ПРЕМИЕРА: Новиот S63 Hybrid на Mercedes-AMG има 802 коњски сили и 1430 Nm вртежен момент! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Новиот S63 Hybrid на Mercedes-AMG има 802 коњски сили и 1430 Nm вртежен момент!

Големиот и луксузен супер-седан на Mercedes-AMG забрзува до 100 километри на час за само 3.3 секунди!

Знаменосецот на Mercedes-Benz (односно Mercedes-AMG) го задржува потентниот 4-литарски твин-турбо V8 за својата најмоќна изведба, но во оваа конфигурација соработува со електромотор и батерии за навистина импресивни бројки и перформанси. Не е незабележлива ниту тежината – големиот Mercedes AMG S63 Hybrid тежи 2595 килограми и ќе биде достапен само во Long верзија со продолжено меѓуоскино растојание.

4-литарскиот твин-турбо V8 испорачува 612 коњски сили и 900 Nm вртежен момент, но кога на тоа ќе се додаде батерија со капацитет од 13.1 kWh и електромотор кој испорачува дополнителни 190 коњски сили резултатот е скоро неверојатни 802 коњски сили и 1430 Nm вртежен момент. Перформанси? Како звучат 100 километри на час за 3.3 секунди, како и електронски ограничена максимална брзина од 250 километри на час кои растат на 290 километри на час доколку одлучите да го нарачате AMG Driver’s Package пакетот.

Големиот седан е поставен на воздушна суспензија, а има и електромеханички стабилизатори, адаптивни амортизери, управување на задната оска, карбон-керамички сопирачки и активни носачи на моторот. Секако, има и визуелни елементи – препознаваме подлабоки браници со големи отвори за воздух, огромни 20 или 21-инчни ковани тркала, големи завршетоци на издувниот систем и грст други ситни детали. Интересен детал е дека го нема „нишанот“ на поклопецот на моторот туку има значка која нагласува дека возилото доаѓа од Affalterbach, домот на Mercedes-AMG.

Секако, кабината и понатаму е супер-луксузна, но со дискретни AMG модификации и детали. Во ентериерот и понатаму има четири седишта, а сите се обвиени во најлуксузна кожа но добиваат AMG детали и шевови, како и AMG логоа. Дигиталните екрани добиваат специјални AMG ознаки. S63 добива и засебен AMG управувач со селектор за режим на возење и возачот ќе може да избере меѓу Electric, Comfort, Battery Hold, Sport, Sport+ и Invidivual.

Поврзано:  Mercedes-AMG PureSpeed е брзински ултра кул кабриолет


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.