Разбиваме Митови: Со Peugeot 308 тестираме колку троши плаг-ин хибрид на отворено! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Разбиваме Митови: Со Peugeot 308 тестираме колку троши плаг-ин хибрид на отворено!

Плаг-ин хибридните возила сè уште се реткост на нашите патишта. Причините за ова се многубројни, но во голем дел тука имаат улога и предрасудите кои владеат кај возачите кои едноставно немале можност да возат ваков автомобил. Па токму за помогнеме да се надминат овие предрасуди го земавме плаг-ин хибридниот Peugeot 308 и се упативме кон Охрид.

Пред нешто повеќе од 2 години направивме нешто слично, но тогаш со плаг-ин хибриден Jeep Compass. Овој пат сме зад управувачот на плаг-ин хибридниот Peugeot 308 (чиј тест можете да го прочитате тука) кој доаѓа со плаг-ин хибриден погон со вкупно 180 коњски сили. Тоа беше голем и висок SUV, сега сме зад управувачот на низок и поаеродинамичен хечбек.

Правила на игра

Но пред да ги разгледаме резултатите, да ги поставиме правилата на игра:

  • Рутата е од Скопје (преку Тетово, Гостивар, Стража и Пресека, па Кичево) до Охрид (поточно до самиот центар на Охрид и полначот за електрични возила на ЕВН) и потоа назад до Скопје. Со возење во двата правци ги елиминираме „наклонетостите“ кон повисока или пониска потрошувачка на било кој од двата правци.
  • Тргнуваме со што е можно понаполнета батерија. Зошто? Затоа што сакаме да мислиме дека одговорен сопственик на плаг-ин хибридно возило ќе ја наполни батеријата пред да тргне некаде на пат.
  • Возиме во согласност со максималните ограничувања на патот, односно со онаа брзина која ја дозволуваат условите. Ова го правиме за да добиеме што е можно повалидни резултати – нема ниту „да летаме“ ниту „да се влечкаме“.

Плаг-ин хибриден погон со 180 коњски сили

Набрзина да се потсетиме и на погонот на плаг-ин хибридниот Peugeot 308. Погонот кај хибридниот 308 се состои од 1.6-литарски турбо-бензинец со дополнителен електромотор и батерија со капацитет од 12.4 kWh.

Четирицилиндерскиот турбо-бензинец испорачува 150 коњски сили при 4250 вртежи во минута, како и 250 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута. Електромоторот испорачува дополнителни 110 коњски сили и 320 Nm вртежен момент. Вкупната системска моќност на овој плаг-ин хибриден погон е 180 коњски сили и 360 Nm вртежен момент.

Поврзано:  ТЕСТ: Peugeot 208 1.2 Puretech Active - Храброст и боја во градското сивило

Да возиме!

Тргнуваме од Скопје, со набрзина дополнета батерија на јавниот (и бесплатен) полнач на ЕВН поставен на паркингот пред Порта Влае. Индикаторот покажува дека батеријата е полна и дека можеме да поминеме 36 километри на струја.

Го напуштаме паркингот и низ Ѓорче Петров се упатуваме кон излезот од Скопје. Почнуваме да се движиме на автопат со максимално дозволената брзина, но E-SAVE системот е поставен да зачува најмалку 20-тина километри во батериите.

И првото прашање кое пристигнува тука е – Зошто? Затоа што кога се движиме на автопат со константна (и релативно ниска брзина од 100 до 120 километри на час) бензинскиот мотор не троши многу бензин а дополнителната помош од електромоторот уште повеќе ја намалува потрошувачката. Која е поентата во вакви услови да возиме само на струја и да ја трошиме батеријата, наместо да ја зачуваме за ситуации кога ни е повеќе потребна?

Го поминуваме правецот меѓу Тетово и Гостивар и започнуваме да се качуваме кон Стража. Веќе започнува поинтензивно да врне, но во кабината на Peugeot 308 ни е комфорно и топло. Набрзина застануваме на исклучувањето за Маврово за да направиме една фотографија и продолжуваме кон Стража.

