ТЕСТ: DFSK Forthing T5 Evo 1.5 197 DCT7 Exclusive – Забележлив, динамичен, привлечен! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: DFSK Forthing T5 Evo 1.5 197 DCT7 Exclusive – Забележлив, динамичен, привлечен!

Новиот T5 EVO на DFSK се наметнува не само со богатата опрема и моќниот мотор, туку и со привлечниот дизајн!

Третиот модел на DFSK кој оваа година се најде на нашите страници е целосно-новиот Forthing T5 Evо. По достапниот Glory 500 и големиот, супер-практичен Glory 580, време е да зборуваме за нешто сосем поинакво од кинескиот производител.

Зошто поинакво? Одговорот на тоа прашање можеме да го одговориме на неколу различни начини, но ќе се задржиме на оној најзабележливиот – а тоа е дизајнот. Ако останатите модели се можеби малку конзервативни и служат кон една сосем поинаква цел, тогаш дизајнот на T5 Evo е современ, динамичен, наметлив и забележлив. Едноставно, нема шанси да не го забележите T5 Evо – особено во оваа привлечна црвена боја!

Остар, агресивен и забележлив дизајн!

Предниот дел е остар и агресивен, со шииирока и длабока предна маска која изгледа како голема челуст. На двете страни околу маската се поставени вертикалните светлосни елементи, додека над нив се тенките, хоризонтални двевни светла. Нагласената агресивност на предниот дел му дава на Т5 Evo несомнено динамичен лик и јасно и гласно кажува дека ова не е уште-еден-секојдневен-SUV, туку дека се работи за модел со повисоки амбиции.

Профилот е флуиден, со растечка карактерна линија и површини кои се прекршуваат во несекојдневни форми. Забележуваме и нагласен кровен спојлер, како и вградени кровни носачи. Крилата кријат 19-инчни тркала кои изгледаат како да би можеле да бидат барем уште еден број поголеми, но тоа најверојатно се должи на нивната трендовска црна боја. Профилот го комплетира декоративниот хромиран елемент околу стаклените површини.

На задниот дел вниманието веднаш оди кон едноделниот светлосен елемент, како и големиот заден браник со интегриран дифузер и четири завршетоци на издувниот систем. Особено ни се допаѓа и третото стоп светло кое е поставено високо во задниот спојлер, како и светлото за магла кое е поставено ниско во дифузерот.

Сè на сè – T5 Evo изгледа несекојдневно! Додека го возевме бевме честа мета на прашања за брендот, моделот и за потеклото и интересно беше да се види дека колку што „прашувачите“ беа изненадени од одговорите, толку и не беа. Секако, можете да кажете дека препознавате дизајнерски детали од овој или оној автомобил – но во реалноста, новиот SUV на DFSK изгледа самоуверено, современо и… како да е од друга планета!

Поврзано:  Евтините електрични автомобили и понатаму доаѓаат од Кина - DongFeng го лансира Nammi Box во Европа

Современа, комфорна и просторна кабина.

Кога ја отворивме вратата на T5 Evo нè пречека навистина модерна кабина. На конзолата пред возачот се поставени два екрани од по 10.25 инчи интегрирани во еден елемент.

Пред возачот се прикажуваат инструментите, додека на централната конзола се поставени мултимедијалните функционалности, итн. Имаме забелешка дека двата екрани се со различен квалитет и дека возачкиот е нијанса темен на силна дневна светлина, но затоа фукционираат прилично брзо и респонзивно. Моменталната верзија има можност за конектирање со паметен телефон преку Bluetooth или преку вградена апликација за реплицирање на екранот на телефонот на централниот дисплеј, а за понатаму се најавени и Android Auto и Apple CarPlay поврзување.

Инаку, спортските седишта се исклучително комфорни и нудат одлична поддршка и лесно се наоѓа комфорна возачка позиција. Управувачот се нагодува по височина и по длабочина, а возачкото седиште има и систем за греење како и систем за масажа. Некои од пластиките се малку цврсти, но не се груби – и тоа нè носи до следниот заклучок.

Во кабината преовладуваат амбициите на DFSK да ги издигне Forthing моделите кон едно повисоко, полуксузно ниво. Седиштата се обвиени во кожа и имаат контрастни црвени шевови и многу внимание е посветено на деталите – ситниците како карбонските детали на централната конзола, но и поважните работи како завршната обработка која е на навистина повисоко ниво. Ни се допаднаа и рачката од менувачот, како и конвенционалните контроли за клима-уредот.

