ТЕСТ: Toyota Corolla Sedan 1.8 Hybrid GR Sport – Дискретно аGRесивна – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota Corolla Sedan 1.8 Hybrid GR Sport – Дискретно аGRесивна

Како и кај другите модели, Toyota воведе доза на спортска агресивност кај Corrola со GR Sport линијата, а ние ја искористивме можноста и самите да дознаеме колку е екстензивна трансформацијата од Corolla во Corolla GR Sport.

Toyota со задоволство го „јава бранот“ на популарност на „полномасните“ GR модели. По лансирањето на GR Yaris, GR Corolla и GR 86, Toyota ужива во одличните реакции на автомобилските ентузијасти ширум светот и ја користи енергијата која овие модели ја будат кај фановите. Па зошто да не понуди една GR-лајт варијанта која ќе ги искористи познавањето и експертизата, но во една нијанса поцивилизирана варијанта?

И токму затоа, денес зборуваме за Corolla GR Sport. Ова не е прв пат модел со ознаката GR Sport да се појави на нашите страници – пред околу година и половина зборувавме за C-HR GR Sport, а денес сме тука да зборуваме за GR Sport изведбата на најпродаваниот автомобил на сите времиња – Corolla.

Изненадувачки (или можеби и не), моделот за кој ќе зборуваме е Corolla GR Sport, но во седанска варијанта. Помалку конзервативниот дизајн добива грст измени кои го трансформираат во забележително поаГРесивен (забележавте што направивме таму?) седан кој многу посамоуверено ги истакнува талентите на шасијата на Corolla.

Трансформацијата од Corolla во Corolla GR Sport резултира со самоуверен, динамичен став

Трансформацијата започнува со уникатната сива боја која е резервирана токму за Corolla GR Sport. Продолжува со поголемите, 17-инчни двобојни тркала со црвен прстен во средината, а се заокружува со црните детали околу целиот автомобил и дискретниот заден спојлер.

Црна е лајсната меѓу предните светла, црни се и декоративните елементи во предниот браник, страничните ретровизори, лајсните околу прозорците и малите црни декоративни елементи на вратите и лајсната меѓу затемнетите задни светла. Дискретниот заден спојлер во боја на каросеријата, но најверојатно не би ни пречело доколку и тој е во црна боја. Секако, тука се и неизбежните GR Sport значки.

Сето ова на Corolla едноставно ѝ го менува ставот и таа добива значително подинамичен, посамоуверен став, без притоа да мора да се посегне по непотребно агресивни и вулгарни каросериски измени – како што треба.

Поврзано:  RAV-X е робусна верзија на Toyota Rav4

Добро-позната, но забележително попривлечна кабина

Ја отвораме вратата и нè пречекува кабина која веќе ни е добро позната – но веднаш забележуваме неколку измени кои се дел од GR Sport пакетот. Веднаш го забележуваме управувачот кој е обвиен во делумно-перфорирана кожа, а има и црвени шевови. Ваквите ситни детали ги има на повеќе места низ кабината, но највеќе внимание привлекуваат одличните GR Sport седишта.

Спортски-профилираните седишта се обвиени во специјален GR Sport материјал со спортски дизајн и нудат навистина одлична поддршка. Делумно се обвиени во кожа а делумно во штоф и едноставно мораме да ги пофалиме – инженерите на Toyota идеално ги погодиле! Нè радува дека и задната клупа добива ваков третман, па во кабината дефинитивно се забележува GR Sport третманот.

Инаку, ова е онаа добра Corolla која веќе ја познаваме – кабината е практична, прегледна и лесна за користење. Сите команди се онаму каде очекуваме да бидат и лесни за користење, има многу места за одлагање дребулии, а на задната клупа има сосем доволно простор за двајца патници. Мооожеби и тројца, ако малку се потстиснат. Материјалите во кабината се воглавно квалитетни и издржливи и само ако побарате „длабоко“ во ентериерот ќе наидете на груби и цврсти пластики.

Немаме забелешки ниту за багажниот простор – Corolla Sedan нуди багажен простор со капацитет од 470 литри и единствената забелешка која ја имаме тука е стандардна и кај другите вакви автомобили – носачите од поклопецот на багажникот навлегуваат во самиот багажен простор, па ќе треба нијанса повеќе да „планирате“ кога ќе го редите багажот.

Поврзано:  RAV-X е робусна верзија на Toyota Rav4

Добро-познат ефикасен хибриден погон

Нашиот тестен модел го придвижуваше добро-познатиот 1.8-литарски хибриден погон на Toyota кој во оваа конфигурација испорачува системски 122 коњски сили (и 142, односно 163 Nm вртежен момент од моторот со внатрешно согорување и електромоторот) кои преку e-CVT бесстепен автоматски менувач ги пренесува кон предните тркала. Веќе сме зборувале многу за овој погон и тој продолжува и понатаму да нè импресионира како со перформансите, така и со потрошувачката. Corolla Hybrid забрзува до 100 километри на час за рамно 11 секунди и достигнува максимални 180 километри на час. За потрошувачката скоро и да не треба да зборуваме – низ град очекувајте околу 5 литри на 100 километри.

Но дали Corolla GR Sport ја заслужува својата GR Sport ознака? Да, во ред, ќе признаеме дека 1.8-литарскиот хибрид не е највозбудливиот погон на светот, но перформансите се повеќе од адекватни, а шасијата на Corolla повторно успеа да нè изненади – од свиок во свиок, Corolla верно ги следи насоките, иако е повеќе ориентирана кон комфорот отколку спортското возење. Вистината е дека инженерите на Toyota одлично си ја завршиле работата „во старт“ па на Corolla не ѝ се потребни дополнителни хируршки интервенции за да може да го извлече максимумот од „хардверот“. Па да – ќе речеме дека GR Sport ознаката е сосем заслужена.

Трансформацијата во Corolla GR Sport е дискретна, ненаметлива и зрела

Интересно е да се види и да се препознае колку малку е потребно за целосно да се трансформира карактерот на еден автомобил. Поголеми фелни ваму, црни детали таму, поубави седишта во кабината – и Corolla станува посериозна, посамоуверена и објективно поинтересна. И сето тоа го прави дискретно, ненаметливо и зрело. Дискретно аГРесивна. Сега забележувате што направивме, нели?

Поврзано:  RAV-X е робусна верзија на Toyota Rav4

Спецификации

Модел: Toyota Corolla Sedan 1.8 Hybrid GR Sport
Мотор: 1.8-литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри + електромотор
Моќност: 122 коњски сили / 3500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 142 Nm од МВС, 163 Nm од електромотор
Менувач: Автоматски безстепен CVT
Забрзување 0-100 км/ч: 11 секунди
Максимална Брзина: 180 километри на час
Должина: 4630 mm
Ширина: 1780 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1435 mm
Тежина: 1310 kg
Меѓуоскино Растојание: 2700  mm
Багажен Простор: 471 литри
Потрошувачка: 5.2 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Toyota Corolla Sedan 1.5 123 6 M/T  – 21.990 Евра
Цена на тестираниот модел: Toyota Corolla Sedan 1.8 Hybrid e-CVT GR Sport – 35.990 Евра
Повеќе Информации: Toyota.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.