ТЕСТ: Škoda Kodiaq 2.0 TDI 200 4×4 DSG Sportline – Спортски карактер за големиот чешки SUV – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Škoda Kodiaq 2.0 TDI 200 4×4 DSG Sportline – Спортски карактер за големиот чешки SUV

Škoda неодамна подготви освежување за својот најголем SUV. Но што добиваме, ако кога го нарачуваме Kodiaq, ја одбереме опцијата Sportline?

Кога пред повеќе од 5 години за прв пат седнавме зад управувачот на Kodiaq, сегментот во кој најголемиот SUV на Škoda се натпреваруваше и не беше толку густо пополнет. За волја на вистина, Kodiaq и ден-денес нема премногу конкуренти, особено кога ќе побараме конкурент кој ја нуди истата комбинација од просторност, практичност и ме-бива-за-сè пристапот на чешкиот бренд.

Денес сме тука да зборуваме за освежениот Kodiaq. Кога Škoda го најави фејслифтот на големиот SUV, јасно беше дека освежувањето ќе биде одмерено и внимателно – бидејќи и немаше преголема потреба од некакви драстични измени.

Внимателни и одмерени естетски корекции – но Sportline пакетот наметнува поинаков став

Естетските корекции се внимателни и се со цел да го подигнат визуелниот впечаток кој Kodiaq го остава. Линиите се и понатаму остри, но доволно различни за новиот Kodiaq да биде препознатлив како нов.

Забележуваме редизајнирани предни светла кои повторно се дводелни, но сега се со нијанса покомплексна форма. Редизајнирана е и предната маска која сега е поостра, како и браникот кој е покомплексен и подлабок.

Профилот е воглавно неизменет, а главната измена на задниот дел ја препознаваме во редизајнираните задни светла кои сега имаат поинаква графика. Истовремено, достапни се и нови тркала.

Но вистинското изненадување доаѓа во форма на Sportline пакетот. Тука веднаш препознаваме поисфрлен преден браник со визуелно подлабоки отвори за воздух и црна предна маска на ладилникот (која во нашите очи изгледа значително подобро од хромираната достапна кај обичниот Kodiaq).

Црни се и страничните ретровизори и декоративните елементи околу страничните прозорци. Единствениот хромиран детал (кој воедно ни е и малку нејасен) е декоративниот елемент во задниот браник кој најверојатно би требало да изгледа како завршеток од издувен систем. Ние и тој би го офарбале црн.

Нашиот тестен примерок дојде во целосна црно-на-црно-на-црно конфигурација, во комбинација со двобојни 20-инчни тркала. Иако обично не сме фанови на двобојни (поточно на таканаречените diamond-cut) тркала, сепак мораме да признаеме дека ваквиот Kodiaq Sportline изгледа наметливо, самоуверено и скапоцено.

Кабината во која преовладува чувството на просторност и светлина.

Ајде да одиме внатре. Ја отвораме вратата и нè пречекува кабина каде владее чувство на просторност и светлина. Тоа се должи и на дарежливите димензии на Kodiaq, но и на големиот стаклен кров (кој се отвора!) кој дозволува мноооогу светлина да влезе во кабината.

Поврзано:  Спортска елеганција - новиот Skoda Superb добива Sportline пакет

Се сместуваме во спортските седишта кои не само што изгледаат одлично, туку и нудат извонредна странична поддршка. Забележуваме контрастни шевови на управувачот, рачката од менувачот и на уште неколку места. Ни се допаѓаат и „карбон“ пластиките на конзолата пред возачот и совозачот.

Пред возачот се поставени целосно-дигитални инструменти со неколку различни режими на приказ, додека на централната конзола е поставен мултимедијален уред со „сите нишани“, како и безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување.

Под мултимедијалниот уред се физичките контроли за клима уредот, а во просторот околу возачот и совозачот има навистина многу места за одлагање ситници. Материјалите во кабината се прилично добри и навистина немаме посебни забелешки. Од друга страна, ќе ги пофалиме ситните детали кои навистина прават (барем за нас) разлика – на пример, џебовите во вратите се обложени со тапацир, што пак спречува ситниците кои ќе ги ставите во нив да тропкаат. Ситен, но сепак важен детал.

Секако, бидејќи зборуваме за Skodа – просторната понуда на задната клупа е… Завидна. Односно, некои значително поголеми и поскапи конкуренти можат да позавидат на просторот кој го нуди Kodiaq. На задната клупа комфорно ќе се сместат двајца (па и тројца) патници кои благодарение на хектарите простор достапен за нозете и главите ќе можат комфорно да патуваат и кон подалечни дестинации.

