Lamborghini ќе се натпреварува на трките за издржливост, а тоа ќе го прави во новиот SC63 LMDh тркачки автомобил со хибриден погон.
Новиот тркачки автомобил на Lamborghini има целосно-нов 3.8-литарски твин-турбо V8 кој е од старт развиен за тркање. Моторот е развиен во таканаречена Cold V конфигурација, односно турбополначите се поставени во V просторот од моторот – тоа ги подобрува перформансите благодарение на подобро ладење, а полесниот пристап прави сервисирањето да е полесно. Моторот е впарен со хибриден систем и целосниот погон испорачува (ограничени, согласно правилата) 680 коњски сили.
Истовремено, LMDh правилата наметнуваат и стандардизирани менувач, батерија и мотор-генератор. Ова е со цел трошоците да бидат релативно ниски, за да се привлечат повеќе брендови и компетитивноста да биде задржана.
Тркачкиот автомобил е дизајниран во Centro Stile дизајнерскиот центар на Lamborghini и има елементи кои се веднаш препознатливи – како на пример предните и задните светла во облик на буквата Y. Самиот автомобил е развиен во соработка со Ligier, чие искуство е искористено околу суспензијата, дистрибуцијата на тежина и лесниот пристап за одржување и сервисирање во текот на трките.
Најавено е дека SC63 наскоро ќе започне со интензивен процес на тестирање. Lamborghini ќе соработува со Iron Lynx и еден автомобил ќе се натпреварува на Светскиот Шампионат во Издржливост (World Endurance Championship – WEC) а тоа значи дека ќе се појави и на Le Mans, додека втор автомобил ќе се натпреварува на IMSA натпреварите во САД. Веќе се потврдени и неколку возачи – фабричките возачи на Lamborghini Mirko Bortolotti и Andrea Caldarelli, како и поранешните возачи во Ф1 Daniil Kvyat и Romain Grosjean.