ПРЕТПРЕМИЕРА: Еве го новиот Peugeot E-3008! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕТПРЕМИЕРА: Еве го новиот Peugeot E-3008!

Официјалната премиера на новиот E-3008 е закажана за 12-ти Септември, но Peugeot веќе ги објави првите официјални фотографии!

Францускиот бренд ги објави првите фотографии од новиот E-3008 и ни подготви претпремиера пред неговото официјално претставување кое е закажано за 12-ти Септември. Супер-популарниот 3008 во својата трета генерација се трансформира во нешто сосем поинакво – од конвенционален SUV станува електрично SUV-купе и со себе носи многу новитети.

Дизајнерскиот јазик на E-3008 еволуира и ги прифаќа најновите дизајн-решенија на Peugeot – забележуваме потенки, поагресивни предни светла и по три закосени дневни светла на двете страни на предниот дел. Формата е ниска, динамична и спортска, а забележуваме и интересни, несекојдневни тркала (слични на оние на новиот 408). Профилот е нагласено купеовски, со интегрирани заден спојлер и „повеќеспратен“ заден дел со едноделен светлосен елемент и целосно-нова поставеност на иметo Peugeot и моделската ознака.

Peugeot веќе ни овозможи да погледнеме и во кабината на новиот Е-3008 и да ја видиме најновата интерпретација на i-Cockpit – и веќе знаеме дека ентериерот на E-3008 доживува слична еволуција како и екстериерот.

Со оглед на досегашната популарност на 3008, не сме воопшто изненадени дека францускиот бренд ги вложува сето знаење и сета експертиза токму во најновата генерација. Секако, своја нова итерација ќе добие и поголемиот 5008 кој ќе биде нијанса подолг и ќе ја задржи поконвенционалната SUV форма.

Новиот Е-3008 официјално ќе дебитира следната седмица, на 12ти Септември а ние ќе ги пренесеме сите детали.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.