Поминаа помалку од две недели по дебито на новата Porsche Panamera, а производителот веќе има дополнителна причина за славење.
Од производната линија во Лајпциг, излезе два-милионитиот Porsche автомобил, прекрасната Panamera Turbo E-Hybrid во Madeira Gold металик боја. Ние имавме можност да ја посетиме фабриката на Porsche во Лајпциг кога го возевме новиот Porsche Cayenne.
Откако дебитираше во Лајпциг во 2009 година, линијата Panamera одигра клучна улога во успешната приказна на производствената локација. Со производството на втората генерација во 2016 година, фабриката за склопување беше проширена во целосна фабрика, со продавница за бои и изработка на каросериски делови.
„Ние ги произведуваме моделите во целост, од конструкцијата на каросеријата до конечното склопување. Со тоа ги поставивме темелите за нови проекти и континуиран раст”, изјави претседателот на управниот одбор на фабриката Герд Руп.
Објектот на Порше во Лајпциг, исто така прерасна во важен работодавач во централниот германски регион, со работна сила од над 4.400 работници.
Низ годините фабриката се трансформираше неколку пати, а наскоро во неа ќе се произведуваат три типа погонски единици: електрични, хибридни и со внатрешно согорување, сите на една линија.