Во овие услови доаѓа до полн израз хибридниот систем – го исклучуваме E-Save режимот и 308 лесно се искачува кон стража, батеријата совршено асистира во возењето и забележуваме потрошувачка на гориво која едвај надминува 4 литри на 100 изминати километри.

Пристигнуваме до Стража и индикаторот ни покажува дека имаме уште 8 километри во батериите. Мекиците се таму и одлични се, како и секогаш, но дождот е прилично интензивен. По кратката пауза и мекици, продолжуваме да се движиме кон Кичево.

Поврзано:  Peugeot ја комплетира електричната понуда со новиот Е-408

Префрламе во B-режим на менувачот и Peugeot 308 почнува да го користи поагресивниот систем за регенеративно сопирање и полнење на батериите. Се движиме удолу кон Кичево и полека-полека батеријата се дополнува. Не многу, но од 8 досегот на електрична енергија расте до 12 километри. Потрошувачката? 0 литри на 100 километри – удолу се движиме на струја и просечната потрошувачка полека се намалува.

Онаму каде е потребно, се движиме на струја или пак се активира бензинскиот мотор. Се наближуваме до Охрид. Во Охрид – секако – се движиме на струја и пристигнуваме до полначот во центарот на градот. На пристигнување, индикаторот покажува дека просечната потрошувачка на бензин е 3.9 литри на 100 изминати километри и дека имаме (повторно) уште 8 километри во батериите.

Едното резервирано место пред полначот секако е веќе зафатено од несовесен возач со дизелски SUV, а на другото место веќе се полни електрично возило. Имавме среќа па најдовме место веднаш до него а и кабелот за полнење ни беше доволно долг. Го приклучуваме нашиот 308 на полнач и иако започнува и во Охрид да врне одиме на кратка прошетка.

Се шетаме низ Охрид и забележуваме дека е полн странски туристи – слушаме јазици од соседните земји, но и од скандинавските и неколку азиски. По кратка прошетка по кејот на Охрид и едно кафе во едно од охридските кафулиња – како што е редот, нели – одиме да го земеме 308 и да тргнеме назад кон Скопје. За нешто повеќе од час и половина батеријата е наполнета до ¾ од капацитетот и системот покажува автономија на струја од 38 километри.

Поврзано:  ТЕСТ: Peugeot 208 1.2 Puretech Active - Храброст и боја во градското сивило

Тргнуваме кон Скопје и мизерното време и понатаму нè следи. Го танцуваме танцот со E-Save режимот и Б-режимот за поагресивно полнење на батериите по удолнции. Електромоторот го користиме како асистенција на нагорнини, за да ја минимизираме потрошувачката.

Застануваме уште еднаш на Стража (овој пат во спротивен правец) за кратка пауза и продолжуваме кон Скопје. На автопат и на рамно оставаме 308 самиот да одбере што ќе прави во неговиот Хибриден режим и се приближуваме кон Скопје.

Резултати!

Пристигнуваме во Скопје и индикаторот ни покажува дека сме поминале околу 330 километри со просечна брзина од 62 километри на час (и имајте предвид дека автомобилот некое време на неколку локации работел „во место“ за фотографирање), а борд-компјутерот ни покажува дека потрошувачката на бензин (за време на целото патување) е само 3.8 литри на 100 изминати километри!

Дополнително, потрошувачката на бензин од последното стартување, односно од Стража до Скопје е само 2.6 литри на 100 изминати километри и безмалку 50% од километрите сме ги поминале на електрична енергија – и ова го потенцираме само за да истакнеме колку е ефикасен плаг-ин хибридниот погон.

Знаеме дека плаг-ин хибридните автомобили се ефикасни, но повторно и повторно успеваат дури и нас да нè изненадат. Критичарите ќе кажат „ама немаме полначи“ (да, имаме) или „да, низ град троши малку, ама на отворено троши многу“. Па не, не баш – и еве го доказот за тоа. Да, потребна е едукација околу начинот на возење и системите кои ги користат возилата како плаг-ин хибридниот Peugeot 308, но пред фактите и боговите молчат – 3.8 литри на 100 километри е импресивно мала потрошувачка!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.