Обете изведби користат електромотор кој испорачува 204 коњски сили и 283 Nm, кои пак овозможуваат забрзување до 100 километри на час за 7.4 секунди кај Standard Range, односно 7.6 секунди кај Long Range, како и максимална брзина од 170 километри на час. Long Range верзијата ќе може да помине до 600 километри со полни батерии, додека Kia сè уште не објавува верзијата со помала батерија ќе може да помине околу 450 километри. Истовремено кажуваат дека системот за полнење овозможува дополнување од 10 до 80% за околу 31 минута.
Инаку, серискиот Kia EV3 е директно базиран врз еден од концептите кои Kia ги покажа минатата година на EV Day. Дизајнот е робустен и влече директна линија од големиот EV9 – a тоа значи храбри и самоуверени форми со чисти линии и мазни површини. Истовремено, Kia го претстави и EV3 во GT-Line варијанта која добива поспортски браници и подинамични тркала. EV3 ќе се нуди во 9 различни бои.
Ентериерот на EV3 е едноставен, пријатен и футуристички. Kia гордо нагласува дека токму во EV3 ќе се користат технологии кои обично се резервирани за поголемите и поскапи возила. Пред возачот е поставен дигитален дисплеј од 12.3 инчи наменет за инструментите и информациите околу возењето, додека уште еден 12.3-инчен дисплеј е наменет за инфозабавниот систем.
Интересно, меѓу двата екрани EV3 добива уште еден (да, трет) дисплеј наменет за контролите за клима уредот. Kia одлучи да го следи трендот и да го намали бројот на копчиња во кабината, па повеќето се поставени на самиот управувач додека на централната конзола и на централниот гребен скоро и да нема физички прекинувачи.
Европското лансирање на EV3 се очекува во втората половина од годинава.