Со новиот Mission X концепт, Porsche најавува сериски автомобил кој ќе доминира на Nurburgring.
Иако сега за сега е означен како концепт, сепак овој исклучителен електричен супер-автомобил ветува многу – и нескриени се желбите на Porsche да го преточи во сериски автомобил кој ќе биде на самиот врв на хиерархијата на германскиот бренд.
Од Porsche кажуваат дека серискиот автомобил ќе има по една коњска сила за секој килограм тежина, а сето тоа ќе биде благодарение на нова 900-волтна електрична архитектура. Сега за сега немаме информации колку коњски сили би имал серискиот автомобил, но веќе се шпекулира за некаде меѓу 1500 и 2000 коњски сили.
Истовремено, од Porsche кажуваат дека Mission X ќе има повеќе потисна сила од 911 GT3 RS – а тоа е веќе големо ветување со оглед на тоа дека екстремните аеро-компоненти на најхардкор изведбата на 911 нудат 860 килограми потисна сила при 285 километри на час.
Инаку, Porsche го откри Mission X на 75-годишнината на компанијата, и на една вечер пред овогодинешниот Le Mans – и кажуваат дека Mission X е инспириран од тркачките автомобили кои се натпреваруваат на Le Mans. И навистина – деталите и формата влечат очигледна инспирација токму од тркачките автомобили. Кабината е во стаклен „балон“ која е заштитена од карбонски „скелет“ – и целата форма асоцира на Le Mans прототиповите, но со интензивен модерен пристап.
Кабината е подеднакво исклучителна. Забележуваме контурирани спортски седишта со безбедносни појаси кои се врзуваат во шест точки. Интересен детал се контрастните бои меѓу седиштето на возачот и совозачот. Батеријата е поставена централно, односно зад седиштата – онаму каде би бил поставен моторот кај автомобил со конвенционален погон – а тоа е за да се постигне идеално неутрално управување.
Сега за сега немаме никакви технички информации околу Mission X, но од Porsche открија дека концептот е поставен на нова 900-волтна архитектура која би овозможила полнење на батериите двојно побрзо од полнењето кај Taycan – а тоа е веќе меѓу најбрзите во автомобилската индустрија.