Десетте најчитани тестови на нови автомобили во 2022! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Десетте најчитани тестови на нови автомобили во 2022!

Како што привршува 2022, ја заокружуваме со 26 тестови на различни автомобили – но кои беа најчитаните тестови изминатава година?

Годинава одлучивме да направиме нешто ново и отсега да го правиме на крајот на секоја година. И тотално не ја украдовме идејата од колегите од Top Gear. Нејсе, ги отворивме статистиките и броевме, броевме…

Откако изброивме, ги препроверивме (и препроверивме) резултатите – и со задоволство можеме да ја презентираме првата официјална CARclub Листа на Најчитани Тестови на Нови Автомобили.

10. Range Rover Evoque

Во Октомври го објавивме нашиот тест на освежениот Range Rover Evoque. Најмалиот член на Range Rover семејството покажа дека е особено интересен за нашите купувачи, а комбинацијата од одличен дизајн, врвни технологии и надградени погонски едници е одлична причина за тоа.

ТЕСТ: Range Rover Evoque SE D165 AWD A9 MHEV – Полесен, помоќен, подинамичен, порафиниран, подобар!


9. Alfa Romeo Tonale

Новиот SUV на Alfa Romeo нè маѓепса со привлечниот дизајн, модерната и луксузна кабина и врвните технологии. Првиот електрифициран модел на Alfa Romeo стартува нова ера за италијанскиот бренд.

ТЕСТ: Alfa Romeo Tonale 1.5 MHEV 130 FWD Edizione Speciale – Нова ера за Alfa Romeo!


8. Skoda Karoq Sportline

Skoda ретко прави грешки, а Karoq е уште еден модел каде нештата се одлично-погодени. Со освежувањето на Karoq, Skoda уште повеќе ги истакна неговите силни атрибути, а Sportline изведбата му дава една сосем поинаква димензија на чешкиот SUV.

ТЕСТ: Škoda Karoq 2.0 TDI 150 Sportline – Практичен спортски SUV кој цели високо над својата класа.


7. Toyota Corolla Cross

Иако Corolla Cross неодамна се појави на нашите страници, сепак остави силен впечаток кај нашите читатели. Новиот модел е многу поблиску до големиот Rav4 отколку до Corolla и Toyota повторно покажува дека е апсолутен и неприкосновен лидер на пазарот кога станува збор за хибридните модели.

ТЕСТ: Toyota Corolla Cross 2.0 HEV 2WD Executive Plus – Познато име, познат суфикс, нова интерпретација


6. Citroen C5 X

Новиот, голем и несекојдневен C5 X ни покажа дека Citroen сè уште е различен и иновативен. Големиот плаг-ин хибриден Citroen им „оди контра“ на етаблираните конкуренти и јасно, гласно и храбро кажува дека работите можат да се прават и поинаку.

ТЕСТ: Citroën C5 X Hybrid 225 S&S ë-EAT8 SHINE – Самоуверено поинаков!


5. Opel Astra Ultimate

Opel темелно се трансформира и токму новата, нова-нова Astra е кулминацијата на таа трансформација. Opel ги остава конзервативните модели зад себе и настапува со нов дизајн кој цели кон помладите купувачи и технолошки решенија кои гледаат цврсто кон иднината.

ТЕСТ: Opel Astra 1.5D 130 AT8 Ultimate – Убедлив стремеж кон врвот на сегментот


4. Peugeot 308 1.5 BlueHDI GT

Со новиот 308, Peugeot ја демонстрира својата експертиза. Новиот 308 се наметнува како со својот дизајн, така и со иновативните решенија во кабината, огромното внимание посветено кон најситните детали, како и различните погонски опции.

ТЕСТ: Peugeot 308 GT 1.5 BlueHDI 130 EAT8 – Мајсторско внимание кон деталите.


3. Kia Ceed GT-Line

Со спортската, GT-Line изведба на Ceed, Kia покажува дека сè уште има простор на пазарот за вакви похрабри модели. Комбинацијата од моќен турбо-бензинец и вистинска забава зад воланот едноставно се наметнува како интересна.

ТЕСТ: KIA Ceed 1.5 T-GDI 160 GT Line – Подобар, помоќен, побрз!


2. Kia Sportage Reference 3

Најновата генерација на супер-популарниот и супер-успешен SUV на Kia едноставно мораше да се рангира високо – нашите купувачи го сакаат Sportage и веќе со години традиционално е еден од најпродаваните модели во Македонија. Најновата генерација може да се пофали со огромен чекор нанапред од скоро секој аспект.

ТЕСТ: Kia Sportage 1.6 T-GDI 150 Reference 3 DCT7 – Референтна точка во класата.


1. Peugeot 408

Иако е еден од последните автомобили кои ги возевме годинава, токму новиот Peugeot 408 успеа да се избори за првата позиција – најчитан тест на CARclub.mk во 2022! Новиот, храбар и неочекуван дизајн на 408 ги привлече нашите читатели, па сега со нетрпение го чекаме да пристигне и кај нас во Македонија.

ВОЗЕВМЕ: Меѓу првите во светот сме зад управувачот на новиот Peugeot 408!


Ова беше првото издание на CARclub Листа на Најчитани Тестови на Нови Автомобили. Ви благодариме за вниманието и за времето кое го одвојувате за нас. Продолжите да нè читате!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.