А кога сме кај патувањето, во зависност од конфигурацијата ќе имате на располагање меѓу одлични 720 литри и неверојатни 2065 литри багажен простор. Мислам дека не би имале проблем да го сместите целиот багаж, нели?

Моќен 2-литарски турбодизел, автоматски менувач и погон на сите четири тркала

Ајде сега да зборуваме за моторот. Под предниот поклопец на нашиот тестен модел се крие најновата итерација на 2-литарскиот TDI на Volkswagen групацијата кој во оваа конфигурација испорачува 200 коњски сили при 3500 вртежи во минута и моќни 400 Nm од 1750 до 3000 вртежи во минута. Преведено – тоа значи дека моќниот Kodiaq неуморно забрзува во скоро секој режим – едноставно притиснете ја педалата за гас и Kodiaq граби нанапред.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Škoda го претстави целосно-електричниот Elroq

Силата ја пренесува кон сите четири тркала преку DSG менувач со двојна спојка, а сето тоа всушност значи забрзување до 100 километри на час за 7.7 секунди и максимални 218 километри на час. Не е лошо за автомобил во кој комфорно ќе можете да сместите уште еден, помал автомобил.

Немаме особени забелешки ниту на потрошувачката – бидете внимателни и во град ќе потрошите меѓу 8 и 9 литри на 100 изминати километри. Бидете поагресивни со десното стапало и потрошувачката ќе достине и до 10 литри на 100 изминати километри – но да бидеме искрени, тоа е повеќе од одлично. На отворен пат потрошувачката едвај надминува 7 литри на 100 изминати километри.

Како е зад управувачот? Би рекле како што и очекуваме од еден SUV кој се обидува да биде на средина меѓу цивилните изведби на Kodiaq и фул-фет RS изведбата. Префрлете во Sport режим и управувањето станува нијанса потешко и попрецизно а одзивот на педалата за гас станува поостар.

Од свиок во свиок, Kodiaq како да се смалува и да станува помал и поагилен – и покрај неговите димензии и тежината од 1.7 тони. Свој придонес тука има големите тркала и спортските Continental SportContact SUV пневматици кои ги имаше нашиот тестен модел кои едноставно одбиваа да „пуштат“.

И сигурни сме дека сега ќе речете дека со толкави тркала „вожњата“ е сигурно камен – и ќе згрешите. И покрај тоа што конкретниот тестен модел не беше опремен со адаптивна суспензија (која е достапна, секако), Kodiaq Sportline прилично мирно се движеше по нашите улици и успеваше да ги исфилтрира и поситните и покрупните нерамнини. Во ред, сигурно би бил покомфорен со помали тркала и „помесести“ гуми – но тогаш не би бил Sportline.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Škoda Kodiaq RS е огромен спортски семеен SUV со 265 коњски сили!

Kodiaq Sportline е намерно поинаков – и оние кои ќе го препознаат тоа и ќе го ценат тоа, ќе уживаат во неговиот карактер.

Всушност, токму тука ја наоѓаме вистината за Kodiaq Sportline. Најверојатно за некои ваквиот модел е контрадикторен самиот по себе. За тие, тука е „обичниот“ Kodiaq кој ќе го понуди истото што го нуди Kodiaq Sportline – но на нијанса поцивилизиран, помалку-екстровертен начин. Што би одбрале ние? Нам навистина ни се допадна Kodiaq Sportline – и поголемите тркала, и спортските детали, и фантастичните спортски седишта… Kodiaq Sporline има свој, засебен карактер кој му дава нова, поинаква и возбудлива искра на зрелиот, практичен SUV.

Спецификации

Модел: Škoda Kodiaq 2.0 TDI EVO 200 4×4 DSG Sportline
Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 200 коњски сили / 3500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 400 Nm / 1750 – 3000 вртежи во минута
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 7 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 7.7 секунди
Максимална Брзина: 218 километри на час
Должина: 4697 mm
Ширина: 2087 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1681 mm
Тежина: 1690 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2790 mm
Багажен Простор: 720 – 2065 литри
Потрошувачка: 8.7 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Škoda Kodiaq 1.5 TSI 150 MT6 Ambition – 33.110 Евра
Цена на тестираниот модел: Škoda Kodiaq 2.0 TDI EVO 200 4×4 DSG Sportline – 54.230 Евра
Повеќе Информации: Skoda.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.