Škoda интензивно работи на новите Superb и Kodiaq – и денес објави дека новите модели успешно ги завршиле тестирањата на Арктичкиот Круг каде температурите достигнуваат негативни 30 степени Целзиусови!
Интензивните тестирања на екстремно-ниски температури се дел од стандардната програма за развој на нови вози и Škoda редовно ги тестира своите автомобили на Арктикот. Токму таму четвртата генерација на Superb и втората генерација на Kodiaq докажаа дека можат да се справат со сите зимски предизвици. Според информациите кои пристигнаа од Škoda, секој дел на возилата бил тестиран – шасијата, каросеријата, системите за загревање и целиот електричен систем. Главниот фокус на ова тестирање е на стабилноста во возењето, комфорот на патниците во вакви екстремни услови и доверливоста на автомобилите за време на долги зимски патувања.
Со цел да ги анализира перформансите на возилата во зимски услови, Škoda го разгледува ефектот кој снегот го има на каросеријата, како и ефектот кога снегот ќе навлезе во просторот за моторот и отворите за воздух – и сите механички функции, како и целата електроника на возилото мора да функционира беспрекорно дури и кога е минус 25 степени, а возилото мора да стартува без проблеми дури и кога надвор е -30 степени. Сите врати, поклопецот на моторот, поклопецот на багажниот простор, капачето на отворот за полнење гориво и капачето на приклучокот за полнење на електрична енергија на плаг-ин хибридите мораат да работат беспрекорно во такви услови.
Истовремено, се тестира однесувањето на возилото во реални услови – на пример, како се снаоѓа автомобилот со промена на подлогата, како се снаоѓа со разводенет снег или пак што се случува кога некој од браниците ќе удри во снежна бариера. Секако, се тестира и робустноста на суспензијата и заштитата под возилото. Се проверуваат и системите за асистенција, перформансите на погонот на сите четири тркала, менувачот, комфорот во возилото, перформансите на батериите на ниски температури, итн. За сето ова се поминати повеќе десеттици илјади километри!
Но се тестираат и системите во кабината – системот за загревање на кабината, замаглувањето и одмаглувањето на стаклените површини, загревањето на управувачот, седиштата, надворешните ретровизори и стаклените површини, итн…
Со завршувањето на тестирањето на екстремно-ниски температури, тестирањето на новите Superb и Kodiaq влегува во финалната фаза пред нивната официјална премиера оваа есен.