На задните седишта има повеќе простор од очекуваното. Релативно долгото меѓуоскино растојание дозволува патниците на задната клупа да уживаат во навистина многу простор. Сосем комфорно ќе се возат двајца, а по потреба и тројца патници – а сите ќе уживаат во огромниот стаклен панорамски кров.

Поврзано:  Евтините електрични автомобили и понатаму доаѓаат од Кина - DongFeng го лансира Nammi Box во Европа

Низ кабината има и практични детали – како на пример држачот за мобилен телефон поставен меѓу предните отвори за вентилација и малата кукичка за торба од супермаркет поставена пред совозачот. Дискусијата за практичноста ќе ја завршиме со багажникот  – преку големата петта врата е достапен голем багажен простор со капацитет од 480 литри кои растат на одлични 1480 литри со преклопена задна клупа.

Моќен турбо-бензинец со 197 коњски сили.

Ајде малку да зборуваме за моторот. Forthing T5 Evo е придвижуван од 1.5-литарски турбо-бензинец со потекло од Mitsubishi кој испорачува одлични 197 коњски сили при 5600 вртежи во минута и 285 Nm вртежен момент при 4000 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон предните тркала преку 7-брзински DCT менувач изработен од Magna Steyr, а резултат на сето тоа е спринт до 100 километри на час кој трае 9.5 секунди и максимални 195 километри на час. За време на неколкудневното тестирање измеривме потрошувачка од нешто под 10 литри на 100 километри – со умерено возење, секако. Префрлете во Sport режим и извлечете го максимумот од тие безмалку 200 коњски сили и потрошувачката расте, но во некои разумни граници.

Од друга страна, турбо-бензинецот работи прилично мирно и рафинирано, без разлика на режимот на возење. Менувачот ги менува брзините мазно и неосетно, па целата комбинација резултира со опуштено, смирено возење. Од друга страна, кога ќе побарате, T5 Evo успева да се трансформира во подинамичен SUV – ова се должи и на мултилинк задната оска и суспензијата која успева да ја постигне рамнотежата меѓу спортска цврстина и секојдневен комфор – иако би рекле дека работите дефинитивно се понаклонети кон спортскиот карактер.

Поврзано:  Денови на електромобилност во East Gate Mall

Од свиок во свиок, T5 Evo самоуверено ја менува насоката без поголем приговор. Во оној момент кога ќе го достигнете лимтот на пневматиците, шасијата сервира безбедно и предвидливо подуправување. Секако, ова не е најспортскиот SUV на планетата, но обидот на T5 Evo да понуди динамичност е прилично уверлив.

Заклучок: T5 Evo многу добро објаснува зошто и како кинеските производители се етаблираа на пазарот

И всушност, тука некаде ќе ја завршиме дискусијата за T5 Evo. DongFeng е кинески гигант кој продава на многу пазари ширум светот и во моментов ја поставува својата европска инфраструктура. T5 Evo има многу аргументи во својот агол – од привлечниот дизајн, преку богатата опрема па сè до моќниот турбо-бензинец – има тука многу нешта кои разбирливо ги привлекуваат купувачите. Кога на сето тоа ќе ја додадеме стандардната гаранција од 3 години и 100.000 километри, односно можноста да се доплати за гаранција од 7 години и 160.000 километри, доаѓаме до навистина интересна понуда. Ако пред неколку години со скепса гледавме кон кинеските производители – денес тие се веќе етаблирани на пазарот, а моделите како T5 Evo многу добро објаснуваат зошто и како.

Спецификации

Модел: DFSK Forthing T5 Evo 1.5 197 DCT7 Exclusive
Мотор: 1.5-литарски турбо-бензинец
Моќност: 197 коњски сили / 5600 вртежи во минута
Вртежен Момент: 285 Nm / 4000 вртежи во минута
Менувач: DCT автоматски менувач со двојна спојка, 7 брзини
0-100 км/ч: 9.5 секунди
Максимална Брзина: 195 километри на час
Должина: 4565 mm
Ширина: 1860 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1690 mm
Тежина: 1500 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2715 mm
Багажен Простор: 480 – 1480 литри
Потрошувачка: 9.2 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на тестираниот модел: DFSK Forthing T5 Evo 1.5 197 DCT7 Exclusive – 27.490 Евра
Повеќе Информации: DFSK.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.